Одделение за лингвистика и литературна наука
Област на работа: Институт за класични студии
Акад. Витомир Митевски
Институции: Филозофскиот факултет во Скопје
Биографија
Академик Витомир Митевски е роден 1951 година во Куманово каде што завршил основно образование и гимназија.
Во 1975 година дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје, а во 1985 година на истиот факултет дипломирал на класични студии. Постдипломски студии завршил на Филозофкиот факултет во Белград (1983) со магистерска теза на тема Ниче и грчка антика, а докторската дисертација на тема Поезијата на Прличев и Хомер ја одбранил во 1990 година на Филозофскиот факултет во Скопје.
Неговиот прв работен ангажман бил професор по филозофија во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје (1976–1977), потоа работел како драматург во Драмскиот театар во Скопје (1977–1980). Од 1986 година работи на Филозофскиот факултет во Скопје – при Институтот за класични студии. Денес како редовен професор држи предавања по античка философија, античка епска поезија и византиска книжевност.
На општествен план бил ангажиран како секретар на Сојузот на друштвата за антички студии на Југославија, а бил и претседател на Друштвото за класични студии Жива Антика. Бил коорганизатор на повеќе домашни меѓународни научни собири. Основачки уредник бил на списанието Театарски гласник, а одговорен уредник е на меѓународното научно списание за класични студии Жива Антика почнувајќи од 1991 година.
Во авторските дела од областа на филозофијата, негов основен став е дека античката култура и филозофија имаат клучно значење за разбирањето на човекот и неговата состојба во светот. Покрај низа статии, објавил монографија за Хераклит, како и повеќе книги во кои го обработува античкиот концепт на душата и посебно нега на душата, а меѓу нив се издвојуваат Платоново учење за душата и Душата и духовниот живот во антиката и раното средновековие. Автор е на едицијата во 10 книги под заеднички наслов Античката философија и нејзиното влијание.
Дела во кои се обработува античката епика и нејзиното влијание врз македонската епска поезија се Античка епика (Хелада и Рим) и Епски теми.
Од областа на византиската литература, автор е на две книги. Едната под наслов Античката философија и Византија ги истражува античките философски теми и нивната рецепција во византискиот духовен свет. Другата книга под наслов Сенката на Марко Крале претставува споредбена анализа на стилот, мотивите и типологијата каде што се препознаваат допирните точки меѓу античката и посебно византиската и македонската традиционална епска поезија.
Во делото Македонската апстрактна терминологија и нејзиното наследство посебно се истражува генезата на македонскиот философски јазик во светлото на кирилометодиевската традиција.
Витомир Митевски е преведувач од класичните јазици, главно на философска литература (дела на претсократовци, Платон, Аристотел, Епиктет) при што се залага за поголемо присуство на словенската философска терминологија во преводите на македонски јазик. Преведува и од античката епска поезија (Хесиод и др.)
Редовен член е на Македонската академија на науките и уметностите од 2009 година.
Датум на раѓање::14.10.1951
Место на раѓање::Куманово
Членство во МАНУ::Редовен член 2009
Email::vitomir.mitevski@gmail.com
Област на работа: Средновековна македонска книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов
Институции: Православниот богословски факултет во Скопје
Биографија
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов е роден на 8 ноември 1940 година во село Елешница, Разлошко, Пиринска Македонија. Основно образование завршил во родното село, а гимназија во градот Разлог. Високото образование го оформува на Богословскиот факултет во Софија, каде што дипломира во 1967 година. Од 1972 година живее во Република Македонија. Постдипломски студии завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што магистрира на тема „Кичевскиот октоих од XIII век“ и докторира на тема „Октоихот во македонската писмена традиција“. Работел во Македонската архиепископија, Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Ракописното одделение при Народната и универзитетска библиотека во Скопје и во Институтот за македонска литература, каде што бил научен советник и раководител на Одделението за средновековна македонска литература. Од 1990 година на Богословскиот факултет ги предава предметите од областа на Стариот завет: староеврејски јазик, вовед во Светото писмо на Стариот завет, старозаветна историја со библиска археологија и старозаветна егзегетика со библиска херменевтика.
Во својата научна активност, пак, акад. Поп-Атанасов е ориентиран кон повеќе научни богословски дисциплини – македонска црковна книжевност, историја на македонското правoславно богослужение, хагиографија, библистика, црковна химнологија и др. Македонската црковна книжевност ја проучува од повеќе аспекти, почнувајќи од книжевните дела на светите браќа Кирил и Методиј и нивните најблиски ученици и соработници светите Климент и Наум Охридски, одделните духовни школи и манастирски книжевни центри, па сè до одделните црковници – монаси и свештеници, кои преку црковната книжнина ја ширеле духовната просвета меѓу православното македонско население. Посебно внимание им посветува и на книжевните творци од подоцнежниот период, особено на оние што работеле во кругот на Слепченскиот и на Кратовскиот црковно-книжевен центар. Од областа на црковната химнологија и хеортологија се и научните прилози на акад. Поп-Атанасов посветени на словенскиот превод на октоихот и неговото ширење во македонската писмена традиција.
Научниот интерес на акад. Поп-Атанасов е насочен и кон врските на Македонската православна црква и нејзините претставници со светогорската монашка заедница и светогорските манастири. Битен елемент од научното дело на Акад. Поп-Атанасов се и неговите истражувања во врска со Кирилометодиевскиот превод на Библијата и ширењето на одделните библиски книги во македонската писмена традиција. Го проучувал односот на старословенскиот библиски превод со глаголската писмена традиција во Македонија, се задржува на одделни периоди од македонското Средновековие, во коишто библиската традиција е особено продуктивна итн. Повеќе поими од сферата на библиската теологија и македонската литургиска книжнина тој разјаснува во својот труд „Речник на старата македонска литература“, во „Македонскиот историски речник“, „Книжевно-теорискиот поимник“ и во „Македонската енциклопедија“.
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов раководи или учествува со свои прилози во бројни научноистражувачки проекти на Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“, Институтот за проучување на старословенската култура и др. Тој, исто така, учествува на научни собири во земјата и во странство, уредува или членува во редакцијата на периодични изданија, во коишто се обработуваат теми од областа на црковната книжевност, библистиката, библиската теологија и херменевтика („Спектар“, „Кирилометодиевистика“, „Годишен зборник на ПБФ“ и др.).
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов досега има објавено над 20 книги и повеќе од 150 статии што јасно укажува на неговата творечка активност во областа на научно-истражувачката дејност. Позначајни негови објавени дела се: „Ракописни текстови на македонски народен говор“, Мисла, Скопје 1985; „Речник на старата македонска литература“, Македонска книга, Скопје 1989; „Кичевскиот октоих, македонски книжевен споменик од XIII век, Менора, Скопје 2000; „Средновековна македонска химнографија (IX-XIII век), Институт за македонска литература, Скопје 2007; „Македонската глаголица, МАНУ, Скопје 2015 и др. Ги приредил Избраните дела на акад. Владимир Мошин во 10 томови (Менора, 2002-2013) и Црковната поезија на св. Климент Охридски (Менора, Скопје 2008).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.
Датум на раѓање::10.11.1940
Место на раѓање::с. Елешница
Членство во МАНУ::Редовен член, 2012
Email::popatanasov@yahoo.com
Област на работа: ЛИНГВИСТИКА И СЛАВИСТИКА
Акад. Зузана Тополињска (Zuzanna Topolińska)
Институции: Институтот за полски јазик во Полската академија на науките; Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје; Полската академија на науките и уметностите од Краков; Српската академија на науките и уметностите.
Биографија
Родена е на 2 јануари 1931 година во Варшава. Татко ѝ бил историчар.
Матурирала во 1948 година во градот Ќелце.
Дипломирала во 1952 година на Општествениот факултет во Лоѓ – група филологија, специјализација лингвистика.
Во 1959 година докторирала на Филолошкиот факултет на Варшавскиот Универзитет. Во 1964 година стекнала звање хабилитиран доктор. Во 1974 година станала вонреден, а во 1978 редовен професор во Институтот за полски јазик при Полската академија на науките (ПАН).
Во годините 1954 – 1972 работела во дијалектолошкиот центар на ПАН како фонолог и прозодист. Подоцна, центарот на нејзиниот научен интерес станува граматичката проблематика анализирана од семантика кон форма.
Во 1972 година е повикана од страна на властите на ПАН да организира и раководи тим за обработка на нова модерна академска граматика на полскиот јазик (Граматиката беше објавена во 1984 година). Од 1973 до 1983 работела како раководител на Одделението за современ полски јазик во Институтот за полски јазик при ПАН.
Во 1967 година гостувала како visiting professor на Чикашкиот универзитет, а во 1988 година на UCLA.
Во 1958 година на меѓународните собири се среќава со професорите Б. Конески и Б. Видоески – тука почнува нејзиниот интерес за македонскиот јазик. Во 1969 година во Институтот за словенска филологија на ПАН организирала работилница за обработка на синтаксата на македонскиот стандарден јазик.
Во 1983 година се преселила во Македонија и работела како професор – гостин на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет “Блаже Конески” на УКиМ по предметот “Граматика на полскиот јазик”, а потоа и по воведениот од неа предмет “Вовед во славистика”.
За странски член на МАНУ е избрана во 1976 година, а за редовен член – во 1996 година. Од 1991 е редовен член на Полската академија на науки и уметности (ПАУ) во Краков, а од 1997 година и странски член на САНУ.
Била еден од организаторите на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) во МАНУ и од неговото основање во 2000 година до 2016 година го раководела Центарот. Во ИЦАЛ го води проектот “Местото на македонскиот јазик во словенскиот и балканскиот јазичен свет”, а при Одделението за Лингвистика и Литературна наука проектот “Граматички опис на македонскиот стандарден јазик”.
Акад. Тополињска е автор на над 500 научни публикации, меѓу нив над 20 книги. Таа е член на редакциски одбори на повеќе славистички списанија, член на Варшавското научно друштво и на Полското лингвистичко друштво. Добитник е на многу награди во Полска, Југославија и Македонија, меѓу другите Орден на југословенско знаме со златен венец (1990) и Државна награда на Македонија – “11 октомври” (1989). – Таа е член на две Комисии на Меѓународниот славистички комитет (МКС): Комисија за изучување на граматичките структури на словенските јазици и Комисија за Општословенски атлас. – Таа е doctor honoris causa на УКиМ (1997) и на Универзитетот во Вроцлав (Полска, 2016); во 2016 година на Универзитетот во Варшава нејзиниот докторат беше свечено обновен по 50 години.
Датум на раѓање::02.01.1931
Место на раѓање::Варшава
Членство во МАНУ::Редовен член, 1996
Email::zuzana@manu.edu.mk
Област на работа: Теорија на книжевноста и книжевна херменевтика
Акад. Катица Ќулавкова
Институции: Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје; Европската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија
Биографија
Македонскиот книжевен теоретичар, есеист, антологичар, критичар, универзитетски професор, поет и раскажувач, акад. Катица (Ката) Ќулавкова е родена на 21 декември 1951 година во Велес. Основното и средното гимназиско образование го стекнува во родниот град (матурира 1969 година). Се запишува на Филозофско-историскиот факултет, на групите Историја на јужнословенските книжевности и Македонска книжевност (а факултативно се запишува и на групата за француски јазик и книжевност) во Скопје, каде што дипломира во јуни 1973 година. Акад. Ќулавкова магистрира во 1982 година на Филолошкиот факултет во Скопје, со трудот „Метафората и современата македонска поезија“, а докторира во 1986 година, на Филозофскиот факултет во Загреб, со дисертацијата „Odlike lirike” („Одлики на лириката“). Магистерскиот труд е од областа на теоријата на книжевноста и македонската книжевност, а докторската дисертација од областа на теоријата на книжевноста и компаративните книжевни студии. И двата труда припаѓаат на доменот на науката за книжевноста.
Како стипендист на француската влада, акад. Ќулавкова има остварено два едногодишни студиски престоја на Универзитетот Париз 3 – Нова Сорбона (1977/78) и Сорбона 1 во Париз (1983/84), (под менторство на угледните професори Michel Décodian и Jean-Pierre Richard). Во тек на една академска година има работено во Лекторатот по македонски јазик и литература при Институтот за ориентални јазици, INALCO – Париз (1994/1995), каде што држи настава по македонска книжевност и јазик, обликувана во два одделни курса: „Македонската книжевност од Климент до денес“ и „Македонската усна традиција и македонската современа книжевност – споредбени интерпретации“. Во пролетта 1997 година остварува истражувачки престој во Париз со грант од Програмата ТЕМПУС, при Универзитетот Париз 8 – Saint-Denis, во соработка со истакнатиот професор, филозоф и поет Michael Deguy, со цел да подготви наставна програма по новиот универзитетски предмет „Книжевна херменевтика“. Од 2001 до 2002 година остварува тесна наставно-научна соработка со Катедрата за општа и компаративна книжевност при Универзитетот Париз 3 – Нова Сорбона, како партнерска институција на Проектот ХЕСП (Нов модел на курикулуми по компаративни книжевни студии), кој се реализира под нејзино раководство.
Од 1973 до 1981 година акад. Катица Ќулавкова работи во општинската и републичката младинска организација (член на Секретаријатот), а две години има работено и во Градскиот комитет на СКМ, во одделението за култура, уметност и образование. Таа била член на ЦК на СКМ.
Акад. Ќулавкова била член на Републичката комисија за културни врски со странство, потпретседател на Републичката комисија на УНЕСКО, член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, член на Стручниот колегиум на Филолошкиот факултет, член на Одборот за постдипломски студии и др. Од ноември 2002 година е член на советодавното тело на министерот за култура на Република Македонија. Од 1990 е секретар, а од 1996 до 2000 година претседател на Македонскиот ПЕН центар, кога е избрана за почесен претседател на Македонскиот ПЕН. Во септември 2002 година е избрана за претседател на Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот П.Е.Н. од Лондон, а во 2008 за потпретседател на Меѓународниот ПЕН (Лондон).
Освен тоа, акад. Ќулавкова е член на издавачкиот борд и на бордот за електронско издаваштво при Фондацијата Институт Отворено општество – Македонија, и член на Бордот за родови студии при „Евро-Балкан“. Била член на Комисијата за издавачка дејност при Министерството за култура на Р. Македонија, член на редакциите на списанијата „Разгледи“, „Спектар“, Identities/Идентитети и др. Била и главен уредник на списанието Прилози за лингвистика и литературна наука при МАНУ. Таа е основач на електронското списание за компаративни студии Mirage/Мираж при Катедрата за општа и компаративна книжевност, како и на меѓународнaта колекција Diversity/Разноликост. Таа повремено преведува текстови (есеи и поезија) од француски и од српски/хрватски јазик.
Во 1982 година, акад. Ќулавкова е избрана за асистент при Институтот за литература (сега Институт за македонска литература) на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. По докторирањето, во 1987 год. се префрла во наставна дејност на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што најпрвин е избрана во звањето доцент, потем во звањето вонреден професор, а од 1997 година во звањето редовен професор по предметите Теорија на книжевноста, Методологија на проучувањето на книжевноста, Книжевна херменевтика и Креативно пишување.
Како книжевен теоретичар, компаратист и херменевт, а исто така и како писател, акад. Ќулавкова има напишано, приредено и објавено над педесет книги (поезија, раскази), научни студии, збирки есеи и критики, хрестоматии и антологии кои се неодминливи во просудувањето на книжевните феномени, фела, факти и вредности и кои имаат оставено силен печат во профилирањето на новите и релевантни теориско-методолошки концепции на книжевноста, во сите нејзини носечки видови: поетскиот, раскажувачкиот, драмскиот и есеистичкиот.
Добитник е на книжевните награди: „Димитар Митрев“ (за критика и есеј за книгата Мала книжевна теорија), „Велја кутија“ (за теоретски систем на идеи за книгата Теорија на книжевноста, увод), „Браќа Миладиновци“, „Нарциса“, „Млад борец“ и „Студентски збор“ (за поезија). Добитник е на највисокото државно признание за животно дело „11 Октомври“ (2014). Добитник е на меѓународно признание за книжевен опус на Друштвото на писателите на Романија (2016).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 27 мај 2003 година. Во мај 2014 година е избрана за член на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург). Во МАНУ има изведено неколку научноистражувачки проекти од републички и меѓународен карактер, меѓу коишто: „Поимник на книжевната теорија“, „Балканската слика на свет“ (со Полската академија на науките), „Интерпретации“ – Европски истражувачки проект, „Методи на книжевната херменевтика“, „Културните интеграции и стабилноста на Балканот“ (со БАН) и др. Два нејзини проекта се поддржани од УНЕСКО.
Датум на раѓање::21.12.1951
Место на раѓање::Велес
Членство во МАНУ::Редовен член, 2007
Email::kkulavkova@gmail.com
Област на работа: МАКЕДОНИСТИКА, СЛАВИСТИКА И БАЛКАНИСТИКА
Акад. Марјан Марковиќ
Институции: Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје
Биографија
Доп. член Марјан Марковиќ е лингвист македонист, славист и балканист. Во центарот на неговиот научен интерес се наоѓа истражувањето на македонскиот дијалектен и стандарден јазик во минатото и денес, во словенски и во балкански контекст.
Доп.член Марјан Марковиќ е роден во Скопје на 7 февруари 1967 година. Средно образование завршил во гимназијата „Јосип Броз“. Во 1987 година се запишал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКиМ, а дипломирал во 1991 година стекнувајќи го звањето „дипломиран филолог по македонски јазик со полски јазик и книжевност“. Во 1995 година тој го одбрани магистерскиот труд под наслов „Македонскиот и ароманскиот глаголски систем во говорите на охридско-струшкиот регион“, под менторство на акад. Божидар Видоески. Во 2000 година ја одбрани докторската дисертација „Говорот на Ароманците Фрашероти во охридско-струшкиот регион (во балкански контекст)“, под менторство на проф. д-р Виктор Фридман. Дисертацијата е објавена во издание на МАНУ во 2007 година.
Доп.член Марјан Марковиќ повеќе од 20 години е вклучен во работата врз лингвистичките проекти на МАНУ. Во 1991 година, веднаш по дипломирањето, акад. Видоески го вклучува во работата врз проектот Меѓународни лингвистички атласи, кој ги опфаќа Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), проект на Меѓународниот комитет на славистите (МКС), Atlas Linguarum Europae (ALE), а тогаш го опфаќаше и веќе завршениот Општокарпатски дијалектен атлас (ОКДА). Од јануари 1992 година до септември 1995, доп.член Марковиќ работи врз горните проекти, како стипендист на Министерство за образовање и наука, а од септември 1995 станува постојан надворешен соработник на МАНУ за проектот Меѓународни лингвистички атласи. Во годините 2004–2007 тој дури го води проектот.
Денес, доп.член Марковиќ е официјален претставник на Македонија во Меѓународната комисија на ОЛА при МКС и ја раководи македонската работна група во таа Комисија. Тој не само што е одговорен за интерпретацијата и претставувањето на македонскиот јазичен материјал на картите на Атласот, туку и активно учествува во развивањето и продлабочувањето на самата концепција на Атласот. Тој е, исто така, претставник на Македонија во меѓународната комисија на АЛЕ.
Во 1998 година, по смртта на акад. Божидар Видоески, доп.член Марковиќ, заедно со акад. Зузана Тополињска и проф. д-р Виктор Фридман, е автор на иницијативата за основање на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ, а од 2000 година, т.е. од основањето на Центарот активен е и во проектот Местото на македонскиот јазик во словенскиот и балканскиот јазичен свет. По негова иницијатива и врз негова концепција се шират активностите на Центарот: основан е Дигитален архив на македонскиот јазик, Дигитална база на податоци за македонските дијалекти (вид дигитален дијалектен речник), Дигитална збирка на текстови од македонските дијалекти (интерактивна мапа), така што покрај традиционалната, се шири и електронска издавачка дејност. Последните две години доп.член Марковиќ, со одлука на Претседателството на МАНУ, ја врши официјално функцијата координатор на проектите на ИЦАЛ. Во 1995 година доп.член Марковиќ се вработува на Филолошки факултет „Блаже Конески“ на УКиМ, каде што денес е редовен професор по пред-метите: дијалектологија на македонскиот јазик, балканска лингвистика, современ македонски јазик. Во годините 2003–2004 ја врши функцијата продекан за настава, а во годините 2008–2009 е продекан за меѓународна соработка. Во 2013 година ја добива наградата за најдобар научник на УКиМ за 2012 година.
Во својата индивидуална научна работа доп.член Марковиќ од почеток покажува интерес за неколку линии на лингвистички истражувања: (1) организација на просторот во македонскиот дијалектен и стандарден јазик; (2) историја на македонскиот вербален систем во балкански кон-текст: формална и семантичка еволуција на системот, пред сè на семантичките и граматички категории ВИД и ВРЕМЕ, и (3) етимологија и анализа на семантичка мотивација на одделни лексеми во избраните сегменти на македонскиот лексички фонд. Неговата креативност, линг-вистичката интуиција, практичното и теоретското познавање на словенските и балканските јазици, придонесоа доп.член Марковиќ да ги надгради и да ги развие постојните научни сознанија на сите овие подрачја. Повеќето негови лингвистички студии имаат аналитички карактер, конкретни теми, јасно изложени резултати;
Библиографијата на доп.член Марковиќ брои над 70 објавени позиции, плус уште над десетина текстови предадени за печат во видни и референтни списанија. Неговите објавени научни студии би можеле да се групираат на следниот начин: публикации посветени на механизмите на определување на статичната локација на нештата, врз којашто може да се надградува динамична просторна информација; студиите посветени на македонско-ароманските контактни измени во доменот на вербалниот систем; прилогот на доп.член Марковиќ во откривањето и уверливото и аргументирано ја образложи појавата позната како „удвојување на предлозите“; неколку универзитетски прирачници по македонска дијалектологија; неколку гимназиски прирачници по македонски јазик и литература приредени врз постојната стручна литература; карти од Општословенскиот лингвистички атлас, што подразбира темелно изведена интерпретација, утврдена етимологија и морфолошка структура на неколку стотини лексеми регистрирани во 850 населени места, распоредени низ словенската јазична територија, што сведочи за широката лингвистичка и славистичка подготовка на авторот. Во печат (во МАНУ) е и неговата нова книга Просторните односи во македонскиот јазик (во балкански контекст).
Доброто познавање на големите јазици: англиски, германски, руски, бројните студии објавувани во познати списанија, активното учество на бројни научни конференции во земјата и во странство, му осигурија на доп.член Марјан Марковиќ широки контакти и висока позиција во меѓународните лингвистички кругови. Тој е баран како претставник на Р. Македонија и на македонскиот јазик во многу меѓународни проекти, меѓу коишто и проектот Evolution of Semantic Systems – EOSS, Max Planck Institute for Psycholinguistics, Nijmegen, The Netherlands, и др. Спомнатото познавање на повеќе јазици му дозволува редовно да ја следи новата стручна литература, да ги следи новите трендови во светската лингвистика и да се вклучува во научна дискусија со познати и непознати странски колеги – лингвисти, слависти и балканисти.
