Одделение за природно-математички и биотехнички науки
Во Одделението за природно-математички и биотехнички науки се застапени следниве научни области: математика, физика, хемија, биологија, технологија, земјоделски науки, и други природни и биотехнички науки.
Членови на Одделението се:
- Дончо Димовски (математика)
- Владо Матевски (ботаника)
- Глигор Јовановски (структурна хемија)
- Бојан Шоптрајанов (хемија)
Област на работа: Математика (алгебра, геометриско-комбинаторна топологија)
Акад. Дончо Димовски
Институции: Редовен професор на Природно-математичкиот факултет, Институт за математика во Скопје
Биографија
Академик д-р Дончо Димовски е роден на 1 октомври 1954 г. во Битола, каде што го завршува основното и средното образование. Во учебната 1973/74 г. се запишува на Математичката група на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломира во јуни 1976 г., за помалку од три години, со успех 9,48, со дипломска работа “Адитивни полугрупи на цели броеви”, под менторство на проф. Ѓорѓи Чупона, објавена во Прилози на МАНУ во 1977 година. Во 1979 година ги завршува магистерските студии на Математичкиот факултет во Скопје, со одбрана на магистерската работа „P-локализација на 1-сврзани CW-комплекси“, под менторство на проф. Смилка Здравковска. Во септември 1980 г. се запишува на докторски студии на Државниот универзитет на Њујорк во Бингамтон, САД, а докторира во мај 1983 г. со одбрана на докторската дисертација “Non-simply connected Casson Handles”, под менторство на проф. Ros Gegen, а неговата дисертација е наградена како најдобра во таа година н Универзитетот.
Од 1976 до 1977 година работи како стручен соработник на Математичкиот институт со нумерички центар во Скопје. Од 1977 до 1980 работи како асистент на Математичкиот факултет во Скопје. Од 1980 до 1983 година е студент на докторски студии во САД. Од 1984 до 1989 година работи како доцент, од 1989 до 1994 година како вонреден професор и од 1994 година до денес работи како професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во летниот семестар во 1990 година е визитинг-професор на Универзитетот Корнел во САД. Исто така, во досегашната 40-годишна наставна дејност изведувал настава на додипломските и постдипломските студии и на универзитетите во: Битола, Приштина и Штип.
Студиски престои реализирал на: Универзитетот во Мичиген, Ан Арбор, САД; Универзитетот на Тенеси, Ноксвил, САД; Истражувачкиот институт за математички науки, (МСРИ) Беркли, САД; Математичкиот центар Стефан Банах, Варшава, Полска; Универзитетот во Бингамтон, САД; Математичкиот центар во Оберволфах, Германија; Универзитот Карлетон, Канада; Математичкиот институт, Љубљана, Словенија; Универзитетот во Софија, Бугарија; Универзитетот во Варшава, Полска; Универзитетот Хајделберг, Германија; Универзитетот Бангор, Велс.
Неговата научна дејност опфаќа: геометриско-комбинаторна топологија (специјално: 4-многуобразија, јазли и сплетови); еднопараметарска теорија на фиксни точки; хомогени компакти; динамички системи; и алгебарски, тополошки и комбинаторни векторско вредносни структури, со соодветни примени во физика, статистика и информатика. Акад. Дончо Димовски е автор на повеќе од 85 научни и 20 стручни трудови, како и на две монографии. Добитник е на наградата „Гоце Делчев” за 1989 г., за резултатите добиени од областа на векторско вредносните алгебарски, тополошки и комбинаторни структури. Во 2014 година, прогласен е за еден од дестетте најдобри научници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за научни достигнувања во 2013 година.
Одржал предавања по покана на повеќе универзитети во Европа и САД. Остварил учество на повеќе од 80 меѓународни научни математички собири, а на повеќе од 20 од нив по покана на организаторот. Ментор на 11 докторски дисертации, од кои 9 од Македонија, една од Србија и една од Косово. Ментор на 30 магистерски работи. Член во комисии за 20 докторски дисертации и 18 магистерски работи.
Соработувал во научно-истражувачки проекти (некои од кои работени при МАНУ). Раководител бил на неколку научно-истражувачки проекти, од кои еден меѓународен (со Словенија), финансирани од Министерството за наука. Соработник бил во работата на проектот „Улогата на природните науки во образовниот процес”, финансиран од UNESKO. Координатор за Македонија на ДААД проектот Center of Excelence for application of Mathematics (1990 до 2016) и на ТЕМПУС проектот: „Докторски студии по математика во Југоисточна Европа“ (2008-2011).
