Кога го бараме основниот настан меѓу предвесниците на МАНУ, го свртуваме вниманието, пред сѐ, на формирањето на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург (28.10.1902 г.), на чело со Крсте Мисирков, Димитрие Чупоски, Стефан Дедов и Дијамантија Мишајков, со останатите десетина (вкупно 19) негови членови и истомисленици од македонски студенти – студенти емигранти во тогашната руска престолнина и со објавувањето, во истата 1902 година, на познатиот МЕМОРАНДУМ на ова Другарство до Руската влада, што претставува прва македонска национална програма и кое може со право да се нарече прва македонска научна институција од највисок ранг, до создавањето на МАНУ;
Потоа следат:
- Донесувањето на Законот за Македонската академија на науките и уметностите (У. Бр. 18/67 од 23 февруари 1967 година) во Собранието на СР Македонија.
- Формирањето на Комисијата за избор на членови на МАНУ, во состав: д-р Милан Бартош, потпретседател на САНУ, претседател, д-р Блаже Конески, редовен професор на Филозофскиот Факултет во Скопје, потпретседател, д-р Харалампие Поленаковиќ, редовен професор на Филозофскиот Факултет во Скопје, секретар, д-р Мирослав Каршулин, генерален секретар на ЈАЗУ во Загреб, член, д-р Братко Крефт, редовен член на САЗУ, член, Анте Бабиќ, редовен член на АНУБиХ, член, д-р Ксенте Богоев, ректор на Скопскиот универзитет.
- Комисијата предложила список од четиринаесет кандидати за редовни членови. Списокот бил утврден на првата седница на 26 април 1967 година.
- На втората седница одржана на 18 август 1967 година во Уранија, тогаш Народен музеј, во Охрид за редовни членови на МАНУ се избрани: Михајло Апостолски, д-р Димитар Арсов, Васил Илјоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Никола Мартиноски, Кирил Миљовски, Димитар Митрев, д-р Михајло Петрушевски, д-р Харалампие Поленаковиќ, д-р Благој Попов, д-р Петар Серафимов, д-р Георги Филиповски и Ацо Шопов.
- Првото годишно собрание на МАНУ, одржано на 10 октомври 1967 година, донесувањето на првиот Статут, како и изборот на раководство на академијата: претседател акад. Блаже Конески (с. Небрегово, 19.12.1921 – Скопје, 7.12.1993), потпретседател акад. Харалампие Поленаковиќ (Гостивар, 17.1.1909 – Скопје, 15.2.1984), секретар акад. Ѓорѓи Филиповски (с. Соровиќ, Леринско, 6.5.1919), членови на Претседателството и на Извршниот одбор… На него е донесена програмата за работата на академијата и научните и свечените собири, за времето на нивното одржување и е одреден првиот научен собир посветен на големото дело на браќата Кирил и Методиј.
Така почна редовната дејност на Академијата.