Од големо значење за македонската лингвистичка средина е дидактичката и педагошка работа на доп.член Марковиќ, а во тој контекст и неговата вештина за организирање на тимска работа (обука, едукација, работилници). Тој знае да ги заинтересира студентите, да воспостави личен контакт со нив, да ги увери во длабоката смисла на она што се бара од нив во текот на студиите, како и при нивниот ангажман во проектите на Истрачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“. На негова иницијатива, во просториите на ИЦАЛ постојано има студенти-волонтери кои не само што помагаат во реализација на научните активности на Центарот, туку и учат практична лингвистичка работа, примена на ИТ-технологијата, итн. Неговите предавања секогаш се добро посетени, а неговите настапи на научни конференции побудуваат дискусија и не ретко водат кон нови научни потфати.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите во Одделението за лингвистика и литературна наука е избран во 2015 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.
Датум на раѓање::07.02.1967
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Дописен член, 2015
Email::marjan@manu.edu.mk
Област на работа: македонистика, славистика, балканистика, општа лингвистика
проф. д-р Веселинка Лаброска
Институции: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје
Биографија
Веселинка Лаброска е родена е на 8.9.1966 година во Битола. Основно и средно образование завршила во Кичево со одличен успех. На Филолошкиот факултет во Скопје се запишала во учебната 1985 година на групата Македонски јазик со француски јазик како втор главен предмет. Во 1998 година ја одбранила магистерската работа на тема Говорот на село Кула – Серско, а докторската дисертација Кичевскиот говор, изработена под менторство на акад. Зузана Тополињска, ја одбранила во 2006 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Од 1 септември 1990 година Веселинка Лаброска е вработена во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Вклучена е во работата на два проекти во Одделението за дијалектологија: „Македонски дијалектен атлас“ (под нејзино раководство) и „Македонските дијалекти надвор од границите на Република Македонија“ (под раководство на д-р Гоце Цветановски).
За потребите на своето стручно усовршување, Веселинка Лаброска има учествувано на курсот по лингвистика Матезиус во Прага, Република Чешка, во 1999 година, како и на семинарот за лужичко-српски јазик во Будишин, СР Германија, во 2002 година.
На проектот „Македонски дијалектен атлас“, Лаброска е еден од авторите и член на редакцијата на воведниот том Македонски дијалектен атлас, Пролегомена, а на проектот „Македонските дијалекти надвор од границите на Република Македонија“ е коавтор и член на редакција на монографијата Банскиот говор. Во 2009 г., Веселинка Лаброска има учествувано и во меѓународниот проект со наслов Лексички маркери за изразување евиденцијалност во европските јазици, под раководство на Бјорн Вимер од Универзитетот во Мајнц, Република Германија.
Во текот на 2010 година Веселинка Лаброска се јавува како раководител на проект Вратничко-полошките говори – духовна ризница, изработен во рамките на годишната програма за 2010 година на Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура. Како резултат на овој проект во декември 2012 излезе од печат книга со ист наслов.
Во 2012 г., В. Лаброска е ангажирана заедно со други колеги од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и на проектот Корпусот Гралис, којшто под раководство на проф. д-р Бранко Тошовиќ се работи на Универзитетот во Грац, Република Австрија.
Во текот на 2013 година Веселинка Лаброска се јавува главен истражувач од македонска страна на билатералниот проект со Словенија Фонетско-
фонолошките особености во македонскиот и во словенечкиот јазик, заедно со д-р Хотимир Тивадар, фонетичар и фонолог од Филозофскиот факултет во Љубљана, како главен истражувач од словенечка страна.
Веселинка Лаброска од 2004 година активно учествува и во работата на Комисијата за фонетика и фонологија на словенските јазици при Меѓународниот славистички комитет како претставник од Македонија. Таа е дел од тимот којшто, под раководство на Ирена Савицка ја изработи новата Фонетика и фонологија на стандардниот македонски јазик.
В. Лаброска активно учествува во работата на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ (ИЦАЛ) при МАНУ од самите негови почетоци, каде што се работи на проектот Географска и функционална карактеристика на морфосинтаксички балканизми. Како резултат на работата на овој проект таа е дел од авторскиот тим во три отпечатени монографии.
На билатералниот проект меѓу МАНУ и САНУ со наслов Јазикот како запис на културата во етнолошката и лингвистичка анализа на релација Србија – Македонија, кој се реализираше под раководство на академик Марјан Марковиќ (МАНУ) и академик Предраг Пипер (САНУ), Лаброска беше координатор од македонска страна.
Таа се јавува како приредувач во два тома од критичкото издание на целокупните дела на Блаже Конески, финализиран во 2021 година под раководство на академик Катица Ќулавкова.
Во текот на 2021 година, Веселинка Лаброска е вклучена како стручњак за македонски јазик во реализација на проектот Инклузија на деца со попреченост во предучилишно образование во организација на Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците, каде што заедно со проф. д-р Бранислав Геразов и со неговиот тим се работи на апликацијата Говорко.
Веселинка Лаброска има бројни активности и на општествен план. Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ таа ја извршува функцијата директор во периодот од 2010 до 2013 година и во овој период се акредитирани постдипломски и докторски студии во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. В. Лаброска од своето докторирање до сега активно учествува во разни државни комисии поврзани со македонскиот јазик, е долгогодишен член на Државниот матурски одбор, како и на повеќе комисии и редакции во Институтот.
Од првите свои објавени трудови во 1993 година, Лаброска пројавува широк дијапазон на научен интерес: освен дијалектолошки трудови со анализи на сите јазични рамништа, таа пишува прилози со проблематика од областа на фонетиката, морфосинтаксата, етимологијата, лексиката и семантиката, евиденцијалноста како посебна семантичка категорија, контрастивната граматика. Нејзините статии се објавувани и во престижни лингвистички списанија со висок фактор на влијание. Учесник е од македонска страна во меѓународен проект со наслов EUROJOS од Институтот за славистика при ПАН, во кој учествуваат лингвисти од дваесетина европски земји.
Лаброска е еден од авторите на две изданија иницирани од Нансен дијалог центар – Скопје: Македонско-албански – албанско македонски речник и Разговорник за двата јазика.
Веселинка Лаброска се јавува како рецензент на трудови во повеќе лингвистички списанија, како и рецензент за избор во научни звања на повеќе
универзитети во земјата и во странство. Таа е член на редакцијата на списанието Македонистика, како и на повеќе редакциски и организациски одбори во Македонија и во Србија.
Веселинка Лаброска е вклучена и во наставата на прв циклус студии, најпрво на Универзитетот ФОН, а потоа на Државниот тетовски универзитет, каде што предава и денес. Таа се јавува како ментор на повеќе дипломски, магистерски и докторски трудови.
В. Лаброска има настапувано како гостин предавач на катедрите за Славистика на Карловиот универзитет во Прага, на Универзитетот во Љубљана и на Универзитетот во Загреб. Таа има бројни телевизиски и радио настапи за теми од областа на македонистиката и во државата, но и надвор од неа.
Освен со францускиот јазик, Веселинка Лаброска се служи со англискиот, ги познава активно или пасивно сите словенски јазици и дел од балканските јазици, а за полски и српски таа се јавува и како официјален преведувач на книги објавени во МАНУ.
Датум на раѓање::08.09.1966
Место на раѓање::Битола
Членство во МАНУ::дописен член, 2022
Област на работа: македонистика, палеославистика, етнолингвистика
проф. д-р Лилјана Макаријоска
Институции: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје
Биографија
Лилјана Макаријоска е родена на 15.6.1963 год. во Скопје, каде што ги стекнува основното и средното образование. Во 1986 год. дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје, група за Mакедонски јазик – еднопредметна, а во учебната 1987/1988 се запишува на постдипломски студии по Македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје и ги завршува со одбрана на магистерскиот труд под наслов Јазичните особености на Радомировиот псалтир (со посебен акцент врз фонетиката и морфологијата) во 1993, а докторската дисертација под наслов Девербативните именки во македонските црковнословенски ракописи од XII до XVI век (образување и семантика) ja одбранува во 1999.
Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ е вработена од 1987, а до денес е ангажирана на проектот Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција (од 2004 е главен истражувач); во периодот од 2000 до 2003 год. е главен истражувач на проектот Лексиката на материјалната култура во македонските црковнословенски текстови; од 2003 до 2005 год. е соработник на проектот Орбелски триод, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, под раководство на Е. Црвенковска; во 2009 на проектот Поимник на македонски зборови од областа на информатичката терминологија на Министерство за информатичко општество при Владата на РМ. Во 2012 год. е вклучена на Меѓународниот проект Византиските културни и јазични модели кај јужните Словени: рецепција и трансформација, под раководство на Е. Црвенковска.
Во 2013 учествува во работата на проектот Дигитализација на текстот на Охридскиот апостол од картотеката на Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција; во 2013 и 2014 во работата на Правописот на македонскиот јазик, додека од 2019 до 2021 е вклучена во работата на проектот Целокупни дела на Блаже Конески на МАНУ, под раководство на акад. К. Ќулавкова.
Своите трудови Макаријоска ги објавува во македонскиот научен печат, но и во зборници и списанија во странство: Slavia, Riječ, Slovo, Opera Slavica, Balkanistica, Filologija, Croatica et Slavica Iadertina, а тие главно се од областа на: историската лексикологија, историското зборообразување, на македонскиот јазик од XIX век и на современиот македонски јазик од лексиколошки, лексикографски, стилистички и етнолингвистички аспект, на македонската фразеологија, на јазикот на современата
македонска литература. Има објавено 320 научни трудови, од кои 38 книги, што се цитирани и во трудови од афирмирани лингвисти, палеослависти. Дел од научниот опус на Макаријоска е достапен на профилот https://ukim.academia.edu/LiljanaMakarijoska.
Макаријоска има презентирано 160 реферати на научни собири во земјата и во странство: Хрватска, Србија, Босна, Бугарија, Албанија, Чешка, Словачка, Русија, САД и др. Учествува во работата на 20-ина организациски одбори на меѓународни научни собири, член е на Програмско-организацискиот одбор на манифестацијата 2008 – Година на македонскиот јазик, член на работната група за изработка на ИКT-лексиконот при Министерството за информатичко општество на Р Македонија (2008/2009), претседател на работната група за подготвување на Водич за стил (Style Guide), Поимник, проверка на поимникот, преведување за Корпорацијата Микрософт (Microsoft Corporation) во 2009/2010 год.
Таа држи предавања на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, координатор е на XXXIV научна конференција на Семинарот, а го води и Курсот по старословенски јазик (2006, 2008).
Во периодот од 2006 до 2010 год. Макаријоска е директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, претседател на Советот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (2001 – 2004), член на Советот за македонски јазик при Министерството за култура (2008 – 2011), член на Советот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (2000 – 2010), член на Македонскиот национален славистички комитет (2003 – 2020), член на Комисијата за зборообразување (2000 – 2003), член на Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет (2006 –) и на Комисијата за лексикологија и лексикографија (2018 –).
Макаријоска е редовен професор на втор циклус студии по Македонистика со комуникологија по предметите: Методологија на лингвистичките и антрополошките проучувања; Зборообразување, Историско зборообразување на македонскиот јазик, Јазикот и средновековната култура, Историска лексикологија, како и на трет циклус студии-докторски студии по Македонистика по предметот: Историска лексикологија и семантика.
Член е на уредувачкиот совет на реномираното хрватско списание Slovo (Staroslavenski institut, Zagreb), како и на годишникот Славянская историческая лексикология и лексикография (Институт лингвистических исследований, РАН).
Рецензент е на десетина монографии во земјата и на повеќе монографски изданија во странство, на пр.: изданијата: L. Nakaš, Divoševo evanđelje (2018); M. Kardaš, Kopitarovo četverovanđelje (2020), на трудовите за повеќе странски списанија: Slovo, Filologija (Zagreb), Fluminensia (Rijeka), Knjizevni jezik (Sarajevo).
Членува во повеќе редакциски одбори, пр. на списанијата Литературен збор (2000 – 2003), Кирилометодиевистика (2014 –), на Македонски јазик како одговорен уредник (2003 – 2010 и 2014 – 2017).
Макаријоска е добитник на Плакета на Универзитетот во Риека за унапредување и развој на високо-образовниот процес и хрватско-македонската научната соработка, Благодарница од Министерството за информатичко општество за значаен придонес во изработка на Поимник на македонски зборови од областа на информатичката терминологија, Мicrosoft Local Language Program Congratulates for outstanding
Датум на раѓање::15.06.1963
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана во 2022 година.
Одделение за општествени науки
Област на работа: Макроекономија – јавни финансии
Акад. Абдулменаф Беџети
Институции: Редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово
Биографија
Акад. Абдулменаф Беџети е роден на 2 јули 1959 година во Мала Речица – Тетово, каде завршува основно училиште и гимназија. Во 1982 година дипломира на Економскиот факултет во Приштина. Професионалната кариера ја започнува во ТПТ „Техно-Промет“ Тетово во 1983 година каде што работел до 1987 година. Во 1987 година преминува во тогашната СОК – Филијала Тетово каде што работи како финансиски инспектор, а една година потоа е унапреден во виш инспектор на СОК на Република Македонија. На работното место останува до март 1994 година кога со одлука на Владата на Република Македонија е именуван за заменик директор на Управата за јавни приходи, а од мај 1995 до февруари 1996 година е вршител на должноста директор на УЈП на РМ. Во 1996 година е избран за министер за развој во Владата на Република Македонија а во мај 1997 година за министер за сообраќај и врски, функција на која останува до крајот на 1998 година.
Во 1996 година се запишува на постдипломски студии на Економскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје каде магистрира во 1999 година, под менторство на акад. Ксенте Богоев на тема: ,,Структурата на јавната потрошувачка во Република Македонија и можностите за рационализација“. Докторирал во 2002 година на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, под менторство на проф. д-р. Живко Атанасовски на тема: ,,Јавните расходи во современите држави и во Република Македонија – аспекти на рационализација и оптимализација“.
Од основањето на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово, во 2001 година, работи како предавач на Факултетот за бизнис администрација и за јавна администрација по предметите: основи и принципите на менаџмент и основи и финансиско сметководство. Во 2002 година е избран за доцент по предметите макроекономија и јавни финансии. Во 2002 година Бордот на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово го именува за декан на Факултетот за бизнис администрација, а во почетокот на академската 2004/05 година е именуван за проректор на Факултетот за Југоисточна Европа задолжен за финансии и развој на Универзитетот, која функција ја извршува до август 2012 година, кога се именува за член на Бордот на ЈИЕУ, функција која и денеска ја извршува. Покрај редовната настава на додипломските, постдипломските и докторските студии, како и научноистражувачките активности во областа на социо-економските односи. Во 2004 година, во рамките на меѓууниверзитетската соработка, учествува во двомесечна програма за доедукација во студиските програми на постдипломските студии и научноистражувачката дејност во САД на Универзитетот во Индијана – Индијанополис, на Факултетот за бизнис менаџмент (Kelley Business School). Во ноември 2005 година е избран за вонреден професор на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово во областа макроекономијата и јавните финансии.
Во почетокот на 2010 година е избран за редовен професор во областа на макроекономијата – јавни финансии, врз основа на рецензија од Комисија во чиј состав се проф. д-р Heinz Dieter Wenzel, редовен професор на Универзитет Бамберг – СР Германија, претседател, акад. Таки Фити, редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и проф. д-р Суло Хадери, редовен професор на Економскиот Факултет на Универзитетот во Тирана.
Истовремено акад. Абдулменаф Беџети бил член на многу меѓународни и регионални иницијативи и организации (SECI, PS, и др.) како и на многу стручни и други асоцијации во земјата (Сојузот на финансиски и книговодствени работници на Република Македонија, Сојузот на економисти на Република Македонија, на Здружението на економистите од Тетово и на др.). Бил и сé уште е член на надзорни и управни одбори на многу реномирани организации во регионот помеѓу кои и член на одбор за ревизија и на Управен Одбор на НЛБ банка во Скопје и Приштина истовремено. Акад. Абдулменаф Беџети има објавено две книги, два универзитетски учебника, над 100 научни трудови, а во последнава деценија и повеќе од 200 анализи, колумни и мислења во средствата за јавно информирање во Република Македонија.
Во 2012 година е избран за член на Албанската академија на уметностите и науките.
За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.
Датум на раѓање::02.07.1959
Место на раѓање::Мала Речица
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::a.bexheti@seeu.edu.mk
Област на работа: Историја на уметноста на старите народи (класична археологија и античка археологија на Балканот)
Акад. Вера Битракова Грозданова
Институции: Редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Вера Битракова-Грозданова е родена на 19 јули 1939 год. во Охрид, каде го завршува гимназиското образование. Дипломирала во 1963 год. на Филозофскиот факултет во Загреб на Отсекот за археологија. Од 1963 до 1972 год. работи како кустос во Народниот Музеј во Охрид во Одделението за античка археологија. Од 1972 до 1975 год. работи како кустос по римска археологија во Археолошкиот Музеј во Скопје. Во 1972 год. ги завршува магистерските студии на Филозофскиот факултет во Загреб, на Отсекот за археологија, од областа на античката археологија на тема Ranokrščаnski spomenici Ohridske regije, а во 1984 год. на истиот факултет во Загреб одбранет е докторат на тема Spomenici helenističkog razdoblja na tlu SR Makedonije (кај академик Дује Рендиќ-Миочевиќ). Од 1975 год. до пензионирањето е професор на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија по предметите: Историја на уметноста на старите народи, Класична археологија и Античка археологија на Балканот. Од 1978 до 1997 год. предава Историја на уметноста на старите народи на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Студиски престои реализирала во Париз, Франција, во 1967 и во 1993 год., на Институтот за уметност и археологија (Institut d’art et d’archeologie – Universités de Paris), и на Факултетот во Безансон (Faculté des letters et sciences humaines -Beasançon); во 1979 год. во Германија, како гостин на Институтот за стара историја и археологија, при Берлинската академија (Akademie der Wissenchaften der DDR – Zentralinsitut für Alte Gechischte und Archaeologie); во 1980 год. во Бугарија, како гостин на Историскиот факултет во Софија – Траколошко одделение; во 1980 год. во Албанија, како гостин на Албанската академија на науките – Институт за археологија (Académie des Sciences d’Albanie – Institut d’archаéologie).
Во Грција има подолг престој во 1968/69 год. како стипендист на Грчката влада, а во 1982 год. како гостин на Министерството за култура. Главно работи во Француската школа на Атина (École française d’Athènes), во Националната и во Генадион библиотеката; во 1999 год. престојува во Атина како гостин на Француската археолошка школа.
Учествувала во повеќе археолошки ископувања; Данило кај Шибеник (1959–1962), Мулине на островот Углјан (1959), во Стоби (1963, 1974), во Скупи (1971) во Тетово (1979), во Дебреште кај Прилеп (1965), во Охрид на поликонхалната црква на Плаошник (1960–1963). Акад. Вера Битракова-Грозданова реализирала и повеќе самостојни ископувања: во Охрид – на некропола на ул. Илинденска (1966), на поликонхалната црква на Плаошник (1964–1966), на базиликата кај Студенчишта (1968) на Кале – Самоилова тврдина, (1995/6, 2000), на тврдината и некрополата кај Дебој (2000); во Струга на некрополата и на Калето кај Делогожда (1979–1984, 2007), на базиликата кај Октиси – Св. Никола (1990–1992), на некропола кај Октиси (1998), на базиликата кај Ташмаруништа – Св. Мартинија, (1999–2001), на некрополата кај Добовјани (1998); во Кратово (1988); во Преспа извршила истражувања на населбите кај Претор (1967), Крани (1990), Наколец (2002) и на островот Голем Град (1967, 1968, 1980–1984, 1992–1994, 1998–2008).
Научниот интерес ѝ е насочен кон проучување на занаетчиството (керамографијата, јувелирството, тореутиката), на верувањата и уметничкото творење, како и урбаните процеси во антиката. Во особен придонес се вбројуваат и истражувањата од ранохристијанската археологија.
Во периодот 1998–2002 год. е член на Одборот за возобновување на црквата Св. Климент – Св. Пантелејмон, како надзор за ископувањата и конзервацијата на архитектонските објекти и член на Конкурсната комисијата за избор на архитектонскиот проект за реконструкција на светиот објект, а од 2007 год. е научен консултант на ископувањата на Плаошник и член на Одборот за возобновување на „Свети Климентовиот универзитет“ на Плаошник во Охрид. Главен уредник на списанието Macedoniaе аcta аchaeologica (Скопје) e од 1988 до 1996 год., член на Советот на меѓународниот истражувачки центар во Пула и член на Уредувачкиот одбор на списанието Histria Antiqua (Пула) од 1994 до 2011 година.
Акад. Вера Битракова-Грозданова е автор на повеќе од 150 научни трудови; организатор и учесник е на многубројни меѓународни научни собири.
Акад. Вера Битракова Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија: на наградата „Гоце Делчев“ како врвно републичко признание за обемната студија „Спомениците од хеленистичкиот период во СР Македонија“ во 1988 год, на престижната европска награда Herder–Preise, доделена од Универзитетот во Виена според фондацијата Alfred Toepfer Stiftung F. V. S., во 1999 год, за достигнувања во науката од сферата на историјата на уметноста и ранохристијанската археологија, како и за запознавањето на светот со спомениците од Македонија, на Републичката награда „Климент Охридски“ во 2007 год. за достигнувања во областа на културата. Георгиевски медал Golden Fortuna „Чест, Слобода, Труд“ за 2003 год. ѝ е доделена од International Academy Rating of Popularity од Киев. Во 2004 год. доделена ѝ е “Spomenica“ од Меѓународниот истражувачки центар за археологија, Медулин, Пула за унапредување на културната и научната соработка од областа на археологијата. Во 2013 год. Нумизматичкото друштво „Паионон“ ѝ доделува Плакета за развојот на нумизматиката во Р. Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 27 мај 2009 година.
Датум на раѓање::19.07.1939
Место на раѓање::Охрид
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::vbitrakova@yahoo.com
Област на работа: Правни науки (казнено право и криминологија)
Акад. Владо Камбовски
Институции: Редовен професор на Правниот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Владо Камбовски е роден на 5 јануари 1948 година во Битола, каде што го завршил основното и средното образование. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во учебната 1969/70 година, како најдобар дипломиран студент во повеќе генерации. На 15 ноември 1970 година бил примен за приправник-стажант, а на 1 март 1971 година бил избран за асистент на Катедрата за кривично право на Правниот факултет во Скопје.
Во текот на 1971 и 1972 г. бил испратен на практика во Општинскиот и во Окружниот суд во Скопје, а во учебната 1972/73 година се запишал на постдипломските студии по казнено право (насока за научно усовршување) на Правниот факултет во Загреб. Студиите ги завршил со одличен успех и во мај 1975 година ја одбранил магистерската работа на тема: „Доброволно откажување од извршување кривично дело“.