Член на: Сојузот на математичарите на Македонија и на неговиот управен одбор (СММ); Американското математичко друштво (АМЅ); Балканскиот математички сојуз и на неговиот извршен одбор (МАССЕЕ).
Акад. Дончо Димовски бил референт на списанието Mathematical Reviews; главен и одговорен уредник на Математика Македоника; уредник на Математички билтен; уредник и главен уредник на списанијата Сигма и Нумерус. Рецензент е на статии од кои во некои се цитирани негови трудови, во Fixed point theory and its applications, Topology, Pac. J. Math, Algebraic and geometric topology, Forum Math., Semigroup Forum.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметносите е избран на 27 мај 2009 година.
Датум на раѓање::01.10.1954
Место на раѓање::Битола
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email.:donco@iunona.pfm.ukim.mk
Област на работа: Ботаника (систематика и филогенија на виши растенија и фитоценологија)
Акад. Владо Матевски
Институции: Редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Владо Матевски е роден на 4 декември 1953 година во Г. Црско, Кичевско. Основното и средното образование го завршил во Кичево. Во учебната 1972/73 година се запишал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, група биологија а дипломирал во 1977 година. Магистерскиот труд “Таксономија и хорологија на родот THYMUS L. во Скопската Котлина” го одбранил на Биолошкиот факултет во Скопје (1982), додека докторската дисертација “Таксономија и хорологија на Sect. MARGINATI (A. Kerner) A.Kerner од родот THYMUS L. во флората на СР Македонија” под менторство на акад. Кирил Мицевски, ја одбранил на Природно-математичкиот факултет во Скопје (1987).
Во 1980 година се вработил како приправник на Ботаничкиот институт при Биолошкиот факултет во Скопје, за асистент е избран во 1983 година, за доцент по група предмети од областа на систематиката и филогенија на вишите растенија е избран во 1988 година, за вонреден професор (1993), за редовен професор (1998) и во истото звање е реизбран во 2003 година. Бил раководител на Ботаничкиот завод со Ботаничка градина (1993–1995), а во текот на 1995 година ја вршел функцијата шеф на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во периодот 1995–1997 година бил продекан за настава и наука на Природно-математичкиот факултет во Скопје, раководител на двопредметните студии биологија–хемија (1997-1999), а во 2001–2003 година, член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
За време на изработката на магистерската работа и докторската дисертација престојувал на студиски престои во повеќе наврати во Австрија – Naturhistoriches Museum Виена (1979-1985). Бил на студиски престои на Биотехничкиот факултет на Универзитетот во Љубљана, Хербариумот на Земаљскиот Музеј во Сараево, Ботаничкиот завод на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, и други. Посебно треба да се издвои неговата долга и плодна соработка со колегите од Биолошкиот институт „Јован Хаџи“ при ЗРЦ, САЗУ, Љубљана, каде што долги низ години, престојува во оваа институција, во рамките на заедничките билатерални македонско-словенечки проекти. Како член на државна делегација, во својство на претседател на Националниот комитет за биолошка разновидност на Република Македонија престојувал на V. конференција на земјите потписнички на Конвенцијата за биолошка разновидност во Најроби, Кенија (2000). Бил претседател и секретар на Сојузот на друштвата на биосистематичарите на Република Македонија, како и Претседател на Националниот комитет за биолошка разновидноста на Република Македонија.
Учествува во неколку интернационални научни ботанички асоцијации (OPTIMA, Источно алпско-динарско друштво за проучување на вегетацијата и други), национални друштва (Друштво на биолозите на Република Македонија, Македонско еколошко друштво) и други. Бил член во научниот одбор на разни меѓународни научни манифестации (VI, VII и VIII симпозиум за флората на Југоисточна Србија и соседните подрачја, III – от балкански ботанички конгрес во Сараево (2003), IV – от балкански ботанички конгрес во Софија (2006), V- от балкански ботанички конгрес во Белград (2009), VI- от балкански ботанички конгрес во Риека (2015), симпозиумот на Источно алпско-динарско друштво за проучување на вегетацијата – Оточец, Словенија (2003), и други. Член е на интернационалниот Уредувачки одбор на научното списание Прилози (MANU, Одделение за Приридоно-математички и биотехнички науки и Одделение за медицински науки), Hacquetia (Словенија), Natura Montenegrina (Црна Гора), Phytologia Balcanica (Бугарија), Biologica Nyssana (Србија), Biologia Serbica (Србија), Journal of Natural and Technical sciences (Албанија). Го организирал 35th симпозиумот на Источно алпско-динарско друштво за проучување на вегетацијата во Охрид (2013), како и Регионалната меѓународна конференција – The system “Prespa Lakes – Ohrid Lake”: The actual state – problems and perspective (Струга-Поградец, 2013). Член е на Committee for Mapping the Flora of Europe, Helsinki, Finland.