Во 1977 година бил избран за предавач и држел предавања по предметот кривично право на правните факултети во Скопје и Битола, како и на Факултетот за безбедност во Скопје. Во 1980 година на Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов: „Проблематиката на пропуштањето во кривичното право“. Истата година бил избран за доцент по предметот кривично право, а потоа и за декан на Факултетот за безбедност, која должност ја вршел се до 1984 година.
Од 1984 до 1986 година бил директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Во 1986 година бил избран за потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ, а од 1989 до почетокот на 1992 година бил избран за член на Сојузниот извршен совет и сојузен секретар за правосудство и управа. Од декември 1998 до декември 1999 година ја вршел функцијата министер за правда во Владата на Република Македонија.
За сето време на вршењето на овие должности акад. Камбовски редовно ги извршувал и своите професорски обврски на Правниот факултет во Скопје. За редовен професор на Правниот факултет бил избран во 1992 година, а реизбран во 1999 година.
Покрај предавањата на редовните студии, акад. Камбовски држи предавања и на постдипломските студии по казнено право и криминологија на Правниот факултет во Скопје, бил и е ментор на повеќе кандидати за одбрана на магистерски тези и докторски дисертации. Раководел или учествувал во повеќе научно-истражувачки проекти на Правниот факултет, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и МАНУ. Раководел со мега-проектот на Правниот факултет „Евроинтеграција на општествениот, политичкиот и правниот систем на Република Македонија“. Учествувал со свои реферати на повеќе домашни и меѓународни научни собири. Како професор на Правниот факултет, започнувајќи од 1995 година раководел со работните групи што ги подготвиле: Кривичниот законик, Законот за прекршоците, Законот за судовите, Законот за спречување на корупцијата, и учествувал во работата врз други закони. Ангажиран бил во повеќе активности на Советот на Европа, посебно како член на експертската група која работи врз статистиката на движењата на криминалот во европските држави.
Бил претседател на Форумот за евроатлантска интеграција на Република Македонија и на Републичкото здружение за казнено право и криминологија.
Основната научна преокупација на акад. Камбовски е казненото право и филозофија на правото. Најзначајните резултати на неговиот научен ангажман е целокупниот систем на казнено-правната наука претставен во неговото капитално дело Казнено право – општ дел, најволуменозен и најсодржаен научен труд во македонската казнено-правна литература. Второто негово значајно дело Казнено право – посебен дел, пак, претставува единствена целосна научна обработка на системот на инкриминациите во македонската казнено-правна литература. Филозофско-правното учење на акад. Камбовски е интегрално изнесено во неговото дело „Филозофија на правото“, објавено во 2010 година како прв и досега единствен филозофско-правен систем кај нас, како и во други статии и реферати на домашни и меѓународни научни собири на филозофско-правни теми.
Покрај овие значајни дела, издал и околу 40 книги, објавил повеќе од 350 научни трудови, а и учествувал со реферати на повеќе од 40 собири во Македонија и во странство. Автор е на неколку учебници од областа на кривичното право, објавени на повеќе јазици.
За странски член на Aкадемијата на науките и уметностите na Република Српска, Бања Лука (Босна и Херцеговина) е избран во 2013 година. Во 2012 година е избран за член на Европската академија на науките во Салцбург и за член на Светската академија на уметност и наука во САД, а за странски член на Бугарската академија на науките е избран во 2015 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година. Во периодот од 2008 до 2011 година бил потпретседател, а во периодот од 2012 до 2015 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Во моментов е раководител во Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ.
Датум на раѓање::05.01.1948
Место на раѓање::Битола
Членство во МАНУ::Редовен член, 2006
Email::vlado@manu.edu.mk
Област на работа: Економски науки (економски развој, инвестиции, економија на работната сила, меѓународни економски проблеми)
Акад. Гоце Петрески
Институции: Редовен професор на Економскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Гоце Петрески е роден на 31 август 1953 година во Крушево. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на тема поврзана со економската теорија на Џон М. Кејнз. Завршил постдипломски студии од областа на економскиот развој и методите на економска анализа. Во 1983 година го одбранил магистерскиот труд Кост-Бенефит анализата и нејзината примена во оценувањето на инфраструктурни проекти. Како стипендист на ООН, завршил и постдипломски студии од областа на развојот и населението на Универзитетот “Јавахарлал Нехру“ од Њу Делхи во Индија. Докторирал на тема Теоретско –методолошките основи на анализата на развојните цели и оценувањето на проектите”.
Во својата кариера акад. Гоце Петрески сукцесивно минал низ сите наставно-научни звања, од помлад асистент до редовен професор. Негово поле на научен интерес се економскиот раст и развој, инвестициите, економијата на трудот, економија на иновациите и меѓународните економски проблеми. Настапувал или бил ангажиран на повеќе универзитети во земјава и во странство. Визитинг-професор е на Универзитетот во Загреб. Акад. Петрески течно говори англиски и француски јазик, а активно познава уште неколку странски јазици.
Aкад. Гоце Петрески остварил повеќе студиски престои во: Хаг, Токио, Сеул, Стокхолм, Лондон, Бон, Луксембуг, Бриж и Рим. Остварил учество на голем број меѓународни научни собири, симпозиуми и семинари во Лондон, Тривандрум, Женева, Вашингтон, Стокхолм, Варшава, Хаг, Сантандер и др., како и на меѓународни конференции во Кран Монтана, Давос, Њујорк, Сингапур, Женева, Хаг, Лион, Сиетл, Јоханесбург, Бангкок, Стокхолм, Берлин, Осло и др. Учествувал на повеќе меѓународни конференции, симпозиуми, работилници, научни собири и семинари во: Букурешт, Клуж-Напока, Атина, Осло, Евиан, Берлин, Лион, Солун, Каиро, Волос, Прилеп, Охрид, Скопје, Бон, Луксембург и Бриж. Акад. Петрески настапувал и посетувал повеќе обуки во странство, поврзани со различни економски области и, меѓу другото, стекнал дипломи, сертификати и признанија во: Тривандрум, Индија 1990; Сеул, Јужна Кореја, 1991; Токио, Јапонија, 1993; Бон, Германија, 1993; Скопје, 1994 и Луксембург, 2006, Рим 2007.
Покрај академската кариера, акад. Петрески, извршувал високи државни функции, меѓу другите и министер за развој во првата Влада, по осамостојувањето на Република Македонија (1991–92) и амбасадор на Република Македонија при ООН (1994–2000). Исто така, извршувал високи меѓународни функции: претседавач на Економскиот и финансискиот комитет на 50-то јубилејно Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк (1995–96); претседател на Бордот на UNCTAD (Конференција на Обединетите нации за трговија и развој) (1997–98), во Женева; главен преговарач за пристапување на Република Македонија во Светската трговска организација (WTO); учествувал од самата иницијатива и во целосниот тек на преговорите со ЕФТА; бил главен координатор за економската сукцесија во Брисел, Хаг и Женева; координатор и коавтор на Антиинфлациската програма, 1992; бил и консултант на Европската банка за обнова и развој од Лондон (Еuropean Bank for Reconstruction and Decvelopment); член на меѓународната Blue Ribbon-комисија за реформи и на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Истовремено, тој извршувал и значајни надворешни советнички улоги при премиери на Владата на Република Македонија, гувернерот на Народната банка и претседателот на Република Македонија.
Добитник е на највисоката државна награда „Гоце Делчев“, за труд од областа на науката, за 2002 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.
Бил раководител на Департманот за економија на Економскиот факултет (2011-2015) и раководител на докторски студии по Економски науки (2014-2017) по нивното основање при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил секретар на Одделението за општествени науки при МАНУ (2009-2013). И уредник на научното списание „Прилози“ на Одделението за општествени науки.
Датум на раѓање::31.08.1953
Место на раѓање::Крушево
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::gpetreski@ukim.edu.mk
Област на работа: Економски науки (макроекономија)
Акад. Таки Фити
Институции: Редовен професор на Економскиот факултет во Скопје
Биографија
Таки Фити е роден во Крушево во 1950 година, каде што завршува основно и средно образование. На Економскиот факултет, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, дипломирал во 1973 година. Во 1974 година се вработува како асистент по предметот Политичка економија на капитализмот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрира во 1980 година, а докторира во 1983 година, на матичниот факултет, на теми од областа на економскиот развој на земјите во развој. За доцент е избран во 1983 година, за вонреден професор во 1988 година, за редовен професор во 1993 година. По втор пат, за редовен професор е избран во 1998 година. Денес, на редовните студии на Економскиот факултет во Скопје ја предава фундаменталната економска дисциплина – Основи на економијата и дисциплината Претприемништво. Извесен период, на Факултетот ја предавал и дисциплината Развој на економската мисла. Бил раководител на постдипломскиот студиум Економски развој и меѓународни финансии на Економскиот факултет во Скопје. На постдипломските студии на матичниот факултет ги предава предметите: Современи макроекономски концепции и политики; Социјална политика и пазар на труд во ЕУ; Нови можности и претприемништво; и Менаџерска економија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2003 година. Во рамките на МАНУ, бил член на Претседателството, секретар на Одделението за општествени науки и раководител на Центарот за стратегиски истражувања.
За претседател на МАНУ е избран на 30 ноември 2015 година, а функцијата ја извршува од 1 јануари 2016 година.
Основни подрачја на неговата научна преокупација се: економија (микроекономија и макроекономија), економски раст и развој и претприемништво. Последните дваесет години неговиот научен интерес е сосредоточен на комплексни теми од областа на модерната макроекономска наука – посебно современите макроекономски школи и макроекономски политики (фискална и монетарна).
Акад. Фити е научен работник и истражувач со голем опус на научноистражувачки и стручни трудови. Автор или коавтор е на околу 300 научни и стручни трудови – книги, научни проекти, статии, учебници, студии, монографии и сл. Во најголемиот број објавени трудови (дома и во странство) се јавува како прв автор. Неговите трудови се пишувани на македонски, српско-хрватски, англиски и на француски јазик и објавувани во домашни и во меѓународни списанија.
Таки Фити е автор или коавтор на повеќе од 30 книги. Дел од овие книги во кои тој се јавува во својство на коавтор се објавени во странство, во реномирани странски издавачки куќи – Kluwer Academic Publishers (САД – Велика Британија), Kumarian Press (САД), Access Press (Велика Британија), Springer (САД, Велика Британија) и др. Посебно е значаен и високооценуван неговиот придонес во истражувањето на современите макроекономски школи, кои го чинат јадрото на денешната макроекономска наука, и нивната релевантност за конципирањето на клучните макроекономски политики – фискалната и монетарната. Неговите пет книги од оваа област, објавени во периодот по 2001 година, Современите макроекономски концепции и политики, Новата микроекономија и државната регулација, Нобеловци по економија 1969 – 2008 (редактор и автор), Феноменологија на економските кризи – современите бизнис-циклуси и антицикличните политики, Кејнзијанската економска филозофија – од Кејнз до денешни дни, одиграа значајна улога во трансферот на знаења од модерната макроекономија, но и во конципирањето на макроекономските политики кај нас.
Академик Фити, како раководител, автор или коавтор, учествувал во изготвувањето на 30 – тина научни проекти од кои 10 меѓународни. Ангажираноста на акад. Фити во изготвувањето на голем број научноистражувачки проекти, како раководител и автор, исто така, имаат значајно влијание врз конципирањето на макроекономските политики, државната регулација, политиките на поддршка на претприемништвото и др. во Република Македонија. Во овој контекст е значајно да се одбележи дека акад. Фити бил копретседател и коавтор на Синиот извештај за Република Македонија – Bllue Ribbon Commisiion Report (Macedonia) Towards Dynamic and Sustainable Economic Growth – growth supportive policies, United Nations Development Programme (UNDP), Team Liders: Josef Brada and Taki Fiti, Skopje 2006.
Неговите рецензенти (академиците Богоев, Кљусев и Узунов) посебно истакнуваат дека „високата вредност на најголемиот број објавени трудови во поглед на предметот, методите, анализата и валидноста на заклучоците“ е резултат на неговата широка економска едукација, континуираното следење на најновите текови на микроекономската и макроекономската наука, неговите бројни студиски престои (Италија, Германија, Франција, Велика Британија и др.), како и неговите бројни настапи на домашни и на меѓународни научни конференции, конгреси, советувања и сл. (во универзитетските центри на поранешна Југославија, во Париз, Нант, Рен, Вулверхемптон, Лозана, Берлин, Вашингтон, Софија, Букурешт, Киев итн.).
Во доменот на високообразовната дејност, акад. Фити е втемелувач кај нас на фундаменталната научна дисциплина Основи на економијата и на научната дисциплина Претприемништво. Таки Фити е автор на првиот модерен универзитетски учебник на македонски јазик Основи на економијата (пет изданија). И неговиот учебник Претприемништво (три изданија) е прв од оваа област во Република Македонија, изготвен во коавторство со Верица Хаџи Василева–Марковска и Милфорд Беитмен. На 24 ноември 2015 година акад. Таки Фити е прогласен за најдобар универзитетски професор во Република Македонија.
Во доменот на стручната активност треба да се истакне дека акад. Таки Фити, по покана на разни институции, органи и организации, активно учествува во државната, законодавната и другата дејност од општ интерес за земјата.
Aкад. Таки Фити бил:
- Член на работната група за подготовка на економскиот дел на новиот Устав на Република Македонија;
- Долгогодишен претседател на Сојузот на економистите на Македонија;
- Координатор на работната група на Република Македонија за сукцесија на имотот на Федерацијата (поранешна СФР Југославија) и нејзин претставник во работата на Комисијата на ЕУ во Брисел;
- Декан на Економскиот факултет во Скопје;
- Министер за финансии во Владата на Република Македонија;
- Член на уредувачки одбори на три странски списанија со импакт-фактор;
- Консултант на ОЕЦД, Париз, за проекти за мали и за средни претпријатија во Република Македонија;
- Советник на македонски премиери и гувернери на НБМ итн.
Акад. Фити е член на Европското друштво за култура (Société Européenne de Culture) и визитинг-професор на Економскиот факултет во Загреб. Од 2017 година е член на Европска академија на науките и уметностите.
Област на работа: Историски науки (османлиски период)
Акад. Драги Ѓоргиев
Институции: Научен советник во Институтот за национална историја во Скопје
Биографија
Доп.член Драги Ѓоргиеве роден на 28 април 1963 година во Струмица. Во 1986 година дипломирал на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во 1988 година се вработил во Институтот за национална историја како помлад асистент. Истата година се запишал на Катедрата за ориентални јазици на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Сараево, каде дипломирал во 1991 година.По враќањето во Скопје магистрирал во 1995 година на катедрата по историја на Филозофскиот факултет во Скопје, на тема „Скопје од турското освојување до крајот на XVII век“. Истата година бил избран за асистент во Одделението за османо-турски период во Инсттитутот за национална историја. Во 2004 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја одбранил докторската дисертација „Населението во македонско-албански пограничен појас во XV и XVI век“. Истата година бил избран за научен соработник, во 2007 за виш научен соработник, а во 2010 година за научен советник во Одделението за османо-турски период во Институтот за национална историја.Од 2012 година доп.член Драги Ѓоргиев е директор на Институтот за национална историја.
Научноистражувачката дејност на доп.член Ѓоргиев е фокусирана на проучување на османлискиот период, при што досега објавил 35 монографии и зборници на документи, повеќе од 50 статии во разни списанија и зборници, учествал на неколку десетици домашни и меѓународни симпозиуми, активно партиципирал во домашни и меѓународни научни проекти и бил ментор на повеќе докторски и магистерски тези. Во однос на неговите публикации посебно внимание привлекува едицијата Турски документи за историјата на Македонија, во издание на Државниот архив на Република Македонија, во која досега се публикувани осум тома османлиски пописи кои се однесуваат на македонската историја од XVI и XIX век. Покрај овие пописи кои имаат, пред сé, демографско-економски карактер, доп. член Ѓоргиев, благодарение на неговото одлично познавање на османлискиот турски јазик, преведува и објавува и поединечни документи и книги од османлиска проевениенција кои се однесуваат на историјата на Македонија во доцниот османлиски период. Кон оваа преведувачка дејност на доп.член Ѓоргиев треба да се додадат и двата зборници „Британски документи за историјата на Македонија“, том IV и V, (1857-1900). Овие волуминозни зборници на преку 1000 страници нудат единствена слика на демографските, политичките и социјалните прилики во Македонија видени со очите на британските дипломати.
Во 2009 година доп.член Драги Ѓоргиев како монографија ја објави својата докторска дисертација Населението во македонско-албанскиот граничен појас во XV–XVI век. Преку неколкугодишно истражување на необјавени историски извори од османлиска провениенција тој овде ги следи демографските движења во соодветниот граничен појас, доведуваќи ги под прашање веќе утврдените тези во балканските историографии за драматични и радикални демографски промени на таа територија во наведениот период. Овој труд, кој е прво такво истражување во ваков обем базирано на релевантни историски извори, претставува извонреден придонес во македонската историографија и, несомнено, предизвика внимание и во историографска јавност. Интересот за оваа тема беше потврден и со објавувањето на статија за Населението во македонско-албанскиот граничен појас во XV–XVI век, на германски јазик во познатото германско списание за проучување на Југоисточна Европа – Südost – Forschungen (2008). Истата година на македонски и на англиски јазик тој го објави текстот за историјата на македонскиот народ во време на османлиското владеење во изданието на Институтот за национална историја Кратка историја на македонскиот народ.
Истата година во зборникот Балканите меѓу традицијата и модерноста, објавен во Софија, ја публикуваше статијата Административната структура на Солунскиот, Битолскиот и Косовскиот вилает во вторта половина на XIX век, што претставува досега најцелосен и најисцрпен преглед на историјата на формирањето и организирањето на овие три вилаети во кои била опфатена целата територија на Македонија. Важно е да се напомне дека овој труд беше резултат на меѓународниот проект: Административните, социјалните и културните институции во балканските османлиски провинции во XVIII и XIX век, поддржан од Министерствата за образование и наука на Р Македонија и на Р Бугарија, а во соработка на Институтот за национална историја и Институтот за балкански студии при Бугарската академија на науките, каде главен носител од македонска страна беше доп.член Драги Ѓоргиев.
Во периодот од 2010 до 2014 годинадоп.член Драги Ѓоргиев објави уште неколку моногорафии, зборници и статии во земјава и надвор од неа, како што беше монографијата за охридското семејство Охризаде во кое повторно врз основа на османлиска оригинална документација доп.член Ѓоргиев дава краток историјат на ова најпознато охридско османлиско семејство, чии наследници се уште живеат во Охрид. Притоа, доп.член Ѓоргиев загатнува едно важно прашање од процесот на формирањето на османлиската аристократија и елита на територија на целиот Балкански Полуостров: дали тоа беше автентична османлиска аристократија или станува збор за предосманлиска христијанска аристократија која со тек на време се претопи во османлискиот свет, прифаќајќи ја исламската вера и станувајќи дел од турскиот етнос. Во овој труд, без да дава апсолутни и исклучителни заклучоци, тој ја разработува тезата за можноста семејството Охризаде, всушност, да претставува старо христијанска семејство, кое припаѓало на средновековната христијанска аристократија од Охрид.
Значајна и актуелна од овој период е и неговата статија за името Македонија во османлискиот период, објавена во Полска, во списанието на факултетот Артес Либералес, на Варшавскиот универзитет. Во неа, врз база на османлиски, словенски и извори од друга провениенција, се дава значењето и прифаќањето на називот Македонија во различни периоди од османлиската доминација.
Покрај научната дејност, доп.член Драги Ѓоргиев одржал предавања на повеќе универзитети надвор од Македонија, учествувал на околу 50 меѓународни и домашни научни симпозиуми, на кои имал свои излагања и учествувал во дискусии за историјата на Југоисточна Европа и Османлиската Империја. Резултатите од неговите учества на конференции во последните четири години тој ги објавил во Белград, Софија, Истанбул, Анкара, Варшава, Краков и др.
Од неговите архивски истражувања во Истанбул и во Анкара, кои започна уште во 1993 година, тој досега донел преку 10.000 фотокопии од османлиски документи кои се однесуваат на историјата на Македонија од XV до XX век. Оваа изворна граѓа претставува извонредна база за проучување на целиот османлиски период преку оригинална документација од османлиска провениенција.
Благодарение на неговото сериозно навлегување во проучувањето на османлискиот свет тој стана член на повеќе редакции на меѓународни списанија, на научни институции, како што е Турското историско друштво, и на комисии за одбрана на докторски дисертации.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2015 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.
Датум на раѓање::28.04.1963
Место на раѓање::Струмица
Членство во МАНУ::Дописен член, 2015
Email::gjorgiev.dragi@yahoo.com
Област на работа: Економски науки (менаџмент)
Проф. д-р Изет Зеќири
Институции: Редовен професор на Факултетот за бизнис и економија во Тетово – економски науки (менаџмент).
Биографија
Доп.член Изет Зеќири е роден 2 јануари 1967 година во с. Џепчиште, Тетовско. Во 1989 година дипломирал на Економскиот факултет на Универзитетот во Приштина. Во 1993 година запишал постдипломски студии на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде магистрирал во 1998 година. Докторирал во 2001 година на Униврзитетот во Приштина.
Доп.член Изет Зеќири ги извршувал следниве менаџерски функции:
- 1996–1999 – Началник на Министерство за стопанство на РМ;
- 1999–2002 – декан на Економскиот факултет на Универзитетот во Тетово;
- 2000–2002 – раководител на подрачните единици на Државниот пазарен инспекторат на РМ во Тетово, Гостивар и Кичево;
- 2005–2006 – директор на Центарот за развој на бизнис при Универзитетот на Југоисточна Европa;
- 2008–2011– декан на Факултетот за бизнис и економија на Универзитет на Југоисточна Европа.
- 2011 до 2013 пратеник во Собранието на Република Македонија и член на Собраниската комисија за образование, член на Комитетот за меѓуетнички односи и заменик-член на Комисијата за економски прашања
- 2016 – декан на Факултетот за бизнис и економија на Универзитет на Југоисточна Европа
Доп.член Изет Зеќири во неговата академска кариера ги опфаќа следните ангажмани:
- 1998–2000 – предавач по група предмети од областа на менаџментот на Универзитет во Тетово;
- 2002–актулно: предавач по група предмети од областа на менаџментот на Факултетот за бизнис и економија на Универзитет на Југоисточна Европа;
- 2004 – предавач по група предмети од областа на менаџментот на Факултетот за економија при Универзитет „Дарданиа“ во Приштина;
- 2013–2016: предавач на докторски студии во програмата на Екомскиот факултет во Прилеп.