Научноистражувачката дејност на академик Владо Матевски, се одвива во областа на флористиката, таксономијата и фитоценологијата. Објавил 146 научни трудови (64 трудови во странски списанија, 30 трудови во списанија со фактор на влијание). Автор или коавтор е на 5 монографии – Флората на планинскиот масив Добра Вода (1995), Flora and vegetation of the Macedonian steppe (2008), Флора на Република Македонија, 1,6 (2005); 2,1 (2010), Forest vegetation of the Galičica mountain range in Macedonia (2011). Учествувал со околу 120 реферати или научни соопштенија на голем број конгреси и симпозиуми (75 презентирани на меѓународни собири во странство). Опишал (самостојно или во коавторство) над 25 растителни таксони и над 50 растителни заедници, нови за науката, од територијата на Република Македонија и Балканскиот Полуостров. Учествувал во реализацијата на над 20 научно-истражувачки проекти. Раководи со проектот “Флора на Република Македонија” а раководел уште со 10 домашни проекти, како и со 8 Билатерални меѓународни проекти (со Биолошкиот институт при ЗРЦ, САЗУ, Словенија, со Српската Академија на науките и уметностите, со Бугарската академија на науките и други).
За неговата долгогодишна наставна и научна работа и активност добитник е на повеќе признанија, благодарници и награди, како што се: државната награда Гоце Делчев (2011), Благодарница од GEF (Global Environment facility) – Програма за мали грантови во Македонија)(2015), Признанието Клучевите на Преспа (2016), Award in Recognition of Outstanding Contribution and Dedication to the Development of Ecology and Environmental Protection in Macedonia (od Makedonskoto ekolo{ko dru{tvo, 2016), Плакета од Природно-математички факултет по повод 70 години од постоењето (2016) и други.
Aкадемик Владо Матевски за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година. Од 2013 година е член на Европската академија на науките со седиште во Салцбург.
Датум на раѓање::04.12.1953
Место на раѓање::Г.Црско, Кичевско
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::vladom@iunona.pfm.ukim.mk
Област на работа: Хемиски науки (структурна хемија)
Акад. Глигор Јовановски
Институции: Редовен професор во пензија на Природно-математичкиот факултет
Биографија
Акад. Глигор Јовановски е роден на 17 јули 1945 година во с. Нистрово, општина Гостивар. Основното училиште го завршил во Маврово, а Педагошка гимназија во Скопје. На Природно-математичкиот факултет во Скопје (студии по хемија) дипломирал во 1969 година, магистрирал во 1974 година на Природословно-математичкиот факултет во Загреб каде што и докторирал во 1981 година. Од 1971 година е постојано вработен во Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет, минувајќи ги сите наставно-научни звања – од асистент до редовен професор. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година.
Акад. Јовановски држел настава по предметите Структура на атоми и хемиска врска, Структура на молекули и по Кристалохемија на додипломските студии и по предметите Методи за испитување на цврсти супстанци и Методологија на научно-истражувачката работа на постдипломските студии на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје. За одбележување е дека за првпат ги осмислува и воведува предметите Кристалохемија (на додипломските) и Методи за испитување на цврсти супстанци (на постдипломските студии). Во неколку наврати, при анкетирањето на студентите, акад. Јовановски бил посочуван и избиран за најдобар професор на Институтот за хемија при ПМФ.
Основната научна преокупација на акад. Глигор Јовановски е структурната хемија, при што своите резултати ги постигнува, речиси подеднакво, со примена на кристалографски и на спектроскопски методи, честопати збогатени со теориски разгледувања. Тој е истакнат кристалограф (школуван во светски познатиот центар во Загреб) и активен спектроскопист, комбинација што е ретка не само кај нас туку и во светот.