Во својата повеќегодишна професионална и научна работа особено се концентрира на истражувањето на следните проблеми:
Социоекономската транзиција на Р. Македонија и на другите економии во регионот и пошироко како и моделите за економски развој во период на економска, политичка, културна и друга транзиција; истражување на менаџментот во светски рамки и во Република Македонија; истражување во областа на стратегијски менаџмент и стратегијско планирање; истражување на деловните стратегии за развој на претпријатијата во Република Македонија; активно учество во конципирање и ,,драфтирање“ на предлог текстови на многу закони и други подзаконски акти, пред сѐ во социо-економската област и економскиот систем во Р. Македонија.
Научната и примената дејност на доп.член Изет Зеќири е мултидициплинарна, а според објавените трудови, презентации и научноистражувачки и професионални проекти, може да се системираат во следниве основни области: истражувања, презентации и проекти од областа на социо-економска транзиција; истражувања, презентации и проекти од областа на менаџментот и истражувања, презентации и проекти од областа на стратегискиот менаџмент. Во текот на својата кариера има објавено голем број на научни трудови и книги, и има учествувано во многу меѓународни конференции.
Во текот на својата академска кариера доп.член Изет Зеќири ги објавил следниве книги:
- Menaxhmenti strategjik – Krijimi i përparësisë konkurruese, Скопје, 2016
- Menaxhmenti strategjik: Analizë, formulim, implementim dhe kontroll strategjik, Скопје, 2011;
- Kriza globale ekonomike dhe bizneset e vogla në regjionin e Pollogut;
- Employee satisfaction: A Factor that influences the performance of companies in the Polloг region;
- Satisfakcioni nga puna si faktor që ndikon në suksesin e kompanive në regjionin e Pollogut;
- Management : koncepte, praktika, zhvillim aftësish nga teoria në praktikë 2009;
- Management: Koncete, praktika, zhvillim aftësih, 2006;
- Финансиски Менаџмент: Информационен систем за управување со финансиите на претпријатието, Тетово, 2004;
- Креативно против „ЗА„: Перипетии на еден недовршен мандат, Скопје, 2014 издание на македонски јазик
- Realitete ekonomike, Tetovë, 2002.
Доп.член Зеќири објавил и повеќе научни трудoви, од кои, како најзначајни ги издвојуваме:
- Innovations as a business growth tool. In Competitiveness and economic developement: Chalenges, goals and means in a knowledge based society;
- Entrepreneurship and entrepreneurial developments with special emphasis to the Republic of Macedonia;
- Knowledge Management and the Strategic Orientation of Business Organizations; Advantages, disadvantages and reasons behind the implementation of performance management measures in business practices;
- Knowledge Management and competitive advantage of small business; On the importance of strategic management process for the operations of a contemporary business. In Regional economic integration and development: Challenges for the Ballkan;
- Strategies for Achieving Competitive Advantage. In Economic Integration into EU: Challenges and Opportunities; Regional economic development of the Republic of Macedonia as a precondition for integration in EU;
- Contemporary View on Leadership in Organizations; Knowledge management as a challenge to company integration in the global economy (Published in Macedonian language);
- Strategic Planning in Function of Quality Assurance in Higher Education Institutions in Macedonia;
- Human Resource Management in Contemporary Business Organizations: A Literature Review; External Environment Analysis: A Focus on SE’s in the Republic of Macedonia.
- An Analysis of CSR in the Republic of Macedonia.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2015 година.
Датум на раѓање::02.01.1967
Место на раѓање::с. Џепчиште
Членство во МАНУ::Дописен член, 2015
Email::izet.zeqiri@unt.edu.mk
Одделение за медицински науки
Област на работа: Педијатрија
Акад. Нада Поп-Јорданова
Институции: Редовен професор во пензија на медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Нада Кожинкова Поп-Јорданова е родена на 17 март 1947 година во Скопје. Основно училиште и гимназија завршила во Скопје како првенец на генерацијата. Паралелно со гимназијата дипломирала и средно музичко училиште, отсек – виолина. Студиите по медицина ги завршила на Медицинскиот факултет во 1970 година со просечна оценка 9,88. По задолжителниот лекарски стаж и положување на стручниот испит работела една година како волонтер во Заводот за ментално здравје за деца и младинци. На Клиниката за детски болести се вработила во 1972 година, а во 1977 станала лекар-специјалист педијатар. Во 1982 година дипломирала психологија на Филозофскиот факултет во Скопје (просечна оценка 9) со одбранета дипломска работа „Цртежите како проективна техника кај децата со органски болести“.
Во 1983 година го одбранила докторскиот труд „Психолошки фактори кај идиопатската адипозност кај школските деца“ под менторство на проф. Васка Донева, преку кој за првпат во педијатријата го воведува психосоматскиот приод во етиологијата на заболувањата. Работејќи повеќе години на одделот по гастроентерохепатологија под раководство на проф. Ратка Влашки, во 1987 стекнува титула супспецијалист по гастроентерологија.
Меѓутоа, нејзиниот интерес за психолошката медицина и психосоматиката ја мотивира за надградба и усовршување токму во оваа област, поради што остварува куси престои на соодветни институции во Виена (1988), Софија (1988), Загреб (1989, 1990), Нови Сад (1989), Белград (1991), а потоа во Токио (2000) и на Imperial College – Лондон (2003). Сите овие престои го надополнуваат нејзиното знаење од областа на медицинската психологија и детската невропсихијатрија. Една школска година (1992–93), како визитинг-професор престојува во Лозана, Швајцарија, во”Centre Hospitalier Universitaire Vaudois”, главно на одделите за развој и ментални проблеми кај младите. Таму работи со познатите Проф. Ансермет и Проф. Бачард, еминентни стручњаци од областа на детската и адолесцентна психијатрија. Во текот на овој престој се вклучува во тамошните стручни екипи посветени на работата на менталното здравје кај младите.
Во 1995 година го формира Одделението за психофизиологија на чие чело останува сé до заминувањето во пензија (2011).
Работејќи и објавувајќи трудови од областа на менталното здравје и психофизиологијата станува меѓународно препознатливо име за што говори нејзиниот избор за редовен член на International College of Psychosomatic Medicine (1994), European Association for Research in Adolescence (1996), Swiss Society for Child and Adolescent Psychiatry (1996), International Organization of Psychoscoiology (1997), Interantional Society for Neuronal Regulation (2002), Society for Applied Neuroscience (2004), Society for Seflregulation and Biofeedback (2005).
Во 1996 година за првпат во Македонија и во поширокиот регион ја вовела методата компјутеризиран биофидбек како во проценката така и во терапијата на разните психофизиолошки растројства. Притоа, таа соработувала со врвни експерти од оваа област како Lynda Thompson (Торонто), Jury Kropotov (Ст. Петерзбург), Berry Sterman (Калифорнија), Олга Базанова (Новосибирск), Andy Muller (Цирих), John Gruzelier (Лондон), John Roy (Њујорк) и др. Истовремено, за првпат на Балканот ја вовела методата квантитативна електроенцефалографија со мозочно мапирање.
Во наставната активност акад. Кожинкова Поп-Јорданова ги поминала сите фази на напредувањето од асистент (1978–84), доцент (1984–90), вонреден професор (1990–96), редовен професор (1996–2011), а во два мандата ја раководела катедрата по педијатрија како нејзин шеф (1999–2003).
Акад. Кожинкова Поп-Јорданова објавила над 400 научни трудови, а во над 85% од трудовите таа е единствен или прв автор. Поголемиот број од трудовите се објавени во меѓународни научни списанија. Научноистражувачката активност на акад. Кожинкова Поп-Јорданова се состои во реализирањето на 16 меѓународни и шест домашни проекти, како и со учество како член на работни групи во повеќе меѓународни проекти.
Член е на следните странски академии: Њујоршката академија на науките, САД (1997), Светската академија за уметност и наука, САД (2006) и Европската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија (2012).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 4 јуни 2012 година.
Датум на раѓање::17.03.1947
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Редовен член, 2012
Област на работа: Урологија
Акад. Живко Попов
Институции: Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Живко Попов е роден на 23 јуни 1950 год. во Кавадарци. Основно училиште и гимназија (Ј.Б.Тито) завршил во Битола, а Медицински факултет во Скопје во 1976 година. На Клиниките за хируршки болести (Клиника за урологија, Доц.др.Иван Влашки) при Медицинскиот факултет во Скопје се вработил во 1977 година. Едногодишната воена обврска ја обавил во 1977/78 год. во 47 класа на Санитетската офицерска школа (СОШ) во Белград и во Осиек (СФРЈ). Универзитетската наобразба ја започнува како специјалист хирург-уролог во 1983 год. кога ја завршил четиригодишната специјализација по урологија на Медицинскиот факултет во Скопје, хирург-трансплантолог е од 1986 год. кога завршил и специјализација по трансплантациона хирургија во Универзитетско-клиничкиот центар Хенри Мондор, XII Париски Универзитет, Франција (проф. Clement-Claude Abbou; проф. Jean Auvert). На 27.11.1990 год. на Медицинскиот факултет при Универзитот Св. Кирил и Методиј во Скопје ја одбранил докторската дисертација од областа на медицинските науки со наслов: “Проценка на реактивноста на локорегионалната туморска лимфаденопатија и улогата на лимфаденектомијата во дијагностиката на урогениталниот канцер” (ментор проф. др. Б. Бадиев).
Акад. Живко Попов своето образование го продолжил во Париз, при што во 1994 год. се здобил со универзитетска диплома за продлабочени студии во хируршки науки (Diplome d’Etudes Approfondies en sciences chirurgicales D.E.A.) на V Париски универзитет Rene Descartes, со писмен испит и јавна одбрана на мемоарот со наслов: “Evaluation de la proliferation et de la surexpression de p53 dans le cancer de la vessie: Valeur pronostique”. (Директор на студиите: проф. Didier Houssin).
На 10 ноември 1998 год. ја одбранил својата втора докторска дисертација во Франција од областа на хируршките науки (опција канцерологија), повторно на престижниот V Париски универзитет Rene Descartes, UFR Cochin Port Royal, теза со наслов: “Marqueurs moleculaires du cancer vesical: valeur pronostique” (ментор: проф. Dominique Chopin). Јавната одбрана на трудот била оценета со највисока оценка од страна на комисијата со која претседавал Претседателот на Француската уролошка асоцијација проф. Francois Richard. Во 2011 год. во рамките на Европската унија на медицински специјалисти (EUMS) се здобил со Европска диплома за трансплантациона хирургија (European Honorary Diploma for Transplantation Surgery) и звање FEBS (Felow of European Board of Surgery).
Клиничкиот тренинг и наобразба ги обавил во повеќе универзитетски институции во Р. Македонија, СФРЈ и странство. Согласно стручните активности предвидени со програмата и планот за специјализација покрај Хируршките клиники при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1982 год. престојувал три месеци на Институтот за урологија и нефрологија во Белград и Уролошката клиника при Клиничкиот центар во Љубљана. Пролетта 1985 год. заминал на неколкумесечна специјализација во Mayo Clinic, Mayo Medical School, Rochester, Минесота, САД (проф. W. L. Furlow; проф. Horst Zincke) каде што се запознал со употребата на протези во урологијата, импотенцијата, пенисната хирургија, лимфните дисекции кај урогениталниот канцер, радикалните простатектомии, трансабдоминалниот пристап на урогениталните органи и други големи хируршки процедури во онколошката урологија.
Во текот на 1985/1986 год. бил на едногодишна специјализација по трансплантациона хирургија на XII Париски универзитет во Клиничкиот центар Хенри Мондор, кај реномираните професори Јеаn Auvert, Claude Abbou и Dominique Chopin. Во 1986 год. исто така престојувал четири месеци кај познатиот проф. Maurice Camey во Centre Medico – Chirurgical Foch во Париз, заради едукација во полето на онколошката урологија, посебно радикалните цистопростатектомии кај канцерот на мочниот меур, и неговата супституција, област во која проф.Camey има сопствени процедури.
Од 1992 до 1994 год. повторно престојувал на XII Париски универзитет во Клиничкиот центар и Центарот за хируршки истражувања Хенри Мондор кај професорите Claude Abbou и Dominique Chopin. Во овој период тој извршил двегодишна суплементарна едукација во полето на бубрежната и мултиорганска трансплантација, онколошката урологија, како и научноистражувачка работа во полето на имунологијата на урогениталниот канцер.
Неговата суплементарна едукација е богата со повеќе кратки стручни престои со цел да се перфекционираат постоечките или да се воведат нови хируршки процедури во решавањето на уролошката патологија, од кои се издвојуваат: Cornell University, New York (проф. Neal Bander, 1999); Универзитетскиот клинички центар А.К.Х., Виена, (проф. M. Marberger, 2000 и 2002); Универзитетската Елизабетска болница Линц, Австрија, (проф. Janetchek, 2003); Универзитет во Тел Авив, Израел, Клинички центар Sheeba, (проф. Amram Ayalon, 2003); Универзитет во Берн, Швајцарија, (проф. Urs Studer, 2003 и 2006); Rabin Medical Centre, Beilinson Hospital, Department for Organ Transplantation, Petah Tikva, Izrael (проф. Eytan Mor, 2013) и други.
Своите академски наименувања и наставна дејност ги започнал во 1983 год. кога е избран за асистент по предметот хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје; асистент по уролошка хирургија во 1985/1986 год. во Универзитетските болници Hopital Henri Mondor (проф. Jean Auvert) и Hopital Foch (проф. Maurice Camey) во Париз, Франција. Во 1991 год. е избран за доцент, во 1996 год. за вонреден професор, а од 2002 год. е редовен професор со два реизбора по предметите хируршка пропедевтика и општа хирургија со воена хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој одржува постдипломска настава за специјализанти по урологија, општа хирургија и други допирни хируршки специјалности каде се третираат проблеми од хирургијата на урогениталниот систем. Бил ментор на повеќе успешно одбранети докторски дисертации и магистерски трудови и сеуште е активно вклучен со три докторанти во третиот циклус на студии при Медицинскиот факултет во Скопје.
Повеќегодишните стручни и научноистражувачки престои на Клиничките болници во Париз му овозможиле да се здобие и со престижни академски титули на Парискиот универзитет: 1993/94 универзитетски клинички шеф по уролошка хирургија (Chef de Clinique associe aux Universites) при Centre Hospitalier Universitaire (CHU) Henri Mondor, Faculte de Medicine Creteil, Universite Paris XII Val De Marne; во учебните 1997/98; 1998/99; 1999/2000; 2001 и 2003 се стекнал со титула универзитетски поканет професор по уролошка хирургија (Professeur Invite des Universites) при CHU Henri Mondor, Faculte de Medicine Creteil, Universite Paris XII Val De Marne, France, во рамките на францускиот национален контингент на професори од прва класа, со полно работно време по 4 месеци годишно. За време на овие престои на Парискиот универзитет активно е вклучен во изведувањето и менторирањето на студиите за стекнување на универзитетска диплома за продлабочени знаења во хируршките науки (D.E.A.).
Болничките наименувања ги започнал како шеф на отсекот за ендоскопија при Клиниката за урологија, Медицински факултет Скопје (1984–1991). Од 1992 до 1995 год. бил шеф на Одделението по општа урологија, а од 1995 до 1999 год. бил назначен за шеф на Одделот по уролошка онкологија. За директор на Клиниката за урологија бил избран во три мандата (1995–1997; 1999–2002; 2006-2012). Во 1996 год. бил назначен за модератор на Хируршките клиники при Клиничкиот центар Скопје, а нивни координативен директор бил во периодот од 1999 до 2002 година. Акад. Попов е основопложник и раководител на Центарот за трансплантација на бубрези при Унив.Клиника за Урологија, Медицински факултет, УКИМ, Скопје (1996-2012). Раководител на Одделот за уролошка хирургија при Специјалната Болница за хируршки болести “Филип Втори”- Скопје (2012-2014; 2016-), Општа Болница Ремедика- Скопје (2014-2016).
Стручни и научни достигнувања:
Акад. Живко Попов е првиот самостоен македонски трансплантациски хирург, комплетно едуциран и подготвен да ја спроведе оваа комплицирана хируршка методологија во пресадувањето и во решавањето на сите хируршки компликации. Со вкупно направени под негово раководство преку 260 пресадувања на бубрези (кадаверични и од жив дарител), воглавно во периодот од формирањето на хируршкиот центар за трансплантација во 1996 год. па сé до 2012 година. Акад. Попов со својот трансплантациски хируршки тим, нашата држава ја вброи во оние каде оваа дисциплина постои и се извршува на европско ниво.
Резултатите од својата работа акад. Попов ги презентирa на повеќе меѓународни симпозиуми и конгреси и ги публикувa во реномирани стручни списанија. Почнувајќи од крајот на 80-тите години на 20-тиот век, кога Клиничкиот центар во Скопје во тогашната СФРЈ претставува референтен центар за една од првите организирани кадаверични трансплантации на бубрези и кога ширум бившите југословенски простори беа за прв пат испратени десетина презервирани кадаверични бубрези, па сé до денес оваа медицинска дисциплина перманентно се развива следејќи ги современите процедури во полето на трансплантологијата. Така, во 2002 и 2003 год. под раководство на акад. Попов се изведени и првите четири трансплантации на Балканот, при кои е употребена лапароскопска техника при земањето на бубрегот од живиот дарител, во соработка со проф. D. Chopin од XII Париски Универзитет и проф. A. Ayalon од Универзитетот во Тел Авив (Popov et al. Prog.Urol.2005).
Акад. Живко Попов едуциран на повеќе странски универзитети, а пред сé на оние во Париз, се формира во професионалец и научник од високо ниво со широк репертоар на знаења и активности во полето на урогениталната хирургија. Тој е лидер во воведувањето на повеќе тешки хируршки процедури во онколошката урологија, како што се радикалните лимфни дисекции во предел на ретроперитонеумот кај тестикуларните карциноми по што своевремено тој е познат на просторите на СФРЈ. Тој е исто така познат и по многубројните операции од областа на пелвичната хирургија на егзереза со илио-обтураторни лимфни дисекции и уринарна реконструкција. Тој го воведува трансабдоминалниот хируршки пристап при операциите на туморите на ретроперитонеумот, бубрезите и надбубрежните жлезди, и е еден од лидерите во воведувањето на радикалната простатектомија кај канцерот на простата, како и во реализацијата на неовезиката после радикална цистектомија кај мажот и жената при малигните тумори на мочниот меур. Прв во Република Македонија ја изведува трансвагиналната суспензија на вратот на мочниот меур по методата на Raz (UCLA) кај стрес инконтиненцијата кај жената. Лидер е во пенисната хирургија на овие простори, воведувајќи ја Nesbit процедурата и “patch” техниките по Devine кај вродените аномалии на пенисот и Perony-евата болест, како и радикалните пенектомии со перинеостомија кај канцерот на пенисот. Модерните ендоуролошки методи (перкутана нефролитолапаксија, уретерореноскопијата и др.) за лекување на уринарната калкулоза, при крајот на 80-тите години на минатиот век станаа една од неговите главни стручни преокупации. Во првата деценија на 21 век, акад. Попов е лидер во воведувањето на лапароскопијата во урологијата, а посебно неговото внимание е насочено кон лапароскопската хирургија на надбубрежните жлезди која веќе станува рутина на нашите простори (Popov et al. Urology, 2008; Popov et al. Prilozi, 2015). Своето богато клиничко искуство перманентно го презентира на меѓународни и национални Конгреси и несебично го пренесува на другите колеги на хируршките клиники а особено на специјализантите.
Членување во научни асоцијации:
- Интернационално Здружение по Урологија (Societe Internationale d’Urologie – SIU), (1995 -). Национален делегат (1998 – 2012).
- Европска Уролошка Асоцијација – EAU (1998 -).
- Европско Здружение по Уролошка Онкологија (член и претставник за Источна Европа во Бордот на Здружението) (2002 – 2006).
- Член на Американската Уролошка Асоцијација (AUA) (2006-).
- Здружение за трансплантација на франкофонските земји (Societe Fancophone de Transplantation, SFT) (2006-).
- Европско Здружение за трансплантација на органи – ESOT (2010).
- Македонска Уролошка Асоцијација (Претседател 1999-2002, 2010-2015).
- Македонско Здружение за Трансплантација на органи и ткива (2005-), избран Претседател за нареден мандат.
- Претседател и организатор на Првиот Македонски Уролошки Конгрес во соработка со Европската Уролошка Асоцијација –EAU (2002) во Охрид.
- Претседател и органиозатор на 7-от Конгрес на Уролозите на Југоисточна Европа (SEEM/EAU, 2011) во Скопје.
- Копретседател и организатор на 5-иот Евроазиски Зимски Форум одржан во МАНУ- Скопје (2013).
Членување во комисии:
- Член на Федералната Комисија за Трансплантација при Сојузното Министерство за здравство, Белград, Југославија, 1991–1992 (министер Драгиша Гачиќ).
- Национален координатор и шеф на “Македонија трансплант”, (координативно тело за трансплантација на органи и ткива), при Министерството за здравство наM., 2002–2011.
- Член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Република Македонија при МОН како претставник на МАНУ, мандат: 2011–
Национални и меѓународни награди:
- 2000, Републичка награда „11 Октомври“ за достигнувања во полето на хирургијата и трансплантацијата на бубрези, Скопје.
- 2002, Орден за придонес на Француската култура и наука: “Академска палма” (Chevalier dans I Ordre des Palmes Academiques) co декрет на Премиерот на Република Франција.
- 2007, Награда „13 Ноември“ на Град Скопје за особен придонес во развојот и меѓународна афирмација во доменот на уролошката хирургија и трансплантацијата на бубрези во градот Скопје.
- 2010, Државна награда „23 Октомври“ за достигнувања во областа на хирургијата и науката.
Грантови и проекти:
- Член на Истражувачката група за Урогенитални тумори (GETU- Groupe d’Etudes de Tumeurs Urologiques) при 12-тиот Париски Универзитет (CHU Henri Mondor), директор: проф. Dominique K. Chopin (1992- 2005), од каде произлегуваат голем број на публикации во научни списанија со висок импакт фактор. Иницира, зема учество и координира повеќе проекти за клинички и фундаментални научни истражувања од областа на урогениталните тумори и нивната имунологија со посебен акцент на молекуларните маркери на канцерот на мочниот меур.
- 2007-2009, Грант од Шестата Рамковна Програма за истражување, технолошки развој и демонстрација на Европската Комисија (Research grant from the 6th Framework Programme on Research, Technological Development and Demonstration of the European Commission-Contract Number: 037739) со работен наслов: Интеграција на ДНК, РНК и протеински маркери во дијагнозата и прогнозата на карциномот на мочниот меур. Во рамките на проектот набавена е опрема за основање банка на ткиво од урогенитален канцер при МАНУ (акад. Попов е главен истражувач за Република Македонија и национален претставник во конзорциумот на проектот).
Публицистичка дејност:
Три мемоари од кои два за докторски дисертации и еден за продлабочени знаења во хируршки науки, повеќе извештаи за научно-истражувачки проекти. Едитор на бројот 5 од 2000 год. на реномираното француско научно списание Annales d’Urologie, посветен на бубрежната трансплантација во Република Македонија. Акад. Живко Попов како автор и коавтор објавил над 200 научно-стручни трудови во домашни и меѓународни научни списанија, од кои над 60 се наоѓаат на PubMed индексирани на Medline, со преку 700 цитирања во Интернационалниот индекс.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.
Датум на раѓање::23.06.1950
Место на раѓање::Кавадарци
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::zivkopopov@yahoo.com
Област на работа: Интерна медицина
Акад. Владимир Серафимоски
Институции: Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Владимир Серафимоски е роден на 3 јуни 1948 година во Гостивар, каде што завршил основно и средно образование. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1971 год. По завршување на четвртата година од студиите бил испратен во Полска (Варшава), каде што ја изведувал задолжителната практична работа no хирургија на II хируршка клиника. Својот работен век го започнува во Здравствениот дом во Скопје. По приемот на Клиниката за гастроентерохепатологија добил решение за специјализација по интерна медицина и активно се вклучува во научно-истражувачката работа. Во 1977 год. е избран за помлад асистент, а во 1981 година за асистент на Катедрата за интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Редовен професор е по предметот интерна медицина.
Уште како млад асистент од Стручниот колегиум на Клиниката за гастроентерохепатологија добива задача да ја воведе рутинската ехотомографија во абдоминалната дијагностика. Испратен е во Париз, Амстердам, Нирберг и Филаделфија на професионална едукаинја и постдипломско усовршување. Во 1983 година ја брани докторската дисертација на тема „Ехотомографски придонес во дијагностиката и диференцијалната дијагностика на опструктивниот иктерус“. Рутинската ултрасонографија како дијагностичка метода прв ја воведува на просторите на поранешна Југославија и на Балканот. Во оваа област е пионер. Дијагностичката ултрасонографија претставува насочена биопсија водена под ултразвук на црниот дроб, на панкреасот, на слезенката, на ретроперитоенеалните лимфни јазли, на бубрезите и на другите структури во абдоменот. При тоа се биопсираат патолошки структури на овие органи и се добива парче за хистолошка анализа, со што се добива егзактна дијагностика. Клиниката за гастроентерохепатологија на која бил и одреден период и директор, претставувала референтен центар за едуцирање на кадри од оваа област, особено од поранешна Југославија.
Акад. Владимир Серафимоски престојувал во повеќе центри во светот, и тоа: Амстердам, Ротердам, Париз, Нирнберг, Филаделфија, Сан Диего, Копенхаген, Лондон и како резултат на тие престои ја воведува интервентната ултрасонографија во поранешните простори на СФР Југославија и во нашата земја. Со тоа тој ги воведува следниве терапевтски процедури, дренажи на апсцеси на црниот дроб, на панкреасот, на жолчното кесе, на бубрезите и другите органи во абдоменот; дренажи на проширени билијарни патишта; поставување на билијарни протези и многу други манипулации кои го скратуваат времето на дијагностицирање и на лекување на гастроентерохепатолошките болни.
Акад. Серафимоски во нашава земја ја воведува ендосонографијата, која во денешно време е незаменлива за одредување на стадиумот на туморите на хранопроводот, желудникот, колонот и панкреасот. Изведувачот на оваа метода мора многу добро да ги познава ендоскопијата и ехотомографијата, бидејќи методата е синтеза на двете техники. Интерпретацијата на резултатите од оваа метода е многу тешка и одговорна работа, бидејќи со неа се одредува степенот. на операбилноста на болниот. Исто така ги воведува доплер и колор доплер ултрасонографијата и интраоперативната ултрасонографија.
Акад. Серафимоски, кој е во пензија, работел на Клиниката за гастроентерохепатологија и бил редовен професор на Катедрата по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Под негово менторство се изработени и одбранети 5 магистерски труда и 5 докторски дисертации.
Носител е на бројни научноистражувачки проекти.
- Црнодробен канцер во Република Македонија, 1989-1991,
- Канцерот на желудникот во Република Македонија, 1992-1994,
- ХБВ инфекција кај циротичните болни , 1995-1997,
- The role od H. pylori virulence (Vac A and CagA protein ) in the pathogenesis of chronic gastritis and peptic ulcer disease in correlation with the local and sistemic immune response. Prof. D-r Howard Steer, Sauthempton–General Hospital U.K. and Prof. D-r Vladimir Serafimoski , Departement of Gastroenterohepatology, Clinical centar, Skopje, R. Macedonia,
- Serological markers of Chronic infection with Hepatitis-B virus, Prof. D-r C.H. Schroeder, Dautshes Krebsforschungszentrum im Neuenheimen Feld 280, 69120, Heilderberg, Deutshland and Prof. D-r Vladimir Serafimoski, Departement of Gastroenterohepatology , Clinical centar Skopje, R. Macedonia ,
- Renal impairment in patients with Inflamatori Bowel Disease. Prof. D-r M.E. De Broe University Hospital Antwerpen –Belgium; P. Colombie Lille, France; Reigler-Napoli- Italy, Prof. D-r. V. Serafimoski, Skopje, Macedonia.
- Хепатитис С виртус вклучен сум во пректот кој е под раководство на Академик Ѓ. Ефремов и Академик М. Поленаковиќ.
Во моментов активно е вклучен во три научноистражувачки проекти.
Членува во повеќе научни друштва и асоцијации како:
- World organisation of Gastroenterology,
- European Society of Gastro-Intestinal Endoskopy,
- Assotiation of National European and Mediterranean Societies of Gastroenterology,
- International Gastro-Surgical Club,
- Здружение на Гастроентеролозите на Југославија;
- Здружението за ултразвук и медицина на Југославија;
- Здружение на хепатолозите на Југославија
Бил претседател е на Научното здружение на гастроентерохепатолозите на Македонија и организатор на три научни симпозиуми за ултразвук и на Меѓународниот хепатолошки симпозиум (1966). Од 1978 година на одделот за ултразвук со кој раководел престојувале на студиски престој, на усовршување или изработка на научни трудови над 50-тина специјалисти по интрна медицина, по гастроентерохепатологија, магистри и доктори на науки како од нашата земја, така и од странство. Од Република Македонија едуцирал специјалисти интернисти (30), како и од странство од Белград (5), Ниш (3), Лесковац (2), Врање (5), Тузла (2), Загреб (2), Косово (1) и Софија (1) .
Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои „Наградата 11 Октомври“, највисоко општествено признание за долгогодишни значајни остварувања во Република Македонија од областа на науката и образованието.
Акад. Серафимоски учествувал на бројни научни собири, конгреси и симпозиуми. Како професор по покана одржал над 40 предавања. Своето богато научно искуство го има презентирано во повеќе од 230 научни и стручни трудови објавени во странски и домашни списанија. Неговите трудови се објавени во реномирани списанија од областа на гастроентерохепатологијата, а особено во областа на ехотомографијата. Автор и коавтор е на повеќе изданија, и тоа: Ехотомографски пристап кон иктеричниот синдром, Гастроентерологија, Етиопатогенетска фармакотерапија на гастроентерохепатолошките заболувања и др. Од особена важност е изданието Пропедевтичка и клиничка гастроентерохепатологија, за која акад. Исак Таџер, меѓу другото, вели „мојата оценка е највисоко можна, посебно поради тоа што авторот научно и со знаење ја изложува материјата усвоена преку своето лично искуство со болниот човек“.
Бил член на Управниот одбор на Македонското лекарско друштво во еден мандат, Преседател на Здружението за ултразвук на Р, Македонија во два мандата, Председател на Научното здружение на гастроентерохепатолозите на Р. Македонија, член во Одборот за доделување на највисоки државни награди, Директор на клиниката за Гастроентерохепатологија. Во два наврати бил секретар на Одделението за медицински науки.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2000 година.
Датум на раѓање::03.06.1948
Место на раѓање::Гостивар
Членство во МАНУ::Редовен член, 2000
Email::vserafimovski@yahoo.com
Област на работа: Оториноларингологија
Акад. Илија Филипче
Институции: Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Илија Филипче е роден на 28 јули 1946 година во Охрид. Основно и средно образование завршил во родниот град, а Медицински факултет во Скопје во 1971 година. На Клини-ката за уво, нос и грло при Меди-цинскиот факултет се вработил во 1972 година. Специјализацијата од областа на оториноларингологијата ја завршил во 1977 година. Уште како специјализант е избран за помлад асистент, а потоа и за редовен асистент. Во 1987 година ја одбранил својата докторска дисертација под наслов „Споредбени испитувања помеѓу техниките на стапедотомија и стапедектомија во хируршкото лекување на отосклерозата“ под менторство на академик А. Андреевски. Во наредните години следуваат изборите за доцент, вонреден професор и редовен професор по истиот предмет при Медицинскиот факултет во Скопје. Избран наставник е и на Високата школа за логопедија и фонијатрија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Високата школа за медицински сестри при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Престојувал во повеќе познати специјализирани центри за одделни суптилни подрачја во областа на оториноларингологијата: во Клинката во Загреб кај академик акад. Падован, а подоцна и кај акад. Краина посветувајќи се на хирургијата на параназалните синуси, фронтобазалните повреди и фонохирургијата; во Париз, во болницата Ст. Антоин кај акад. C.H. Chouard интензивно работел на проблемот на кохлеарниот имплант (вештачко уво) и хирургијата на внатрешното уво; во детската болница Necker во Париз работел на проблемот на вродените малформации на увото, детската бронхо-скопија и езофагоскопија; во Универзитетската болница E. Heriot во Лион, кај акад. Мартин ја усовршил реконструктивната микрохируршка техника на средното уво; во Безиерс, Франција, во најпризнатата специјализирана отолошка клиника работел на проблемот на хируршкото лекување на глувоста предизвикана од отосклероза; кај акад. Ј. М. Стеркерс во Париз, посебно се усовршува за хируршки пристап преку увото до понтоцеребеларниот агол во мозокот и до внатрешниот слушен канал што е многу важно за отстранувањето на тумори во таа регија; хирургијата на лицевиот нерв уште повеќе ја совладува кај акад. Fish во Цирих; во универзитетската оторинола-ринголошка клиника во Прага интензивно работи на проблемот на вештачкото уво.
Како резултат на овие активности, усвојувањето на нови хируршки техники и знаења и нивното применување акад. Филипче се изградува како исклучителен оператор кој за првпат во Република Македонија воведува нови техники кои дотогаш не се изведувале.
Уште поголем придонес се и воведувањето на негови модификации при интервенциите кои даваат многу поуспешен оперативен резултат, мал број компликации и брза рехабилитација. Во својата досегашна професионална работа извршил над 8.000 операции со ниту еден смртен исход и без сериозни и трајни компликации.
Презентирал и објавил над 100 научни и стручни трудови во домашни и меѓународни научни списанија.
Учесник е на бројни светски, европски и национални конгреси, како и бил поканет предавач исклучително со свои лични трудови. Бил директор на Клиниката за оториноларингологија, како и министер за здравство во Владата на Република Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.
Датум на раѓање::28.07.1946
Место на раѓање::Охрид
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::nino923@hotmail.xom
Област на работа: Биомедицински науки
Акад. Александар Димовски
Институции: Редовен професор на Фармацевтскиот факултет во Скопје
Биографија
Доп. член Александар Димовски е роден во Скопје на 18 октомври 1962 година. Средното образование го оформил во гимназијата „Ј. Б. Тито“ со одличен успех а високото образование го стекнал на Медицинскиот факултет во Скопје каде дипломирал во 1987 година. Истата година се вработува како помлад асистент во новоформираниот Истражувачки центар за нови технологии при МАНУ во Oдделението за генетско-инженерство и биотехнологија, денес ИЦГИБ „Георги. Д. Ефремов“, како прв соработник на академик Ефремов. Потоа се стекнува со звање виш научен соработник, и станува шеф на лабораторијата на Центарот. За време на неговата работа во Центaрот, доп.член Димовски има бројни студиски престои и специјализации во најреномирани установи во САД и ЕУ вклучително Department for Cell and Molecular Biology, Medical College of Georgia, Augusta, USA, Centre for Genetic Engineering and Biotechnology, Trieste, Italy, Institute for molecular medicine “Sir David Weatherall”,John Ratkliff Hospitall, Oxford, Brigham and Woman’s Hospital Harvard Medical School Boston, Department for Biochemistry and Department for Immunology Stocholm University, Department for molecular medicine Karolinska hospital Stockholm, Department of pharmacologyUniversity of Copenhagen. Во 1993 година докторира на Универзитетот во Мастрихт, Холандија, од областа на молекуларната медицина под коменторство на prof. Dr. THJ Huisman од Аугуста, САД, и prof. dr. P. Brombacher од Мастрихт, Холандија. Во 2002 година е избран за вонреден професор на Фармацевтскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за предметите молекуларна биологија со генетика, имунологија со имунохемија и фармакогенетика, а од 2007 година до денес е редовен професор по наведените премети. Во текот на неговата 14-годишна работа на Фармацевтскиот факултет, доп.член Димовски ги обавувал и функциите на шеф на Институтот по фармацевтска хемија (2002–2005), продекан (2005–2008), декан (2008–2013) и раководител на Центарот за биомолекуларни фармацевтски анализи (од 2008), учествувал во бројни научни и стручни здруженија како председател на Македонското здружение за биохемија и молекуларна биологија, коосновач и потпредседател на Македонското здружение за хумана генетика, коосновач и потпредседател на Македонското здружение за фармакоекономија и истражување на исходот од терапијата, член на Европското здружение за хумана генетика и член на Европската федерација за биохемија и молекуларна биологија.
Доп.член Димовски учествувал и во меѓународни комисии и работни тела како член на Комитетот за биомедицински и биомолекуларни науки на COST (2004–2014) во Брисел, Liasson officer за Македонија и член на Бордот на гувернери на ICGEB, Trieste (од 2004) и член на Панелот за биомедицина за евалуација на научноистражувачката дејност во Латвија (2013) и во комисии и работни тела во Македонија, и тоа, член на Одборот за акредитација на високото образование (2003–2006), национален координатор за истражувања од областа на медицинските науки при МОН (2005–2007), потпредседател на Советот за наука при МОН (2009–12) и член на Комисијата за лекови при Министерството за здравство (од 2014). Тој, исто така, учествувал во изработката на национални стратешки документи: Програмата за развој на научноистражувачката дејност во Македонија до 2010, Националната програма за научноистражувачка и развојна дејност во Македонија (2012–2016), Стратегијата за превенција, дијагноза, терапија и следење на пациенти со колоректален карцином и Прирачникот за белодробен карцином – водич за дијагноза, терапија и прогноза.
Во рамките на неговата наставно-научна дејност, доп.член Димовски учествувал во практична/теоретска настава за обука во рамки на многубројни курсеви и школи, бил ментор на 5 магистерски теми и 8 докторски теми и учествувал во изведување на експериментален дел и стручен совет за изработка на 6 докторски дисертации од други институции. Доп.член Димовски извршил стручна редакција на шест преведени учебници од областа на генетиката, имунологијата и фармакогенетиката.
Доп.член Димовски учествува во реализацијата на бројни проекти финансирани од домашни и меѓународни извори кои имаа за цел истражувања на молекуларните основи на наследните карциноми, особено на дебелото црево, како и за откривање на прогностички молекуларни маркери кои би се користеле во дијагнозата, прогнозата и терапијата на пациентите со малигни заболувања. За посебно одбележување е неговиот научен придонес во областите од генетиката и молекуларната биологија особено во воведувањето на методологија за молекуларна дијагноза на наследни, инфективни и малигни болести во Македонија, разјаснување на (дел) од механизмите на switching-от во експресијата на феталните во адултни глобински гени и нивна примена во прогнозата и терапијата на хемоглобинопатиите. Тој е еден од пионерите на истражувањата во областа на молекуларната онкологија во Македонија и нивна примена во дијагнозата и третманот на пациентите со различни малигни заболувањаво секојдневата клиничка пракса како и основоположник на фармакогенетиката во Македонија и еден од главните промотори на воведувањето на персонализираната медицина како нов пристап во дијагнозата, прогнозата, изборот на терапија и евалуација на исходот на терапијата на болестите. Неговите истражувања резултираа со откривањето на генетските основи на фамилијарната аденоматозна полипоза и хередитарниот неполипозен колоректален карином кај нашите пациенти, со што се овозможи воспоставување на пресимптоматска дијагноза во фамилиите со ризик за добивање на болеста.
Доп.член Димовски, исто така, беше еден од пионерите во истражувањата на молекуларната субкласификација на колоректалните карциноми кои се извонредно важни за стратификацијата на третаманот на пациентите според специфичниот генетски профил на туморот. Наодите и искуствата од овие истражувања имаат голема апликативна важност и благодарејки на залагањата на кандидатот денес се воведени во рутинската пракса за третман на пациентите со колоректален карцином во нашата држава. Искуствата стеканти во горенаведените истражувања беа од исклучителна важност во воспоставување и на други проекти/програми за молекуларна карактеризација и на останатите малигни заболувања, како миело- и лимфопролиферативните заболувања, карциномот на простатата, карциномот на главата и вратот и карциномот на белите дробови, во што доп.член Димовски има значителен придонес како еден од основачите на молекуларната онкологија во Македонија. Забележиви се неговите пионерски истражувања во областа на фармакогенетиката во нашата држава со што се утврди дистрибуцијата на генетските варијанти одговорни за различниот метаболизам на лековите, и се овозможува соодветен избор на тераписки средства со максимален одговор а минимални несакани ефекти кај поедини пациенти. Неговите пионeрски испитувања во областа на фармакогенетиката претставуваат основа за воведување на нов пристап во медицинската пракса – персонализирана медицина – за чија примена доп.член Димовски е еден од главните промотори.
Резултатите од истражувањата на доп.член Димовски се објавени во 186 трудови со просечен импакт фактор од 3,3 и цитирани 1300 пати во меѓународни научни списанија.
Во 2015 година е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.
Датум на раѓање::18.10.1962
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Дописен член, 2015
Email::adimovski@ff.ukim.edu.mk
Област на работа: Интерна медицина; кардиологија
Акад. Сашко Кедев
Институции: Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Доп.член Сашко Кедев е роден на 6 јули 1962 година во Штип, каде завршил основно и средно образование. Студиите на Медицинскиот фалкутет во Скопје ги завршил во 1986 година, а од 1989 година работи на Клиниката за кардиологија. Mагистрирал во 1990 година на тема „Ефекти од рана интравенозна тромболиза при акутен миокарден инфаркт“. Во периодот од септември 1991 до октомври 1993 година престојувал на стручно усовршување во Националните институти за здравје на САД, во Бетезда, (National Heart, Lung and Blood Institute; National Institutes of Health) на проекти од областа на молекуларната кардиологија. За време на престојот во САД ги положил сите нострификациони медицински испити и се стекнал со лиценца за работа во државата Мериленд. Во 1995 година положил специјалистички испит по интерна медицина; во 1999 година е промовиран во Fellow of European Society od Cardiology, а во 2001 година се стекнал со звањето европски кардиолог. Во периодот од 1999 до 2002 година бил директор на Институтот за срцеви заболувања на Клиничкиот центар Скопје.
Во 2001 година е избран за насловен доцент по предметот интерна медицина на Медицински фалкутет Скопје. Vо 2003 е избран за визитинг професор на Универзитетот на Северна Каролина, The Carolinas Heart Institute, NC, USA.
За вонреден професор по предметот интерна медицина е избран во 2008 година, а од 2013 година е избран за редовен професор по интерна медицина на Медицински фалкутет во Скопје.
Од 2006 година е директор на ЈЗУ Универзитетска Клиника за кардиологија. Од неговото вработување во Клиниката за кардиологија активно учествува во воведувањето на современите тераписки пристапи во лекувањето на коронарната артериска болест, посебно акутниот миокарден инфаркт. Главен истражувач е на проектот „Примена на фибринолитичната терапија кај акутниот миокарден инфаркт“, од што произлегува и неговата магистерска тема, одбранета 1990 година. Учествува во работата на Лабораторијата за ангиокардиографија и во Центарот за електростимулација при Клиниката за кардиологија, при што покажува посебен интерес за примената на интервентните процедури (коронарна балон-ангиопластика и стентирање) кај пациенти со коронарна артериска болест на срцето.
Од ноември 1996 до август 1997 година работел во Ospedali Riunidi di Bergamo, Италија, на екстезивна практична програма во интервентната кардиологија, и тоа: интракоронарно стентирање и примена на новите „imaging“ техники: интракоронарна ангиоскопија и интракоронарен ултразвук. Во 1998 година ја одбранил докторската дисертација под наслов Примарна корнонарна ангиопластикапри акутен миокарден инфаркт на Медицински факултет во Скопје, со што се воведува ова живнотно спасувачка процедура во рутинска пракса.
Од 2003 година го има воведено трансрадијалниот пристап во дијагностички и интервенти васкуларни процедури. За првпат има изведено каротидно стентирање во 2002 година по трансфеморален пат, а од 2006 година има воведено рутински трансрадијален пристап при каротидно стентирање, со досега најголема светска серија од над 850 процедури.
Искуствата се публицирани и презентирани на голем број светски собири, со повеќе демострации во живо, како поканет оператор (Tolouse, France; Brussels, Belgium; Ahmedabad, Pune, New Delhi, Lucknow, Cochi, Chenai, Kanpur India; Nanjing, China; Moscow, Rostov, Russia; Colombo, SriLanka; Dakha, Bangladesh; Belgrad, Srbija; Sofia, Bugaria, Esfahan, Iran).
Од 2009 година ги има воведено техниките на интравскуларен ултразвук (IVUS), оптичка кохеретна томографија (OCT) и инвазивно испитување на фракциска резерва на коронарниот проток (FFR). Во 2012 година ги имплатира првите биоресорбтивни васкуларни скафолди (стентови), како и транскатетерска ренална денервација во третманот на малигна артериска хипертензија. Ротациската атеректомија ја вовел во 2013 година. Првата балон валвулопластика на аорталнота валвула, како и првите транскатетерски имплантации на аортлална валвула кај пациенти со тешка aортна стеноза во Македонија ги извел во 2014 година, а година потоа и балон vалвулопластика на пулмоналната стеноза. Во 2015 година ги вовел техниките на имплантирање на TVAR и EVAR протези кај пациенти со дисекција и/или анеуризма на торакална и абдоминална анеуризма.
Доп.член Кедев во својата наставна активност во текот на изминатите 20 години е познат како мошне успешен педагог. Редовно учествува во изведувањето на додипломската настава по предметот интерна медицина за студентите на Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Учествувал во постдипломстата настава по медицински науки каде предавал одбрани поглавја од кардиологијата. Тој одржува постдипломска настава за специјализанти по интерна медицина и по кардиологија на Медицинскиот факултет во Скопје. Успешно ја води континуираната едукација на интервентни кардиолози од Клиниката за Кардиологија, од останатите центри во Р. Македонија, како и од странство (Словенија, Хрватска, Романија, Србија, Индонезија, Австрија, Канада, Костарика, Јужна Африка).