Акад. Глигор Јовановски е автор или коавтор на 204 трудови, од кои 186 научни трудови објавени во педесетина реномирани светски списанија со фактор на влијаниe (меѓу кои и Journal of the American Chemical Society, Angewandte Chemie, Journal of the Chemical Society – Chemical Communication, Structural Chemistry, Solid State Sciences, Inorganic Chemistry, Current Organic Chemistry, Crystal Growth and Design, Journal of Materials Science, Acta Crystallographica B, Vibrational Spectroscopy, Journal of Raman Spectroscopy, Spectrochimica Acta A). Објавил и 18 стручни трудови. Покрај тоа, на научни манифестации акад. Јовановски, во соработка со постари и помлади соработници, презентирал 220 соопштенија, секциски или пленарни предавања, (130 на собири во странство), а одржувал предавања и на странски универзитети. Досега учествувал во изработката на 45 научноистражувачки проекти, (13 се меѓународни), од кои на три меѓународни и осум домашни бил и раководител. Бил учесник и во два проекта за унапредување на образованието. Објавил пет монографии, еден универзитетски учебник и два универзитетски практикума. Рецензирал десетина средношколски учебници и стотици трудови за околу 20 реномирани интернационални научни списанија со фактор на влијание и за 4 домашни списанија.
Макар што работел на истражувања на различни системи, две различни главни линии на истражување го карактеризираат научниот опус на акад. Јовановски.
Според бројот на објавени трудови, а и одгласот што го имале тие, на прво место се истражувањата на сахаринот и неговите соли и деривати, како и на сродното соединение тиосахарин. Имено, 88-те статии објавени од Јовановски и соработниците во разни светски списанија посветени на структурните аспекти на хемијата на сахаринот, тиосахаринот и нивните соли и деривати, чинат значителен дел од вкупниот број на објавени трудови во светот посветени на оваа проблематика.
Во следната голема група од 62 труда на акад. Јовановски се презентирани резултатите од изучувањето на минералите од Македонија, од кои некои се исклучителна реткост во светски размери. Истражувањата на ова поле се пионерски, затоа што прв пат се пристапува кон систематско структурно испитување на минералите од нашата земја. Со спектроскопски и дифракциони методи, со атомска апсорпциона спектрометрија и со други методи досега се изучени околу 90 минерали најдени во Македонија, при што крајната цел на овие комплексни студии била да се издаде монографија што ќе ги содржи структурните и минералошките карактеристики на минералите од Македонија, а и да се направи што е можно покомплетна минералошка збирка. Монографијата е веќе објавена во 2012 година, а збирката од минерали изложена во просториите на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет (со околу 500 примероци) е најкомплетна во Македонија, Во меѓувреме поставена е и збирка на минерали од Македонија и во Македонската академија на науките и уметностите (околу 100 примероци) со висока естетска вредност.
Останатите 35 научни трудови на акад. Јовановски се однесуваат на структурни и спектроскопски изучувања на разни други неоргански, метал-органски и органски соединенија, односно на фармацевтски препарати.
Големиот степен на цитираност на резултатите од научната работа на акад. Јовановски (според Web of Science – Cited Reference Search, бројот на цитати на трудовите на aкад. Јовановски е околу 2200), покажува дека неговите трудови се широко познати и имаат влијание врз научната мисла во областа на структурната хемија – онаа во која тој работи. Тоа, од друга страна, зборува не само за реномето што тој го има како научен работник, туку и за реномето на Македонската академија на науките и уметностите. Акад. Јовановски досега бил ментор на две докторски дисертации, на пет одбранети магистерски труда и на повеќе дипломски работи, при што за одбележување е дека дури и резултатите од дипломските работи чиј ментор е aкад. Јовановски речиси секогаш се објавувани во реномирани меѓународни списанија.
Престојувал околу 5 години на странски универзитети (4 години на Универзитетот во Загреб и околу 1 година на Универзитетот во Упсала), а има остварено и два покуси престои на универзитетите во Зиген и во Софија. Член е на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, на Хрватската кристалографска асоцијација, потоа на Европската кристалографска асоцијација и на Интернационалната унија за кристалографија. Добитник е на Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, потоа на државната награда “Гоце Делчев” и на повеќе други признанија.
Акад. Јовановски, покрај другото, бил декан и продекан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, раководител на Институтот за хемија и раководител на постдипломските студии на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје, секретар на Одделението за природно-математички и биотехнички науки при МАНУ, како и член на Претседателството на МАНУ.
Бил главен уредник на Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија. Во моментов е главен уредник на Прилози МАНУ – природно-математички и биотехнички науки, потоа член на уредувачките одбори на две меѓународни списанија од областа на структурната хемија (Chemical Sciences Journal и International Scholarly Research Notices – Analytical Chemistry), како и член на Издавачкиот совет на списанието Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering.
Датум на раѓање::17.07.1945
Место на раѓање::с.Нистрово, Гостиварско
Членство во МАНУ::Редовен член, 2006
Email::gligor@iunona.pfm.ukim.mk
Област на работа: Хемиски науки
Бојан Шоптрајанов (1937 – 2024)
Институции: Редовен професор во пензија на Природно-математичкиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Бојан Шоптрајанов е роден на 26 јануари 1937 година во Чачак. Со основно и средно образование се здобил во Скопје, Велес и Белград. Во 1955 година се запишал на групата за хемија на тогашниот Природно-математички оддел на Филозофскиот факултет во Скопје. Студиите по хемија ги завршил во 1960 година на Природно-математичкиот факултет како најдобар дипломиран студент од својата генерација на Универзитетот. По дипломирањето е избран за асистент на тогашниот Технолошки оддел на Техничкиот факултет во Скопје, а во 1962 година за асистент на Природно-математичкиот факултет.
Во 1964 година се запишал на постдипломски студии на Indiana University во Блумингтон, САД, а во 1965 година магистрирал одбранувајќи ја магистерската теза под наслов: Vibrational Assignment of the Infrared Spectra of 1,2,5-Thiadiazole. По враќањето од САД продолжува да работи на полето на инфрацрвената спектроскопија и во 1973 година ја одбранува докторската дисертација под наслов Спектроскопско испитување на кристалохидрати со посебен осврт на спектарот на водата; системи со мошне ниски НОН-фреквенции.
Во 1969 година е избран за доцент, во 1975 година за вонреден професор а во 1981 година за редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Одржувал настава на додипломски и постдипломски студии по повеќе предмети од објаста на физичката хемија, радиохемијата, историјата и методиката на хемијата. Бил продекан за настава и наука на Хемискиот факултет и проректор за настава и наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил национален претставник во организацијата COST, претставник на МАНУ во Allea, а имал и други слични функции. Соработувал со универзитети во Шведска, Германија, Украина, Руската федерација, Бугарија, Хрватска и други, како и со Бугарската академија на науките.
Акад. Бојан Шоптрајанов досега има објавено повеќе од 230 научни труда (од кои две третини надвор од Македонија), а на научни манифестации презентирал повеќе од 350 пленарни и секциски предавања и други соопштенија (близу половината надвор од нашата земја). Има објавено и три монографии со научно-стручен карактер, пет монографски изданија со системски карактер, а автор е и на четири универзитетски учебници и помагала, како и на неколку десетини учебници и учебни помагала за средното образование. Неговите позначајни научни трудови се однесуваат на спектроскопското изучување на кристалохидрати, како и на спектроскопските и термодинамичките својства на петчлените хетероциклични молекули. Дал придонес и во изучувањето на минерали и на проблеми од образованието по хемија, а објавил и десетина трудови посветени на јазични проблеми од областа на хемијата. Дел од резултатите на истражувањата имаат и конкретна примена, особено во медицината.
За дописен член на МАНУ е избран на 21 април 1994, a за редовен член на 20 јуни 1996 година. Бил потпретседател на МАНУ (2008–2011), раководител на Одделението за математичко-технички науки (2003–2007) и раководител на Истражувачкиот центар за животна средина и материјали (2014 –). Во 2008 година е избран за член на Европската академија на науките во Салцбург, Австрија.
Акад. Бојан Шоптрајанов е основоположник и прв главен уредник на списанието „Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија“. Бил претседател на Унијата на хемиските друштва на Југославија и на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Со Одлука донесена во февруари 2016 година е именуван за член на Националниот комитет за проучување на Југоисточна Европа.
За својата целокупна активност на полето на развојот на научната и наставната дејност, акад. Шоптрајанов добил голем број награди, меѓу кои „Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда“, „Плакета на Универзитетот Кирил и Методиј” (двапати), „Томазиусов медал“ на Универзитетот во Хале, „Македонскиот крст“ на МПЦ и др. Добитник е и на националната награда „11 Октомври“.