Доп.член Кедев редовно учествува во испитните комисии за специјалистички, субспецијалистички испити, одбрана на докторати и магистериуми. Бил ментор на три успешно одбранети магистерски труда и еден докторат. Моментално раководи со изработка на 3 докторати од областа на кардиологијата. Уште во почетокот на неговата работа на Клиниката за кардиологија се вклучува во изработка на научни и стручни трудови. Неговата стручна и научна и публицистичка дејност може да се види од списокот на објавени научно-стручни трудови, поглавја во книги и публикации.
Автор и коавтор е во изработката на над 200 научни и стручни трудови, објавени во релевантни списанија од областа на кардиологијата. Голем дел ги има реферирано на еминентни меѓународни конгреси и симпозиуми како поканет предавач. Автор е на поглавја во 7 меѓународни книги по интервентна кардиологија, каде се презентирани иновативни техники и методи: трансрадијален и трансулнарен пристап кај акутен коронарен синдром и при каротидно стентирање.
Од 2010 е избран за FACC – Fellow of the American College of Cardiology, а во 2016 за FSCAI – Fellow of the Society of Cardiac Angiography and Intervention.
Како поканет Reviewer учествува во изработката на официјалните препораки: 2014 ESC/EACTS Guidelines on myocardial revascularization: The Task Force on Myocardial Revascularization of the European Society of Cardiology (ESC) and the European Association for Cardio-Thoracic Surgery (EACTS); 2015 European Society of Cardiology (ESC) Guidelines for the management of acute coronary syndromes in patients presenting without persistent ST-segment elevation, како и на 2016 ESC/EAS Guidelines for the management of dyslipidaemias.
Доп.член Сашко Кедев раководи повеќе проекти од областа на кардиологијата, учествува во повеќе интернационални клинички студии и активно членува во многубројни меѓународни стручни асоцијации.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2015 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.
Датум на раѓање::06.07.1962
Место на раѓање::Штип
Членство во МАНУ::Дописен член, 2015
Email::skedev@mt.net.mk
Област на работа: Хематологија
Акад. Димитар Ефремов
Институции: Одделението за молекуларна хематологија, ИЦГИБ, Трст, Италија.
Биографија
Д-р. Димитар Ефремов е роден на 26 декември 1960 година во Скопје. Во 1986 година дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј”-Скопје, каде во 2000 завршил специјализација по интерна медицина. Дополнително се едуцирал и обавил студиски престој на Медицинскиот факултет на Џорџија во Августа, САД (1987 и 1993 година), и во Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија (1992 година). Во 1994 година се стекнал со звањето доктор на медицински науки на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мастрихт, Холандија, а во 2013 година се стекнал со национална хабилитација за вонреден професор по хематологија во Италија.
Во 1990 се вработил на Клиниката за Хематологија во Скопје како помлад асистент, а во 2001 година е избран за насловен доцент по предметот интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Во периодот од 1994 до 1997 година работел како научен соработник во Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија. Во 2003 година повторно се вработува во истиот центар и го основа Одделот за Молекуларна хематологија во филијалата на центарот во Рим, а во 2015 го трансферира Одделот за Молекуларна хематологија во централата на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, каде продолжува да раководи со истиот. Од април 2020 повторно активно се вклучува во работата на Универзитетската Клиника за Хематологија-Скопје, најпрво како соработник на научно-истражувачки проекти, а потоа и како Визитинг Професор на Медицинскиот факулет во Скопје.
Др. Димитар Ефремов е еден од водечките истражувачи и експерти за хронична лимфоцитна леукемија во светот. Меѓу неговите позначајни достигнувања се првите преклинички студии со инхибиторите на Б клеточниот рецептор и студиите кои го идентификуваат механизмот преку кој Б клеточниот рецептор допринесува во патогенезата на хроничната лимфоцитна леукемија. Спровел и бројни истражувања кај други малигни и бенигни хематолошки и имунолошки болести. Неговите бројни научни достигнувања се публикувани во најпознатите светски списанија од подрачјето на хематологијата, онкологијата и молекуларната медицина. Објавил 127 трудови во водечки меѓународни списанија со вкупен импакт фактор од 1200. Со над 6000 цитати и h-индекс 41 се вбројува меѓу најцитираните македонски научници од областа на медицинските науки. Бил член на уредувачките одбори на повеќе меѓународни списанија од областа на хематологијата и онкологијата, меѓу кои и официјалното списание на Европската хематолошка асоцијација Haematologica, а моментално е асоциран уредник на списанието Frontiers in Oncology и академски уредник на списанието Cancers. За неговите истражувања добил бројни признанија и награди, вклучувајќи престижни проекти од Американската асоцијација за леукемии и лимфоми (Leukemia & Lymphoma Society), Италијанската асоцијација за истражување на ракот (Fondazione AIRC per la Ricerca sul Cancro) и Европската Унија.
Професор е на докторските студии на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст и член на Collegio dei docenti на докторските студии на Универзитетите во Трст и Тренто, а од 2016 до 2019 година бил и надворешен предавач на катедрата за хематологија на Медицинскиот факултет “A. Gemelli”, Università Cattolica, во Рим, Италија. Исто така предавал или членувал во комисиии за одбрана на докторат на бројни водечки универзитети во Европа и САД, меѓу кои Università Cattolica del Sacro Cuore и Sapienza Università во Рим, Università Vita-Salute San Raffaele во Милано, универзитетите во Падова, Тренто, Амстердам, Саутхемптон, Улм, Упсала, Линкопинг, Осло, Њујорк (Columbia University), и др. Учествувал во улога на поканет предавач или модератор на најзначајните конгреси во неговата област, како што се конгресот на American Society of Hematology, European Hematology Association, International Workshop on Chronic Lymphocytic Leukemia, European Research Initiative on CLL и European School of Haematology.
Иако поголемиот дел од својата кариера го поминал во странство, дал значаен придонес и во развојот на научната и здравствената дејност во Македонија преку воведување на повеќе нови дијагностички и терапевтски процедури. Меѓу другото, во 1987год ја вовел PCR методата во Центарот за Нови Технологии на МАНУ, во 1998 год ја формирал првата лабораторија за молекуларна дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје, а во 2000 бил дел на тимот кој за прв пат во Македонија го вовел методот на трансплантација на матични хематопоетски клетки. Исто така, преку грантови за научно-истражувачки проекти и стипендии овозможил едукацијата на бројни истражувачки кадри од Македонија.
Во 2015 година е избран за член на Македонската Академија на Науките и Уметностите надвор од работниот состав во Одделението за медицинските науки. Во 2016 година е избран за член на Европската Академија на Науките и Уметностите. Покрај тоа, член е на American Society of Hematology, European Hematology Association, Henry Kunkel Society и Royal Society of Medicine.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите во Одделението за медицински науки.
Датум на раѓање::26.12.1960
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.
Email::efremov@icgeb.org
Област на работа: Молекуларна медицина, хумана генетика
проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска
Институции: Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“, МАНУ
Биографија
Проф. д-р Дијана Плашеска Каранфилска дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје во 1987, со просечен успех 9.88, а во 1994 година докторирала на Универзитетот во Мастрихт, Холандија во областа на медицинските науки.
Од 1988 година е вработена во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија (ИЦГИБ) „Георги. Д. Ефремов“, како асистент, научен соработник, виш научен соработник и научен советник (од 2005 година). Од 2001 година е раководител на лабораториите, односно секторите за молекуларна дијагностика и геномика во ИЦГИБ. Од 2010 година е насловен вонреден професор на Фармацевтскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во наставно-научната област фармакогенетика.
Била главен истражувач на шест меѓународни и осум национални проекти, а како истражувач учествувала во 14 национални и 13 меѓународни проекти. Истражувањата раководени од проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска имаат посебен допринос за разјаснување на генетските основи на машкиот инфертилитет, карциномот на дојка, спонтаните прекини на бременоста како и повеќе ретки наследни болести. Во рамките на овие истражувања објавени се забележителни резултати во најпрестижни научни списанија кои допринесоа не само за препознатливост на ИЦГИБ, МАНУ како една од водечките институции во регионот и пошироко, туку и генерално, за издигнување и промоција на македонската наука во областа на биомолекуларните дисциплини.
Во рамките на инфраструктурниот проект “National Reference Centre for Genomics and Proteomics – MACPROGEN”, раководен од проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска, кој се изведувал од април 2009 до јуни 2012 година, а бил финансиран од Европската комисија во рамки на REGPOT програмата, набавена е најсовремена опрема од областа на геномиката и протеомиката која овозможи за прв пат во нашата земја да се воведат технологии како микроарејната, секвенционирање од втора генерација, дводимензионална диференцијална гел електрофореза и MALDI-TOF-TOF масената спектрометрија. Овој проект овозможи едукација на бројни истражувачки кадри, како и вработување на млади истражувачи во ИЦГИБ. Проектот имаше извонреден придонес за зајакнување на националните капацитети во современите и престижни биомолекуларни области.
Проф д-р Дијана Плашеска-Каранфилска има објавено 152 научни публикации, од кои 126 публикации во списанија со фактор на влијание (просечен импакт фактор од 3.62), кои се цитирани 3300 пати (до март 2022). Композитниот h фактор на проф. Плашеска-Каранфилска изнесува 20. Таа е уредник на една книга од областа на генетиката, и коавтор на три поглавја во книги. Активно учествува на бројни научни и стручни меѓународни и национални конференции, симпозиуми, конгреси и работилници (со предавања, презентации и учество во организациски и/или научни комитети).
Забележителен е нејзиниот придонес во практичната примена на новите технологии од областа на современите биомолекуларни науки. Заедно со соработниците, таа вовела голем број на нови
молекуларни методи и протоколи за детекција на бројни наследни, малигни и инфективни болести. Сите овие методи се објавени во релевантни научни списанија, валидирани се и акредитирани и долги години се во рутинска употреба како во ИЦГИБ, така и во многу други лаборатории.
Учествува во додипломската, постдипломската настава и докторските студии на Фармацевтскиот факултет и Природно-математичкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Била ментор на осум докторанти, 12 магистранти и осум дипломци, а учествува и во едукација на специјализанти од Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет во рамки на специјализациите по клиничка и лабораториска генетика.
Проф д-р Дијана Плашеска-Каранфилска е уредник на меѓународното списание Balkan Journal of Medical Genetics (од 2011-), заменик уредник на Македонски медицински преглед (од 2016-), секторски уредник на The EuroBiotech Journal (од 2016-) и член на Уредувачкиот одбор на списанието Genetics and Applications (2017-денес).
Била член на повеќе експертски групи и советодавни тела од областа на науките, и тоа: работната група на UNESCO-ROSTE за истражувачки инфраструктури (2001-2004), експертската група на НАТО од областа на хемија, физика и биологија (2004-2006), советот за научноистражувачка дејност при Министерството за образование и наука (2005-2007), комисијата за ретки болести при Министерството за здравство (2009-2010, 2022-), стручната комисија од областа на науката и образованието за доделување на државната награда „23 октомври“ (2013), Управниот одбор на Европското здружение за хумана генетика (European Society of Human Genetics- ESHG) (2014-2019), научниот комитет на COST (2015-2021), експертскиот тим на EMQN (2019-) и Управувачкиот одбор на ORPHANET (2020-). Таа е претседател на Македонското здружение за хумана генетика, избран иден претседател на Македонското здружение на медицински уредници, член на Европското здружение за хумана генетика и член и координатор за Македонија во European Biotechnology Thematic Network Association.
Во 2021 година проф д-р Дијана Плашеска-Каранфилска е избрана за член на Academia Europaea, а во 2022 за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Библиографија
Датум на раѓање::21.05.1963
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Дописен член, 2022
Email::dijana@manu.edu.mk
Одделение за природно-математички и биотехнички науки
Област на работа: Математика (алгебра, геометриско-комбинаторна топологија)
Акад. Дончо Димовски
Институции: Редовен професор на Природно-математичкиот факултет, Институт за математика во Скопје
Биографија
Академик д-р Дончо Димовски е роден на 1 октомври 1954 г. во Битола, каде што го завршува основното и средното образование. Во учебната 1973/74 г. се запишува на Математичката група на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломира во јуни 1976 г., за помалку од три години, со успех 9,48, со дипломска работа “Адитивни полугрупи на цели броеви”, под менторство на проф. Ѓорѓи Чупона, објавена во Прилози на МАНУ во 1977 година. Во 1979 година ги завршува магистерските студии на Математичкиот факултет во Скопје, со одбрана на магистерската работа „P-локализација на 1-сврзани CW-комплекси“, под менторство на проф. Смилка Здравковска. Во септември 1980 г. се запишува на докторски студии на Државниот универзитет на Њујорк во Бингамтон, САД, а докторира во мај 1983 г. со одбрана на докторската дисертација “Non-simply connected Casson Handles”, под менторство на проф. Ros Gegen, а неговата дисертација е наградена како најдобра во таа година н Универзитетот.
Од 1976 до 1977 година работи како стручен соработник на Математичкиот институт со нумерички центар во Скопје. Од 1977 до 1980 работи како асистент на Математичкиот факултет во Скопје. Од 1980 до 1983 година е студент на докторски студии во САД. Од 1984 до 1989 година работи како доцент, од 1989 до 1994 година како вонреден професор и од 1994 година до денес работи како професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во летниот семестар во 1990 година е визитинг-професор на Универзитетот Корнел во САД. Исто така, во досегашната 40-годишна наставна дејност изведувал настава на додипломските и постдипломските студии и на универзитетите во: Битола, Приштина и Штип.
Студиски престои реализирал на: Универзитетот во Мичиген, Ан Арбор, САД; Универзитетот на Тенеси, Ноксвил, САД; Истражувачкиот институт за математички науки, (МСРИ) Беркли, САД; Математичкиот центар Стефан Банах, Варшава, Полска; Универзитетот во Бингамтон, САД; Математичкиот центар во Оберволфах, Германија; Универзитот Карлетон, Канада; Математичкиот институт, Љубљана, Словенија; Универзитетот во Софија, Бугарија; Универзитетот во Варшава, Полска; Универзитетот Хајделберг, Германија; Универзитетот Бангор, Велс.
Неговата научна дејност опфаќа: геометриско-комбинаторна топологија (специјално: 4-многуобразија, јазли и сплетови); еднопараметарска теорија на фиксни точки; хомогени компакти; динамички системи; и алгебарски, тополошки и комбинаторни векторско вредносни структури, со соодветни примени во физика, статистика и информатика. Акад. Дончо Димовски е автор на повеќе од 85 научни и 20 стручни трудови, како и на две монографии. Добитник е на наградата „Гоце Делчев” за 1989 г., за резултатите добиени од областа на векторско вредносните алгебарски, тополошки и комбинаторни структури. Во 2014 година, прогласен е за еден од дестетте најдобри научници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за научни достигнувања во 2013 година.
Одржал предавања по покана на повеќе универзитети во Европа и САД. Остварил учество на повеќе од 80 меѓународни научни математички собири, а на повеќе од 20 од нив по покана на организаторот. Ментор на 11 докторски дисертации, од кои 9 од Македонија, една од Србија и една од Косово. Ментор на 30 магистерски работи. Член во комисии за 20 докторски дисертации и 18 магистерски работи.
Соработувал во научно-истражувачки проекти (некои од кои работени при МАНУ). Раководител бил на неколку научно-истражувачки проекти, од кои еден меѓународен (со Словенија), финансирани од Министерството за наука. Соработник бил во работата на проектот „Улогата на природните науки во образовниот процес”, финансиран од UNESKO. Координатор за Македонија на ДААД проектот Center of Excelence for application of Mathematics (1990 до 2016) и на ТЕМПУС проектот: „Докторски студии по математика во Југоисточна Европа“ (2008-2011).
Член на: Сојузот на математичарите на Македонија и на неговиот управен одбор (СММ); Американското математичко друштво (АМЅ); Балканскиот математички сојуз и на неговиот извршен одбор (МАССЕЕ).
Акад. Дончо Димовски бил референт на списанието Mathematical Reviews; главен и одговорен уредник на Математика Македоника; уредник на Математички билтен; уредник и главен уредник на списанијата Сигма и Нумерус. Рецензент е на статии од кои во некои се цитирани негови трудови, во Fixed point theory and its applications, Topology, Pac. J. Math, Algebraic and geometric topology, Forum Math., Semigroup Forum.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметносите е избран на 27 мај 2009 година.
Датум на раѓање::01.10.1954
Место на раѓање::Битола
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email.:donco@iunona.pfm.ukim.mk
Област на работа: Хемиски науки (структурна хемија)
Акад. Глигор Јовановски
Институции: Редовен професор во пензија на Природно-математичкиот факултет
Биографија
Акад. Глигор Јовановски е роден на 17 јули 1945 година во с. Нистрово, општина Гостивар. Основното училиште го завршил во Маврово, а Педагошка гимназија во Скопје. На Природно-математичкиот факултет во Скопје (студии по хемија) дипломирал во 1969 година, магистрирал во 1974 година на Природословно-математичкиот факултет во Загреб каде што и докторирал во 1981 година. Од 1971 година е постојано вработен во Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет, минувајќи ги сите наставно-научни звања – од асистент до редовен професор. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година.
Акад. Јовановски држел настава по предметите Структура на атоми и хемиска врска, Структура на молекули и по Кристалохемија на додипломските студии и по предметите Методи за испитување на цврсти супстанци и Методологија на научно-истражувачката работа на постдипломските студии на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје. За одбележување е дека за првпат ги осмислува и воведува предметите Кристалохемија (на додипломските) и Методи за испитување на цврсти супстанци (на постдипломските студии). Во неколку наврати, при анкетирањето на студентите, акад. Јовановски бил посочуван и избиран за најдобар професор на Институтот за хемија при ПМФ.
Основната научна преокупација на акад. Глигор Јовановски е структурната хемија, при што своите резултати ги постигнува, речиси подеднакво, со примена на кристалографски и на спектроскопски методи, честопати збогатени со теориски разгледувања. Тој е истакнат кристалограф (школуван во светски познатиот центар во Загреб) и активен спектроскопист, комбинација што е ретка не само кај нас туку и во светот.
Акад. Глигор Јовановски е автор или коавтор на 204 трудови, од кои 186 научни трудови објавени во педесетина реномирани светски списанија со фактор на влијаниe (меѓу кои и Journal of the American Chemical Society, Angewandte Chemie, Journal of the Chemical Society – Chemical Communication, Structural Chemistry, Solid State Sciences, Inorganic Chemistry, Current Organic Chemistry, Crystal Growth and Design, Journal of Materials Science, Acta Crystallographica B, Vibrational Spectroscopy, Journal of Raman Spectroscopy, Spectrochimica Acta A). Објавил и 18 стручни трудови. Покрај тоа, на научни манифестации акад. Јовановски, во соработка со постари и помлади соработници, презентирал 220 соопштенија, секциски или пленарни предавања, (130 на собири во странство), а одржувал предавања и на странски универзитети. Досега учествувал во изработката на 45 научноистражувачки проекти, (13 се меѓународни), од кои на три меѓународни и осум домашни бил и раководител. Бил учесник и во два проекта за унапредување на образованието. Објавил пет монографии, еден универзитетски учебник и два универзитетски практикума. Рецензирал десетина средношколски учебници и стотици трудови за околу 20 реномирани интернационални научни списанија со фактор на влијание и за 4 домашни списанија.
Макар што работел на истражувања на различни системи, две различни главни линии на истражување го карактеризираат научниот опус на акад. Јовановски.
Според бројот на објавени трудови, а и одгласот што го имале тие, на прво место се истражувањата на сахаринот и неговите соли и деривати, како и на сродното соединение тиосахарин. Имено, 88-те статии објавени од Јовановски и соработниците во разни светски списанија посветени на структурните аспекти на хемијата на сахаринот, тиосахаринот и нивните соли и деривати, чинат значителен дел од вкупниот број на објавени трудови во светот посветени на оваа проблематика.
Во следната голема група од 62 труда на акад. Јовановски се презентирани резултатите од изучувањето на минералите од Македонија, од кои некои се исклучителна реткост во светски размери. Истражувањата на ова поле се пионерски, затоа што прв пат се пристапува кон систематско структурно испитување на минералите од нашата земја. Со спектроскопски и дифракциони методи, со атомска апсорпциона спектрометрија и со други методи досега се изучени околу 90 минерали најдени во Македонија, при што крајната цел на овие комплексни студии била да се издаде монографија што ќе ги содржи структурните и минералошките карактеристики на минералите од Македонија, а и да се направи што е можно покомплетна минералошка збирка. Монографијата е веќе објавена во 2012 година, а збирката од минерали изложена во просториите на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет (со околу 500 примероци) е најкомплетна во Македонија, Во меѓувреме поставена е и збирка на минерали од Македонија и во Македонската академија на науките и уметностите (околу 100 примероци) со висока естетска вредност.
Останатите 35 научни трудови на акад. Јовановски се однесуваат на структурни и спектроскопски изучувања на разни други неоргански, метал-органски и органски соединенија, односно на фармацевтски препарати.
Големиот степен на цитираност на резултатите од научната работа на акад. Јовановски (според Web of Science – Cited Reference Search, бројот на цитати на трудовите на aкад. Јовановски е околу 2200), покажува дека неговите трудови се широко познати и имаат влијание врз научната мисла во областа на структурната хемија – онаа во која тој работи. Тоа, од друга страна, зборува не само за реномето што тој го има како научен работник, туку и за реномето на Македонската академија на науките и уметностите. Акад. Јовановски досега бил ментор на две докторски дисертации, на пет одбранети магистерски труда и на повеќе дипломски работи, при што за одбележување е дека дури и резултатите од дипломските работи чиј ментор е aкад. Јовановски речиси секогаш се објавувани во реномирани меѓународни списанија.
Престојувал околу 5 години на странски универзитети (4 години на Универзитетот во Загреб и околу 1 година на Универзитетот во Упсала), а има остварено и два покуси престои на универзитетите во Зиген и во Софија. Член е на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, на Хрватската кристалографска асоцијација, потоа на Европската кристалографска асоцијација и на Интернационалната унија за кристалографија. Добитник е на Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, потоа на државната награда “Гоце Делчев” и на повеќе други признанија.
Акад. Јовановски, покрај другото, бил декан и продекан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, раководител на Институтот за хемија и раководител на постдипломските студии на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје, секретар на Одделението за природно-математички и биотехнички науки при МАНУ, како и член на Претседателството на МАНУ.
Бил главен уредник на Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија. Во моментов е главен уредник на Прилози МАНУ – природно-математички и биотехнички науки, потоа член на уредувачките одбори на две меѓународни списанија од областа на структурната хемија (Chemical Sciences Journal и International Scholarly Research Notices – Analytical Chemistry), како и член на Издавачкиот совет на списанието Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering.