Датум на раѓање::26.01.1937
Место на раѓање::Чачак
Членство во МАНУ::Редовен член, 1996
Emil::bojan@manu.edu.mk
Дописен член на Одделението е:
- Блажо Боев
- Валентин Мирчески
Област на работа: Редовен професор
Проф. д-р Блажо Боев
Институции: Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев” (УГД) во Штип
Биографија
Доп. член Блажо Боев е редовен професор по група предмети од областа на геологијата (петрологија, минералогија и геохемија) на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев” (УГД) во Штип. Тој е еден од најафирмираните истражувачи-научници во полето на науките за Земјата, односно во полето на геологијата од Р. Македонија и на поширокиот европски и балкански простор.
Роден е на 22 февруари 1958 год. во Кавадарци, каде што завршил основно и средно гимназиско образование. Во 1976 год. се запишал на Рударско-геолошкиот факултет во Белград на Одделот за геологија, насока Истражување на минерални суровини, и истиот го завршил во 1980 год. со висок просек за што добил и награда по повод 100-годишнината на геолошката наука во Србија. Во 1980 год. се вработил како дипломиран инженер-геолог во Индустријата за никел, челик и антимон „ФЕНИ” – Кавадарци, а истовремено се запишал и на постдипломски студии од научната област петрологија, минералогија и геохемија на Рударско-геолошкиот факултет во Белград. Во 1981 год. е избран во звање помлад асистент по група предмети од областа петрологија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (УКИМ) – Скопје. Магистерскиот труд „Метаморфизам на рудната серија ’Ржаново – Студена Вода“под менторство на акад. проф. д-р З. Максимовиќ го одбранил во 1982 год., со што се стекнал со звање магистер на геолошки науки. Во 1983 год. е избран во звање асистент на група предмети од областа петрологија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Од 1984 до 1986 год. ја извршувал и функцијата директор за развој во „ФЕНИ“ – Кавадарци. Во 1986 год. преминал на Рударско-геолошкиот факултет во Штип и се стекнал со звање асистент. Докторската дисертација „Петролошки, геохемиски и вулканолошки карактеристики на вулканските карпи од Кожуф Планина“ под менторство на проф. д-р Р. Стојанов и акад. проф. д-р С. Карамата ја одбранил во 1988 год. на Рударско-геолошкиот факултет во Штип (на УКИМ – Скопје), со што се стекнал со научното звање доктор на технички науки.
За време на изработката на докторската дисертација, доп. член Блажо Боев во неколку наврати престојувал во ИГЕМ Институтот за геохемија и минералогија при Академијата на Руската Федерација во Москва, каде што ги изработил сите неопходни лабораториски истражувања кои се поврзани со предметот на неговата дисертација.
Во периодот 1990-2000 год., доп. член Блажо Боев во повеќе наврати остварил постдокторски престои на Институтот „Max-Planck“ во Мајнц – Германија на Одделот за геохемија и космохемија кај проф. д-р Волфганг Тод, на истражувања кои се поврзани со реализацијата на проектот за детекција на неутрината со потекло од Сонцето со примена на минералите на талиумот од наоѓалиштето Алшар.
Во 1989 год. е избран во звање доцент по група предмети од областа на петрологијата, минералогијата и геохемијата, а во 1994 год. е избран во звање вонреден професор на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Во 1998 год. е избран во звање редовен професор по група предмети од областа на петрологијата, минералогијата и геохемијата, а во 2003 год. повторно е избран во звање редовен професор.
Важно е да се спомене дека доп. член Боев активно учествувал и во оформувањето на образовната и научната физиономија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип партиципирајќи во највисоките органи на факултетот. Имено, во периодот 1989-93 год. ја извршувал функцијата продекан за научноистражувачка работа и финансии, а во 1993 год. е избран и на функцијата декан на Рударско-геолошкиот факултет во Штип и на истата останал сѐ до 1997 година. Неоспорни и видливи се резултатите што во овој временски период ги остварил доп. член Блажо Боев како декан на факултетот во поглед на неговото профилирање и неговото место во рамките на УКИМ – Скопје. Во периодот 1997-99 год. ја извршувал и функцијата универзитетски координатор за дисперзираните факултети во Штип (Рударско-геолошки и Педагошки факултет), кои се дел на УКИМ – Скопје.