Датум на раѓање::17.07.1945
Место на раѓање::с.Нистрово, Гостиварско
Членство во МАНУ::Редовен член, 2006
Email::gligor@iunona.pfm.ukim.mk
Област на работа: Ботаника (систематика и филогенија на виши растенија и фитоценологија)
Акад. Владо Матевски
Институции: Редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Владо Матевски е роден на 4 декември 1953 година во Г. Црско, Кичевско. Основното и средното образование го завршил во Кичево. Во учебната 1972/73 година се запишал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, група биологија а дипломирал во 1977 година. Магистерскиот труд “Таксономија и хорологија на родот THYMUS L. во Скопската Котлина” го одбранил на Биолошкиот факултет во Скопје (1982), додека докторската дисертација “Таксономија и хорологија на Sect. MARGINATI (A. Kerner) A.Kerner од родот THYMUS L. во флората на СР Македонија” под менторство на акад. Кирил Мицевски, ја одбранил на Природно-математичкиот факултет во Скопје (1987).
Во 1980 година се вработил како приправник на Ботаничкиот институт при Биолошкиот факултет во Скопје, за асистент е избран во 1983 година, за доцент по група предмети од областа на систематиката и филогенија на вишите растенија е избран во 1988 година, за вонреден професор (1993), за редовен професор (1998) и во истото звање е реизбран во 2003 година. Бил раководител на Ботаничкиот завод со Ботаничка градина (1993–1995), а во текот на 1995 година ја вршел функцијата шеф на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во периодот 1995–1997 година бил продекан за настава и наука на Природно-математичкиот факултет во Скопје, раководител на двопредметните студии биологија–хемија (1997-1999), а во 2001–2003 година, член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
За време на изработката на магистерската работа и докторската дисертација престојувал на студиски престои во повеќе наврати во Австрија – Naturhistoriches Museum Виена (1979-1985). Бил на студиски престои на Биотехничкиот факултет на Универзитетот во Љубљана, Хербариумот на Земаљскиот Музеј во Сараево, Ботаничкиот завод на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, и други. Посебно треба да се издвои неговата долга и плодна соработка со колегите од Биолошкиот институт „Јован Хаџи“ при ЗРЦ, САЗУ, Љубљана, каде што долги низ години, престојува во оваа институција, во рамките на заедничките билатерални македонско-словенечки проекти. Како член на државна делегација, во својство на претседател на Националниот комитет за биолошка разновидност на Република Македонија престојувал на V. конференција на земјите потписнички на Конвенцијата за биолошка разновидност во Најроби, Кенија (2000). Бил претседател и секретар на Сојузот на друштвата на биосистематичарите на Република Македонија, како и Претседател на Националниот комитет за биолошка разновидноста на Република Македонија.
Учествува во неколку интернационални научни ботанички асоцијации (OPTIMA, Источно алпско-динарско друштво за проучување на вегетацијата и други), национални друштва (Друштво на биолозите на Република Македонија, Македонско еколошко друштво) и други. Бил член во научниот одбор на разни меѓународни научни манифестации (VI, VII и VIII симпозиум за флората на Југоисточна Србија и соседните подрачја, III – от балкански ботанички конгрес во Сараево (2003), IV – от балкански ботанички конгрес во Софија (2006), V- от балкански ботанички конгрес во Белград (2009), VI- от балкански ботанички конгрес во Риека (2015), симпозиумот на Источно алпско-динарско друштво за проучување на вегетацијата – Оточец, Словенија (2003), и други. Член е на интернационалниот Уредувачки одбор на научното списание Прилози (MANU, Одделение за Приридоно-математички и биотехнички науки и Одделение за медицински науки), Hacquetia (Словенија), Natura Montenegrina (Црна Гора), Phytologia Balcanica (Бугарија), Biologica Nyssana (Србија), Biologia Serbica (Србија), Journal of Natural and Technical sciences (Албанија). Го организирал 35th симпозиумот на Источно алпско-динарско друштво за проучување на вегетацијата во Охрид (2013), како и Регионалната меѓународна конференција – The system “Prespa Lakes – Ohrid Lake”: The actual state – problems and perspective (Струга-Поградец, 2013). Член е на Committee for Mapping the Flora of Europe, Helsinki, Finland.
Научноистражувачката дејност на академик Владо Матевски, се одвива во областа на флористиката, таксономијата и фитоценологијата. Објавил 146 научни трудови (64 трудови во странски списанија, 30 трудови во списанија со фактор на влијание). Автор или коавтор е на 5 монографии – Флората на планинскиот масив Добра Вода (1995), Flora and vegetation of the Macedonian steppe (2008), Флора на Република Македонија, 1,6 (2005); 2,1 (2010), Forest vegetation of the Galičica mountain range in Macedonia (2011). Учествувал со околу 120 реферати или научни соопштенија на голем број конгреси и симпозиуми (75 презентирани на меѓународни собири во странство). Опишал (самостојно или во коавторство) над 25 растителни таксони и над 50 растителни заедници, нови за науката, од територијата на Република Македонија и Балканскиот Полуостров. Учествувал во реализацијата на над 20 научно-истражувачки проекти. Раководи со проектот “Флора на Република Македонија” а раководел уште со 10 домашни проекти, како и со 8 Билатерални меѓународни проекти (со Биолошкиот институт при ЗРЦ, САЗУ, Словенија, со Српската Академија на науките и уметностите, со Бугарската академија на науките и други).
За неговата долгогодишна наставна и научна работа и активност добитник е на повеќе признанија, благодарници и награди, како што се: државната награда Гоце Делчев (2011), Благодарница од GEF (Global Environment facility) – Програма за мали грантови во Македонија)(2015), Признанието Клучевите на Преспа (2016), Award in Recognition of Outstanding Contribution and Dedication to the Development of Ecology and Environmental Protection in Macedonia (od Makedonskoto ekolo{ko dru{tvo, 2016), Плакета од Природно-математички факултет по повод 70 години од постоењето (2016) и други.
Aкадемик Владо Матевски за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година. Од 2013 година е член на Европската академија на науките со седиште во Салцбург.
Датум на раѓање::04.12.1953
Место на раѓање::Г.Црско, Кичевско
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::vladom@iunona.pfm.ukim.mk
Област на работа: Хемиски науки
Бојан Шоптрајанов (1937 – 2024)
Институции: Редовен професор во пензија на Природно-математичкиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Бојан Шоптрајанов е роден на 26 јануари 1937 година во Чачак. Со основно и средно образование се здобил во Скопје, Велес и Белград. Во 1955 година се запишал на групата за хемија на тогашниот Природно-математички оддел на Филозофскиот факултет во Скопје. Студиите по хемија ги завршил во 1960 година на Природно-математичкиот факултет како најдобар дипломиран студент од својата генерација на Универзитетот. По дипломирањето е избран за асистент на тогашниот Технолошки оддел на Техничкиот факултет во Скопје, а во 1962 година за асистент на Природно-математичкиот факултет.
Во 1964 година се запишал на постдипломски студии на Indiana University во Блумингтон, САД, а во 1965 година магистрирал одбранувајќи ја магистерската теза под наслов: Vibrational Assignment of the Infrared Spectra of 1,2,5-Thiadiazole. По враќањето од САД продолжува да работи на полето на инфрацрвената спектроскопија и во 1973 година ја одбранува докторската дисертација под наслов Спектроскопско испитување на кристалохидрати со посебен осврт на спектарот на водата; системи со мошне ниски НОН-фреквенции.
Во 1969 година е избран за доцент, во 1975 година за вонреден професор а во 1981 година за редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Одржувал настава на додипломски и постдипломски студии по повеќе предмети од објаста на физичката хемија, радиохемијата, историјата и методиката на хемијата. Бил продекан за настава и наука на Хемискиот факултет и проректор за настава и наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил национален претставник во организацијата COST, претставник на МАНУ во Allea, а имал и други слични функции. Соработувал со универзитети во Шведска, Германија, Украина, Руската федерација, Бугарија, Хрватска и други, како и со Бугарската академија на науките.
Акад. Бојан Шоптрајанов досега има објавено повеќе од 230 научни труда (од кои две третини надвор од Македонија), а на научни манифестации презентирал повеќе од 350 пленарни и секциски предавања и други соопштенија (близу половината надвор од нашата земја). Има објавено и три монографии со научно-стручен карактер, пет монографски изданија со системски карактер, а автор е и на четири универзитетски учебници и помагала, како и на неколку десетини учебници и учебни помагала за средното образование. Неговите позначајни научни трудови се однесуваат на спектроскопското изучување на кристалохидрати, како и на спектроскопските и термодинамичките својства на петчлените хетероциклични молекули. Дал придонес и во изучувањето на минерали и на проблеми од образованието по хемија, а објавил и десетина трудови посветени на јазични проблеми од областа на хемијата. Дел од резултатите на истражувањата имаат и конкретна примена, особено во медицината.
За дописен член на МАНУ е избран на 21 април 1994, a за редовен член на 20 јуни 1996 година. Бил потпретседател на МАНУ (2008–2011), раководител на Одделението за математичко-технички науки (2003–2007) и раководител на Истражувачкиот центар за животна средина и материјали (2014 –). Во 2008 година е избран за член на Европската академија на науките во Салцбург, Австрија.
Акад. Бојан Шоптрајанов е основоположник и прв главен уредник на списанието „Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија“. Бил претседател на Унијата на хемиските друштва на Југославија и на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Со Одлука донесена во февруари 2016 година е именуван за член на Националниот комитет за проучување на Југоисточна Европа.
За својата целокупна активност на полето на развојот на научната и наставната дејност, акад. Шоптрајанов добил голем број награди, меѓу кои „Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда“, „Плакета на Универзитетот Кирил и Методиј” (двапати), „Томазиусов медал“ на Универзитетот во Хале, „Македонскиот крст“ на МПЦ и др. Добитник е и на националната награда „11 Октомври“.
Датум на раѓање::26.01.1937
Место на раѓање::Чачак
Членство во МАНУ::Редовен член, 1996
Emil::bojan@manu.edu.mk
Област на работа: Редовен професор
Проф. д-р Блажо Боев
Институции: Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев” (УГД) во Штип
Биографија
Доп. член Блажо Боев е редовен професор по група предмети од областа на геологијата (петрологија, минералогија и геохемија) на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев” (УГД) во Штип. Тој е еден од најафирмираните истражувачи-научници во полето на науките за Земјата, односно во полето на геологијата од Р. Македонија и на поширокиот европски и балкански простор.
Роден е на 22 февруари 1958 год. во Кавадарци, каде што завршил основно и средно гимназиско образование. Во 1976 год. се запишал на Рударско-геолошкиот факултет во Белград на Одделот за геологија, насока Истражување на минерални суровини, и истиот го завршил во 1980 год. со висок просек за што добил и награда по повод 100-годишнината на геолошката наука во Србија. Во 1980 год. се вработил како дипломиран инженер-геолог во Индустријата за никел, челик и антимон „ФЕНИ” – Кавадарци, а истовремено се запишал и на постдипломски студии од научната област петрологија, минералогија и геохемија на Рударско-геолошкиот факултет во Белград. Во 1981 год. е избран во звање помлад асистент по група предмети од областа петрологија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (УКИМ) – Скопје. Магистерскиот труд „Метаморфизам на рудната серија ’Ржаново – Студена Вода“под менторство на акад. проф. д-р З. Максимовиќ го одбранил во 1982 год., со што се стекнал со звање магистер на геолошки науки. Во 1983 год. е избран во звање асистент на група предмети од областа петрологија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Од 1984 до 1986 год. ја извршувал и функцијата директор за развој во „ФЕНИ“ – Кавадарци. Во 1986 год. преминал на Рударско-геолошкиот факултет во Штип и се стекнал со звање асистент. Докторската дисертација „Петролошки, геохемиски и вулканолошки карактеристики на вулканските карпи од Кожуф Планина“ под менторство на проф. д-р Р. Стојанов и акад. проф. д-р С. Карамата ја одбранил во 1988 год. на Рударско-геолошкиот факултет во Штип (на УКИМ – Скопје), со што се стекнал со научното звање доктор на технички науки.
За време на изработката на докторската дисертација, доп. член Блажо Боев во неколку наврати престојувал во ИГЕМ Институтот за геохемија и минералогија при Академијата на Руската Федерација во Москва, каде што ги изработил сите неопходни лабораториски истражувања кои се поврзани со предметот на неговата дисертација.
Во периодот 1990-2000 год., доп. член Блажо Боев во повеќе наврати остварил постдокторски престои на Институтот „Max-Planck“ во Мајнц – Германија на Одделот за геохемија и космохемија кај проф. д-р Волфганг Тод, на истражувања кои се поврзани со реализацијата на проектот за детекција на неутрината со потекло од Сонцето со примена на минералите на талиумот од наоѓалиштето Алшар.
Во 1989 год. е избран во звање доцент по група предмети од областа на петрологијата, минералогијата и геохемијата, а во 1994 год. е избран во звање вонреден професор на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Во 1998 год. е избран во звање редовен професор по група предмети од областа на петрологијата, минералогијата и геохемијата, а во 2003 год. повторно е избран во звање редовен професор.
Важно е да се спомене дека доп. член Боев активно учествувал и во оформувањето на образовната и научната физиономија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип партиципирајќи во највисоките органи на факултетот. Имено, во периодот 1989-93 год. ја извршувал функцијата продекан за научноистражувачка работа и финансии, а во 1993 год. е избран и на функцијата декан на Рударско-геолошкиот факултет во Штип и на истата останал сѐ до 1997 година. Неоспорни и видливи се резултатите што во овој временски период ги остварил доп. член Блажо Боев како декан на факултетот во поглед на неговото профилирање и неговото место во рамките на УКИМ – Скопје. Во периодот 1997-99 год. ја извршувал и функцијата универзитетски координатор за дисперзираните факултети во Штип (Рударско-геолошки и Педагошки факултет), кои се дел на УКИМ – Скопје.
Доп. член Боев е активен учесник во конципирањето на интердисциплинарните студии за инженеринг на животната средина при Машинскиот факултет (на УКИМ – Скопје), каде што бил и наставник по научната дисциплината Геохемија на средината, којашто за првпат ја вовел во образовниот процес, а истовремено и во полето на истражувањата како составен сегмент на науките за Земјата.
Добитник е на Државната награда за наука „Гоце Делчев”: за 2002 год. (за монографијата „Тектоника на плочи и магматизам”, со Д. Миловановиќ), за 2008 год. (за монографијата „Геохемискиот атлас на Велес и неговата околина”, заедно со Т. Стафилов, Р. Шајн, З. Панчевски, М. В. Фронтасјева, Л. П. Стрелкова) и за 2013 год. (за монографијата „Minerals from the Republic of Macedonia with introduction to Mineralogy”, заедно со акад. Глигор Јовановски и проф. д-р Петре Макрески).
Доп. член Блажо Боев е претседател на Македонското геолошко друштво (МГД) од 2006 год., како и претседател на Националниот комитет за карпато-балканската геолошка асоцијација на Р. Македонија (CBGA). Исто така, член е и на Националниот комитет за корелација во геологијата при УНЕСКО (IGCP). Член е на Уредничкиот одбор на научните списанија „Geologica Macedonica“ и „Geologica Balcanica“, а активен рецензент е на научното списание „Geologica Croatica“. Како претседател на МГД) ги организирал трите конгреси на геолозите на Р. Македонија во 2008, 2012 и 2016 година.
Доп. член Боев е активен промотор за воведувањето на новите лабораториски методи во полето на науките за Земјата. Во 1996 год. за првпат во Република Македонија ја формира Лабораторијата за ICP-AES, а во 2009 год. и Лабораторијата за ICP-MS техниките и нивната примена во геолошките истражувања и истражувањата во науките за Земјата и геохемијата на средината. Продолжувајќи во оваа насока, тој во 2011 год. ја формирал и Лабораторијата за електронска микроанализа и EDS техники.
Треба да се спомене дека доп. член Боев активно учествувал и во формирањето на државниот УГД – Штип и тоа партиципирајќи во неговите највисоки органи. Од 2007 до 2015 год. бил проректор за наука на УГД – Штип. Во овој период тој е активен промотор на поголем број иницијативи кои се воведени на УГД – Штип во насока на зајакнување на научните капацитети (формирање на истражувачки лаборатории и на научен фонд, воведување на флексибилно работно време во насока на зголемување на научната активност на наставниците и др.). Од септември 2015 год. е ректор на УГД – Штип.
Доп. член Боев во својот досегашен работен век од 36 год. е исклучително плоден автор, а истовремено и научен работник со огромна меѓународна научноистражувачка активност. Резултат на оваа огромна меѓународна активност се бројните научни публикации во врвни меѓународни списанија и списанија со фактор на влијание, монографски изданија и реализирани научноистражувачки проекти.
Датум на раѓање::22.02.1958
Место на раѓање::Кавадарци
Членство во МАНУ::Дописен член, 2018
Email::blazo.boev@ugd.edu.mk
Област на работа:
проф. д-р Валентин Мирчески
Институции:
Биографија
ВАЛЕНТИН МИРЧЕСКИ е редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Роден е во Прилеп во 1966 година. Академската кариера ја започнал во 1992 година, како стручен соработник на Заводот за Општа и неогранска хемија. Докторирал на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, Хрватска, во 1999 година, со тема од област на електрохемија, под менторство на д-р Миливој Ловриќ – еден од водечките теоретичари на модерните електрохемиски техники. После докторирањето, избран од престижната научна фондација Александер фон Хумболт, заминал на постдокторски истражувачки престој во Германија, во групата на познатиот електрохемичар Фриц Шолц, на Универзитетот во Грајфсвалд.
Во фокусот на неговиот научен интерес е теоретско и експериментално изучување на електродни механизми и електродна кинетика со примена на пулсни волтаметриски техники, изучување на процеси на пренос на полнеж низ течни мембрани, електрохемија на биохемиски важни соединенија, електрокатализа и електроанализа. Досега објавил 147 научни трудови од кои 127 се објавени во меѓународни научни списанија со висок фактор на влијание. Според SCOPUS базата на податоци во периодот од 1994 до 2021 година неговите трудови вкупно се цитирани 2757 пати, во 1381 труд, со вкупен фактор на влијание h = 31 (Hirsch – фактор). Според анализата на Стенфорд универзитетот објавена во 2020 и 2021 година, Мирчески е рангиран во редот на 2% највлијателни научници на глобално ниво.
Покрај тоа, Мирчески е прв автор на специјализирана монографија посветена на една од најнапредните електроаналитички техники (Square-wave voltammertry: theory and application, Valentin Mirčeski, Šebojka Komorsky Lovrić and Milivoj Lovrić, (Ed.) F. Scholz. Springer Verlag, Heidelberg, 2007), објавена по покана уредникот; учествувал и во подготовката на првиот речник за електрохемија (Dictionray of Electrochemistry, (Eds.) A.J. Bard, G. Inzlet, and F. Scholz, Springer Verlag, Heidelberg, 2008), а е коавтор и на поглавја во монографии за електрохемија на полски јазик.
Мирчески бил учесник во голем број проекти, а досега бил раководител или национален координатор на повеќе проекти, поддржани од германските фондации Александер фон Хумболт и DAAD, НАТО алијансата во рамките на програмата Наука за мир, CEEPUS и COST програмите на Европската Унија, Националниот центар за наука на Република Послка итн.
Досега презентирал голем број трудови на меѓународни и домашни научни манифестации, а бил поканет предавач на четири меѓународни конгреси за хемија и електрохемија. Во 2018 година, со целосна финансиска поддршка на фондацијата Александер фон Хумболт организирал меѓународна научна манифестација насловена „At the door of European Union: The role of the science and research for sustainable development of the Balkan region.“ Како резултат на неговиот меѓународен академски углед Мирчески во неколку наврати бил избран за гостин-истражувач на Универзитетите во Брест (Франција) во периодот од 2004 до 2006 година и бил визитинг професор на универзитетот во Лоѓ (Полска) во периодот од 2006 до 2021 година. Моментално е визитинг истражувач на Универзитетот во Лоѓ.
Мирчески е истражувач со исклучително развиена меѓународна соработка што се гледа од проектната соработка и од научните трудови објавените со 129 коавтори, од кои најголем дел се реномирани истражувачи од академски институции ширум Европа. Во периодот од 1995 година досега, континуирано остварувал научноистражувачки престои во голем број земји. Моементално соработува со водечки истражувачки групи од областа на електроаналитичката хемија, како што е на пример групата на професорот Ричард Комптон од Универзитетот во Оксфорд.
Тој е добитник не неколку домашни и меѓународни награди. Во 2006 година, Француското хемиско друштво и Европската асоцијација за електроаналитичка хемија му ја доделила наградата “ESEAC 2006 Young Investigator Award”, за најдобар истражувач на возраст до 40 години и особен придонес во областа на електроаналитичката хемија на меѓународниот конгрес за електроаналитичка хемија што се одржал Бордо, Франција. Во 2008 година ја добил државната награда „Гоце Делчев“ за особен придонес во развојот на науката на Република Македонија. Во 2018 година добил посебно одликување на Универзитетот во Лоѓ (Полска), „Medal Universitatis Lodziensis Amico“ заради долгорочната соработка и плодната научна публицистика, а во 2021 година бил избран за најуспешен истражувач од подрачјето на природно-математичките науки за 2020 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Од активностите со пошироко општествено значење, важно е да се напомне дека професорот Мирчески е основач на алумни асоцијацијата „Хумболт и ДААД Клубот-Македонија“, здружение коие ги обединува корисниците на стипендии на овие две престижни фондации и други членови на нашата академска заедница кои дале придонес за научниот развој на земјата и нејзиниот академски углед на меѓународен план. Со ова здружение Мирчески организирал бројни домашни и меѓународни манифестации со цел подигање на академската и општествена свест за важноста на научноистражувачката дејност во Македонија.
Област на работа:
проф. д-р Наташа Јоноска
Институции: Универзитет на Јужна Флорида, Тампа, Флорида, САД
Биографија
Проф. Јоноска е родена во Скопје, Република Македонија, во 1961 година каде што дипломирала како најдобар студент во годината на Универзитетот Кирил и Методиј во 1984 година на математика и информатика. Наредната година е примена како помлад асистент на Институтот по Информатика при Природно Математичкиот Факултет во Скопје каде што останала на работа до 1988 година. Пост/дипломските студии ги започнала во Белград, сегашна република Србија, на математика со насока информатика, а брзо потоа се префрлила на посдипломски студии на Државниот Универзитет од Њу Јорк во Бингамтон во Соединетите Американски Држави. Таму станала доктор на математички науки во 1993 година во насока на симболочка динамика под менторство на Томас Хед. Од август 1993 година, професор Јоноска работи на Универзитетот на Јужна Флорида во Тампа, Флорида, како доцент до 1998 година, вонреден професор до 2005 година, па потоа како редовен професор, а од 2018 година како Назначен Универзитетски Професор. Како научен истражувач, проф. Јоноска престојувала како визитинг научник во Њу Јорк Универзитет; неколку универзитети во Франција (во Париз, Орлеанс и Мец); Универзитетот во Милано-Бикока, Италија; била назначена Van Vleck Профессор на Веслиан Универзитет (Конектикат САД), како и Blaise Pascal Professor на универзитетот во Лајден, Холандија.