Доп. член Боев е активен учесник во конципирањето на интердисциплинарните студии за инженеринг на животната средина при Машинскиот факултет (на УКИМ – Скопје), каде што бил и наставник по научната дисциплината Геохемија на средината, којашто за првпат ја вовел во образовниот процес, а истовремено и во полето на истражувањата како составен сегмент на науките за Земјата.
Добитник е на Државната награда за наука „Гоце Делчев”: за 2002 год. (за монографијата „Тектоника на плочи и магматизам”, со Д. Миловановиќ), за 2008 год. (за монографијата „Геохемискиот атлас на Велес и неговата околина”, заедно со Т. Стафилов, Р. Шајн, З. Панчевски, М. В. Фронтасјева, Л. П. Стрелкова) и за 2013 год. (за монографијата „Minerals from the Republic of Macedonia with introduction to Mineralogy”, заедно со акад. Глигор Јовановски и проф. д-р Петре Макрески).
Доп. член Блажо Боев е претседател на Македонското геолошко друштво (МГД) од 2006 год., како и претседател на Националниот комитет за карпато-балканската геолошка асоцијација на Р. Македонија (CBGA). Исто така, член е и на Националниот комитет за корелација во геологијата при УНЕСКО (IGCP). Член е на Уредничкиот одбор на научните списанија „Geologica Macedonica“ и „Geologica Balcanica“, а активен рецензент е на научното списание „Geologica Croatica“. Како претседател на МГД) ги организирал трите конгреси на геолозите на Р. Македонија во 2008, 2012 и 2016 година.
Доп. член Боев е активен промотор за воведувањето на новите лабораториски методи во полето на науките за Земјата. Во 1996 год. за првпат во Република Македонија ја формира Лабораторијата за ICP-AES, а во 2009 год. и Лабораторијата за ICP-MS техниките и нивната примена во геолошките истражувања и истражувањата во науките за Земјата и геохемијата на средината. Продолжувајќи во оваа насока, тој во 2011 год. ја формирал и Лабораторијата за електронска микроанализа и EDS техники.
Треба да се спомене дека доп. член Боев активно учествувал и во формирањето на државниот УГД – Штип и тоа партиципирајќи во неговите највисоки органи. Од 2007 до 2015 год. бил проректор за наука на УГД – Штип. Во овој период тој е активен промотор на поголем број иницијативи кои се воведени на УГД – Штип во насока на зајакнување на научните капацитети (формирање на истражувачки лаборатории и на научен фонд, воведување на флексибилно работно време во насока на зголемување на научната активност на наставниците и др.). Од септември 2015 год. е ректор на УГД – Штип.
Доп. член Боев во својот досегашен работен век од 36 год. е исклучително плоден автор, а истовремено и научен работник со огромна меѓународна научноистражувачка активност. Резултат на оваа огромна меѓународна активност се бројните научни публикации во врвни меѓународни списанија и списанија со фактор на влијание, монографски изданија и реализирани научноистражувачки проекти.
Датум на раѓање::22.02.1958
Место на раѓање::Кавадарци
Членство во МАНУ::Дописен член, 2018
Email::blazo.boev@ugd.edu.mk
Област на работа:
проф. д-р Валентин Мирчески
Институции:
Биографија
ВАЛЕНТИН МИРЧЕСКИ е редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Роден е во Прилеп во 1966 година. Академската кариера ја започнал во 1992 година, како стручен соработник на Заводот за Општа и неогранска хемија. Докторирал на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, Хрватска, во 1999 година, со тема од област на електрохемија, под менторство на д-р Миливој Ловриќ – еден од водечките теоретичари на модерните електрохемиски техники. После докторирањето, избран од престижната научна фондација Александер фон Хумболт, заминал на постдокторски истражувачки престој во Германија, во групата на познатиот електрохемичар Фриц Шолц, на Универзитетот во Грајфсвалд.
Во фокусот на неговиот научен интерес е теоретско и експериментално изучување на електродни механизми и електродна кинетика со примена на пулсни волтаметриски техники, изучување на процеси на пренос на полнеж низ течни мембрани, електрохемија на биохемиски важни соединенија, електрокатализа и електроанализа. Досега објавил 147 научни трудови од кои 127 се објавени во меѓународни научни списанија со висок фактор на влијание. Според SCOPUS базата на податоци во периодот од 1994 до 2021 година неговите трудови вкупно се цитирани 2757 пати, во 1381 труд, со вкупен фактор на влијание h = 31 (Hirsch – фактор). Според анализата на Стенфорд универзитетот објавена во 2020 и 2021 година, Мирчески е рангиран во редот на 2% највлијателни научници на глобално ниво.
Покрај тоа, Мирчески е прв автор на специјализирана монографија посветена на една од најнапредните електроаналитички техники (Square-wave voltammertry: theory and application, Valentin Mirčeski, Šebojka Komorsky Lovrić and Milivoj Lovrić, (Ed.) F. Scholz. Springer Verlag, Heidelberg, 2007), објавена по покана уредникот; учествувал и во подготовката на првиот речник за електрохемија (Dictionray of Electrochemistry, (Eds.) A.J. Bard, G. Inzlet, and F. Scholz, Springer Verlag, Heidelberg, 2008), а е коавтор и на поглавја во монографии за електрохемија на полски јазик.
Мирчески бил учесник во голем број проекти, а досега бил раководител или национален координатор на повеќе проекти, поддржани од германските фондации Александер фон Хумболт и DAAD, НАТО алијансата во рамките на програмата Наука за мир, CEEPUS и COST програмите на Европската Унија, Националниот центар за наука на Република Послка итн.
Досега презентирал голем број трудови на меѓународни и домашни научни манифестации, а бил поканет предавач на четири меѓународни конгреси за хемија и електрохемија. Во 2018 година, со целосна финансиска поддршка на фондацијата Александер фон Хумболт организирал меѓународна научна манифестација насловена „At the door of European Union: The role of the science and research for sustainable development of the Balkan region.“ Како резултат на неговиот меѓународен академски углед Мирчески во неколку наврати бил избран за гостин-истражувач на Универзитетите во Брест (Франција) во периодот од 2004 до 2006 година и бил визитинг професор на универзитетот во Лоѓ (Полска) во периодот од 2006 до 2021 година. Моментално е визитинг истражувач на Универзитетот во Лоѓ.
Мирчески е истражувач со исклучително развиена меѓународна соработка што се гледа од проектната соработка и од научните трудови објавените со 129 коавтори, од кои најголем дел се реномирани истражувачи од академски институции ширум Европа. Во периодот од 1995 година досега, континуирано остварувал научноистражувачки престои во голем број земји. Моементално соработува со водечки истражувачки групи од областа на електроаналитичката хемија, како што е на пример групата на професорот Ричард Комптон од Универзитетот во Оксфорд.
Тој е добитник не неколку домашни и меѓународни награди. Во 2006 година, Француското хемиско друштво и Европската асоцијација за електроаналитичка хемија му ја доделила наградата “ESEAC 2006 Young Investigator Award”, за најдобар истражувач на возраст до 40 години и особен придонес во областа на електроаналитичката хемија на меѓународниот конгрес за електроаналитичка хемија што се одржал Бордо, Франција. Во 2008 година ја добил државната награда „Гоце Делчев“ за особен придонес во развојот на науката на Република Македонија. Во 2018 година добил посебно одликување на Универзитетот во Лоѓ (Полска), „Medal Universitatis Lodziensis Amico“ заради долгорочната соработка и плодната научна публицистика, а во 2021 година бил избран за најуспешен истражувач од подрачјето на природно-математичките науки за 2020 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Од активностите со пошироко општествено значење, важно е да се напомне дека професорот Мирчески е основач на алумни асоцијацијата „Хумболт и ДААД Клубот-Македонија“, здружение коие ги обединува корисниците на стипендии на овие две престижни фондации и други членови на нашата академска заедница кои дале придонес за научниот развој на земјата и нејзиниот академски углед на меѓународен план. Со ова здружение Мирчески организирал бројни домашни и меѓународни манифестации со цел подигање на академската и општествена свест за важноста на научноистражувачката дејност во Македонија.
Списанија на Одделението за природно-математички и биотехнички науки:
- Туризмот како перспектива за ретко населените рурални простори во Република Северна Македонија и во регионот на Јужна и Источна Србија
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (41, 2, 2020 г.)
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (41, 1, 2020 г.)
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (40, 2, 2019 г.)
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (40, 1, 2019 г.)
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (39, 2, 2018 г.)
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (39, 1, 2018 г.)
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (38, 2, 2017 г.)
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (38, 1, 2017 г.)
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (37, 2, 2016 г.)
- Прилози – Oдделение за природно-математички и биотехнички науки (37, 1, 2016 г.)
Веб страница на списанието Прилози – Одделение за природно-математички и биотехнички мауки