Научната работа на Проф. Јоноска е означена со неколку награди и признанија. Универзитетот на Јужна Флорида ја награди со USF Presidential Excellence Award во 2003 година, и со USF Outstanding Research Award во 2015 година. Во 2007 и е доделена наградата Rozenberg Tulip Award од здружението International Society for Nanoscale Science, Computing and Engineering за нејзините достигнувања во теорискиот развој на молекуларни модели за пресметувања во три-диманзионален простор и
нивно експериментално потврдување. Во 2014 Проф. Јоноска е избрана за Fellow на најголемото научно здружение во САД American Association for Advancement of Science. Универзитетот во Лајден, Холандија, ја назначи Blaise Pascal Professor за 2015 година. Во 2021 година здружението на Флорида Mathematical Assosiation of America и го додели признанието за Distinguished College or University Teaching of Mathematics, а списанието Theoretical Computer Science издаде специјално издание во чест на нејзиниот 60ти роденден. Во 2022 Simons Foundation ја награди со престижната награда Simons Fellow in Mathematics. Научната работа на Проф. Јоноска е поддржана со многубројни проекти од National Science Foundation, National Institute of Health, Simons Foundation, W.M. Keck Foundation.
Проф. Јоноска е член на редакциски одбор на пет научни списанија: Natural Computing, Springer – Verlag; Theoretical Computer Science C, Elsevier Science; International Journal of Foundations of Computer Science, World Scientific: Computability, IOS – Press; Molecular Based Mathematical Biology, DE Gruyter; а била рецензент за многубројни списанија. Таа е член на Управувачки одбор на пет интернационални конференции а на две служела како претседател на одборот. Таа била главен ментор на 7 постдокторанти и 13 докторанти, а била испитувач или главен опонент на докторати во повеќе земји во светот вклучувајќи ги и: Австралија, Индија, Италија, Канада, Норвешка, Финска и други.
Проф. Јоноска има научен интерес во математички и информатички модели на био-молекуларни процеси, посебно реорганизација и рекомбинација на ДНК, интеракции на РНК и ДНК, процесирање на информација на молекуларно ниво, процеси на само-организација и само-соединување. Методите на нејзините истражувања се базираат на дискретна математика, (тополошка/алгебарска) теорија на графови, симболишка динамика и теорија на автомати.
Област на работа:
проф. д-р Панче Наумов
Институции: New York University, New York University Abu Dhabi
Биографија
Панче Наумов е роден во 1975 година во Штип. Завршил студии по хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 1997 година, со просечен успех 9,96, како најдобар студент во генерацијата. Докторските студии ги завршил во 2004 година на Институтот за технологија во Токио (Tokyo Institute of Technology) во Јапонија под менторство на професор Јуџи Охаши (Yuji Ohashi), еден од најпознатите експерти од областа на кристалографијата во светот и претходен претседател на Интернационалната унија за кристалографија. По дипломирањето, во периодот 1998 – 2000 година, работел како асистент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Помеѓу 2006 и 2009 година бил насловен доцент на ПМФ, а од 2009 година е насловен вонреден професор на истиот Факултет.
По докторирањето во Токио во 2004 година, работел како истражувач во јапонскиот Национален институт за материјали (National Institute for Materials Science (2004 – 2007). Во овој институт оформил нова лабораторија за испитување на феномени во цврста фаза, а истовремено работел и на двата јапонски синхротрона, SPring-8 и Photon Factory (KEK). Во 2007 година бил назначен за вонреден професор на Универзитетот во Осака (Osaka University) каде што бил лидер на мала, но прилично активна истражувачка група (2007 – 2011). Потоа бил вонреден професор на Универзитетот во Кјото (Kyoto University), на Институтот за хемиски истражувања (2011 – 2012). Во 2012 година добил понуда од Универзитетот во Њујорк, каде што бил примен како вонреден професор. Во 2017 година добил постојан договор, а во 2020 година бил назначен за професор. Од 2021 е и професор на Институтот за молекулски дизајн во Одделот за хемија при Универзитетот во Њујорк.
Институцијата во којашто сега работи е Универзитетот во Њујорк (New York University) каде што е редовен професор во Одделот за наука и математика во кампусот во Абу Даби (New York University Abu Dhabi) и во Одделот за хемија при Универзитетот во Њујорк (New York University). Иако неговото образование е од полето на хемиските науки, областа на научен интерес му е во доменот на науката за материјалите, а особено хемијата на цврста фаза, динамични молекулски цврсти супстанци, паметни материјали за конверзија на енергија со примена во електрониката и меката роботика.
Заклучно со март 2022 година, проф. Панче Наумов има објавено 251 научни и прегледни трудови. Според базата SCOPUS трудовите му се цитирани 7409 пати со Хиршов индекс 45. Од вкупниот број на неговите објавени научни трудови, над 50 труда се со македонски автори. Овие публикации вклучуваат и такви што се објавени во некои од врвните хемиски списанија, како што се the Journal of the American Chemical Society (IF 15.4; 23 публикации), Angewandte Chemie (IF 15.3; 12 публикации), Nature Chemistry (IF 24.4; 3 публикации), Nature Reviews Chemistry (IF 34.0; 1 публикација), Nature Communications (IF 14.9; 4 публикации), Proceedings of the National Academy of Sciences of the USA (IF 11.2, 1 публикација), Advanced Materials (IF 30.8; 2 публикации), Chemical Communications (IF 6.2; 12 публикации), Chemical Science (IF 9.8; 4 публикации), Advanced Functional Materials (IF 18.8; 1 публикација), и други. Дури 19 од овие публикации се избрани за насловните страници на соодветните списанија со високо светско реноме. На пример, во списанија како што се Nature Reviews Chemistry (2021), Chemical Reviews (2015), Journal of the American Chemical Society (2013, 2020), Angewandte Chemie (2013, 2014, 2015, 2018, две во
2021), Inorganic Chemistry (2022), Chemical Science (2013, 2019, 2020), Advanced Materials (2020, 2022), Chemical Communications (2006, 2007, 2016) и CrystEngComm (2014, 2018). Оваа исклучителна научна активност е резултат на професионален, конструктивен, инклузивен и активен пристап којшто проф. Наумов го негува во неговата истражувачка група, како и добрата подготовка и искуство на членовите на групата, посветеноста на истражувачите, како и нивниот ентузијазам и способност. Резултатите од истражувања на проф. Панче Наумов се честопати опишувани во научно-популарни списанија или портали. Од особена важност се две статии објавени во списанието Chemical Reviews, едно од водечките прегледни хемиски списанија, чијшто фактор на влијание е 60.6 (2021).
Подрачјето на научните истражувања на проф. Наумов е пошироката област на науката за цврста фаза, со посебен интерес во дизајнот, синтезата, карактеризацијата, оптимизацијата и имплементацијата на паметни материјали. Науката за материјалите е една од најбрзорастечките области во науката, воопшто, а искуството со подготвување, карактеризација, оптимизација, моделирање и имплементација на нови материјали со предвидливи, корисни и конкретни својства со намена за конкретни примени во практиката е една од основните компоненти во таа насока. Четирите главни области на научниот интерес на проф. Панче Наумов се однесуваат на: кристални материјали, фотокристалографија, биолуминесценција и петролеомика (наука за нафтата). Во центарот на неговите истражувања се нови паметни материјали со необични својства, а особено нов тип материјали на динамични материјали што ги открива во неговите лаборатории. Некои од овие материјали сега се сметаат како основа за ефективна и контролирана претворба на еден вид енергија во друг, а особено на светлина или топлина во механичка работа. За овие материјали се смета дека претставуваат основа како алтернативен начин за конверзија на енергија.
Овде посебно заслужуваат да се споменат ултрабрзите фазни трансформации во цврста фаза, супереластични кристали, пластични кристали што може да се деформираат, саморепарирачки кристали, органски материјали со мемориски ефект, органски мартензитни материјали, механичка деформација на материјали, биогенски или патолошки кристали коишто се важни за медицински цели, и суперхидрофобни материјали што можат да се чистат без надворешна интервенција. Неговите истражувања во врска со таканаречените салиентни кристали (материјали коишто можат да ја променуваат својата структура на кратка временска скала) се особено добро оценети и препознаени од меѓународната научна јавност. Овие материјали, коишто претставуваат нова, неистражена категорија молекулски кристали, имаат способност за брза претворба на енергија во механичка работа или движење, и можат да извршуваат корисна работа. Тие сега се препознаени поради нивните невообичаени својства и се разгледуваат како материјали за примена во органската електроника и оптика, медицината, за паметни направи или сензори, како и за примена во меката роботика. Некои од овие материјали сега се тестираат како основа за активен медиум за безбедни литиумови батерии, цврсти прекинувачи, лесни органски оптички кабли за пренос на информации, како и за многу други примени.
Според националната статистика на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), каде што се наоѓа истражувачката лабораторија на д-р Наумов, неговата истражувачка група е водечки тим според квалитетот и квантитетот на објавените резултати од областа на хемијата. Според оваа база, неговата група продуцирала околу 45 % (2015), 50 % (2016), 37 % (2017), 42 % (2018), 42 % (2019) и 29 % (2020) според бројот на објавени трудови во државата во списанија со висок фактор на влијание. Во однос на фрaкцискиот индекс, којшто го одразува уделот од истражувањата во самата држава (без соработници од странство), неговите трудови се 63 % (2015), 70 % (2016), 43 % (2017), 37 % (2018), 59 % (2019) и 56 % (2020) од целокупната активност во ОАЕ. Од публикуваните трудови, повеќе од 120 труда се објавени од 2012 година кога Наумов започнал да работи во кампусот во Абу Даби, а повеќе од 70 труда се објавени во списанија што се дел од базата Nature Index. Наумов има објавено посебни поглавја во четири книги или монографии и два лабораториски прирачника.
Во 12-годишниот успешен и плодотворен престој на д-р Наумов во Јапонија, неговата научно-истражувачка работа била спонзорирана со грантови од три институции: Интернационалниот центар за млади научници (International Center for Young Scientists, ICYS) при јапонскиот национален институт за материјалите (National Institute for Materials Science, Глобалниот центар за одличност (Global Center of Excellence) при Универзитетот во Осака (Osaka University), како и од страна на Институтот за хемиски истражувања (Institute for Chemical Research) во Универзитетот во Кјото (Kyoto University). Од 2012 година неговата научноистражувачка работа е спонзорирана од самиот Универзитет во Њу Јорк. Оваа финансиска поддршка моментно вклучува околу пет позиции за пост-докторанти или истражувачи, како и значителна сума на средства за истражувања, материјални трошоци, патувања за учество во конференции и за лабораториски инструменти. Во текот на изминатите пет години, истражувачката група на д-р Наумов успеала да добие 3.6 милиони долари за спонзорирани проекти, од коишто 3.15 милиони долари од надворешни спонзорства. Заедно со стартап грантовите во Јапонија и ОАЕ, спонзорството за неговите истражувања досега достигнуваат повеќе од 12 милиони долари.
За истакнување е дека некои од надворешните спонзори на истражувањата на д-р Наумов се Националната компанија за нафта на Абу Даби (Abu Dhabi National Oil Company, ADNOC), Едукативниот совет на Абу Даби (Abu Dhabi Education Council, ADEC, скоро преименуван во Abu Dhabi Department of Education and Knowledge, ADEK). Д-р Наумов бил главен раководител на меѓународен проект со истражувачи од Германија и Франција спонзориран од страна на Human Science Frontier Program Organization (HFSPO) којшто се однесува на хемиски аспекти на биолуминесценцијата кај светулките. Раководел и со проект спонзориран од UAE National Research Foundation на ОАЕ којшто е во врска со дизајн и апликација на суперхидрофобни површини. Д-р Наумов има добиено и средства за два проекти од внатрешните фондови на Њу Јорк универзитетот во Абу Даби, како и неколку помали проекти во Јапонија и во ОАЕ.
На научни конференции и други научни манифестации проф. Наумов презентирал резултати од научни истражувања повеќе од 340 пати, а исто така има одржано околу 80 предавања по покана на конференции, како и 82 предавања и семинари по покана во разни академски институции низ целиот свет. Проф. Наумов организирал вкупно 8 меѓународни научни конгреси (Абу Даби-2015); конференции (Абу Даби-2016 и 2018); симпозиуми (Хонолулу на Хаваите-2015); микросимпозиуми (31. Европски конгрес за кристалографија, Овиедо, Шпанија, 2018; 22. Конгрес на Генералното собрание на Интернационалната унија за кристалографија во Мадрид, Шпанија, 2011); серија семинари (на Харвард универзитетот во САД и на Њујорк универзитетот во Абу Даби, OAE).
Најзначајни од нив се двете конференции за науката на материјалите што ги организирал во последните години: The First and the Second Middle-Eastern Materials Science Conference во 2016 (22 – 24 март) и во 2018 (12 – 14 ноември). И двете конференции, коишто се поддржани од Институтот при NYUAD, сега прераснаа во еден од најважните конференции во ОАЕ во областа на наука за материјалите. На овие конференции учествувале голем број истакнати научни предавачи и уредници на научни списанија, околу 40 во првата конференција и околу 30 во втората конференција. Овие научни конференции имале цел да бидат основа за зближување на научната заедница на ОАЕ со истакнати странски истражувачи, особено тие што работат во областа на науката за материјалите. Во април 2020 година, проф. Наумов одржал специјално предавање, т.н. Gerhard Schmidt memorial lecture, во Институтот Вајцман (Weizmann Institute of Science) во Израел. Ова годишно предавање е во чест на професорот Герхард Шмит (Gerhard Schmidt) и досега го одржале педесетина предавачи, а помеѓу нив и нобеловци, како што се Dorothy Hodgkin, Vladimir Prelog, Dan Shechtman и Jean-Marie Lehn.
Проф. Наумов учествувал или во моментов е член во вкупно 18 уредувачки одбори или советодавни одбори на реномирани меѓународни научни списанија (како уредник, гост-уредник, регионален уредник, консултант, и сл.). Д-р Наумов бил рецензент на повеќе од 70 научни списанија и за повеќе од 350 труда (Прилог 1) во списанија што се објавуваат од страна на Nature Publishing Group (NPG), American Chemical Society (ACS), The Royal Society of Chemistry (RSC), Wiley-VCH, Elsevier и други издавачи. Во 2020 година бил избран за еден од 5 % најдобри рецензенти за меѓународното списание Angewandte Chemie (Општа хемија) коешто го издава германското хемиско друштво. Помеѓу 2019 и 2021 година бил дел од интернационалнот советодавен комитет на списанието CrystEngComm, коешто го издава кралското хемиско друштво на Велика Британија. За истото списание на двапати (2015 и 2018 година) бил гостин уредник на специјални броеви од списанието. Од 2021 година е член на советодавниот одбор на ова спиание, а од 2022 година е член на уредувачкиот одбор на списанието Chemistry – A European Journal, коешто го издаваат 16 европски хемиски друштва.
Од 2021 година, д-р Наумов е член на уредувачкиот одбор на гласникот на Интернационалната Унија за Кристалографија (International Union of Crystallography) што ги покрива Европа, Русија и Средниот Исток. Во 2011 година, бил гостин уредник за ова списание каде во три броја (број 2, 3 и 4 од воументот број 19, 2011 година) од истото списание и ги координирал статиите за кристалографијата во 11 држави од југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Долги години д-р Наумов е и дел од уредувачкиот одбор на македонското списание за хемија, Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineeting (MJCCE). Д-р Наумов бил и член на комисии за одбрана на докторски дисертации на поголем број докторски и магистерски трудови (Прилог 1).
Проф. Наумов е член на американското хемиско друштво (American Chemical Society), кралското хемиско друштво (Royal Society of Chemistry, RSC), Европската кристалографска асоцијација (European Crystallographic Association, ECA), Американската кристалографска асоцијација (American Crystallographic Association, ACA), Националната академија на науките на ОАЕ (Mohammed Bin Rashid Academy of Scientists, MBRAS), и Кристалографското друштво на ОАЕ (Emirates Crystallographic Society, ECS). Д-р Наумов е поранешен член и на The Optical Society of America, Crystallographic Society of Japan, The Japanese Photochemistry Association, SPring-8 Users Society, Japan Society of Coordination Chemistry и Materials Research Society of Japan. Наумов е основач и на разгранокот на Американското хемиско друштво (American Chemical Society (ACS)) за ОАЕ, како и основач на Кристалографското друштво на ОАЕ (Emirates Crystallographic Society (ECS)), член на одборот на International Society of Bioluminescence and Chemiluminescence (ISBC), член на одборот на International Conference on the Chemistry of the Organic Solid State (ICCOSS), советник на European Crystallographic Association (ECA), како и советник на International Union of Crystallography (IUCr), и на други организации.
За неговите извонредни достигнувања во истражувањата од областа не хемиските науки, д-р Наумов е добитник на бројни награди и признанија. Во 2018 година, бил избран за член на Редклиф институтот (Radcliffe Institute) на универзитетот Харвард во САД што му овозможило една година да престојува на универзитетот Харвард. Д-р Наумов е добитник и на наградата Wilhelm Bessel Research Award од фондацијата фон Хумболт (Alexander von Humboldt Foundation). Исто така, неговите резултати се наградени со Asian and Oceanian Photochemistry Association Prize for Young Scientists. Како професор на Универзитетот во Осака, д-р Нуамов добил и Global Center of Excellence (GCOE) Fellowship. Во 2019 година ја добил наградата Hans and Marlies Zimmer International Scholar Program Award од универзитетот во Синсинати, САД. Има добиено и Global Research Initiatives Fellowship од универзитетот во Њу Јорк, што му овозможил двомесечен престој во огранокот на NYU во Мадрид, Шпанија. За целокупниот придонес кон науката и образованието во ОАЕ, во 2020 година на д-р Наумов му била доделена 10-годишна (т.н. златна виза) што му овозможува подолг престој во државата како личност од посебно значење и придонес. Истовремено д-р Наумов бил избран и за еден од само 33-те членови на првиот состав на Националната академија на науките на ОАЕ, Mohammed bin Rashid Academy of Scientists.
Датум на раѓање::30 Март 1975
Место на раѓање::Штип, Македонија
Членство во МАНУ::Член надвор од работниот состав, 2022
Одделение за технички науки
Област на работа: Електротехнички науки
Акад. Алајдин Абази
Институции: Универзитетот на Југоисточна Европа; осовската академија на науките и уметностите
Биографија
Академик Алајдин Абази е роден на 1 ноември 1942 година во Тетово. Во 1965 година дипломирал на Електротехничкиот факултет во Загреб. Како дипломиран електроинжењер се вработува прво во “XEK Југохром” а потоа во “Електростопанство на Македонија” (1965-1969).
Во 1969 година е избран за асистент на Техничкиот факултет во Приштина. Во 1970 продолжува со постдипломски студии на Електротехничкиот факултет во Загреб и во 1973 година магистрира на тема ,,Novi izolacioni materijali i njihova uloga u elektrotehnici“. Во текот на академската 1974/75 година престојува во Велика Британија, на Универзитетот на Северен Велс, Бангор, како визитинг-истражувач. Докторира во 1977 година на Електротехничкиот факултет во Загреб на тема “Storiranje i neutraliziranje elektrostatičkog naboja u tankim izolacionim filmovima”. Во период од 1979–1981 година бил декан на Техничкиот факултет во Приштина. Во текот на 1981 година, како визитинг-професор престојува во НР Кина, на Академијата на науките, каде што држи предавања во подрачјето на Теорија на електромагнетско поле. Потоа во академската 1981/82 година престојува во САД, како визитинг-професор на Универзитетот Вест Вирџинија, на катедрата за физика и електротехника (Фулбрајтова програма), каде што ги продолжува своите истражувања во областа на апликативна електростатика и електрети. Од 1982–1990 година, паралелно со својата работа на универзитетот, е назначен за претседател на Одборот на институтот „Инкос“, за научноистражувачка работа на „Електростопанство на Косово“ и за потпретседател на Одборот за научноистражувачка соработка YU-USA, како и за член на Одборот за развој на ,,Електростопанство на Југославија“. Во 1985 год. е избран за редовен професор за предметот „Електромагнетика” на Електротехничкиот факултет во Приштина.
Академик Алајдин Абази е еден од основачите на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, кој претставува нов модел на високообразовна институција во Република Македонија и во регионот. Во 2001 година е именуван за директор на Фондацијата на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, потоа и за Ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Во 2004 година е избран за претседател на Интеруниверзитетската конференција на Република Македонија (ИУКМ).
Како професор и ректор, држи предавања и презнтации на голем број универзитети во Европа (Германија, Австрија, Белгија, Турска, Албанија), во САД и Јапонија.
Академик Абази е автор и коавтор на значаен број на научно истражувачки и стручни трудови (преку 100), универзитетски учебници (Технологија на електротехнички материјали, Електромагнетика…), водел и соработувал во реализација на бројни регинални и меѓународни проекти. Објавените научни и стручни трудови во регионот и во светот во разни списанија, презентациите на конференции, како и проектите реализирани од 1973 година до крајот на деведесеттите и во почетокот на двеилјадитата година, се од областа на електротехнички материјали, теоретска електротехника и мерења, и од областа на енергетика и заштита на животната средина. Позначани трудови се:
- „TSC Spectrum Obtained from Electron Beam Charged PET films”, Buletinul Institutuliu Politehnik Din Iasi,Tomul XXIII(XXVII), Fasc.1-2,1977,
- „Analytical and Numerical Approach to the Calculation of Field and Potential for Calculable Standard of Capacitance”, Publishing House of the Hungarian Academy of Science (separatum) 1980,
- „Forces and Torques on Plane and Cylindrical Electrets in Slot Effect Transducers”, American Institute of Physics,54,4076,1983.
Од 2001 година објавувува трудови од областа на високото образование, на енергетика и одржлив развој, теорија на електрична моќност, квалитет на електрична енергија, како и информатичка технологија за одржлив развој. Позначајни трудови се:
- „SEEU-New Model of Higher Education Institution in the Region”, SEEU Review, Volume 1/No1/ISSN1409-7001, 2005,
- „Calibration of a Virtual Instrument for Power Quality Monitoring”, RE&PQJ-10 ISSN 2172-038X Renewable Energy & Power Quality Journal, No.10, April 2012,
- „Квалитет на доставената електична енергија и Европски стандарди”, Прилози, Оделение на технички науки (МАНУ), ISSN 1857-6656, XXXIV, бр.1-2,2014.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година, а за секретар на Оделението за технички науки во 2016 година.
Од 2011 година е член-оснивач на Албанската академија на уметностите и науките а потоа во 2012 година е избран за надворешен член на Академијата на науките и уметностите на Косово.
На Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово во 2010 година Академик Алајдин Абази е избран за почесен доктор ( doctor honoris causa) и именован за Ректор емеритус.
Академик Алајдин Абази е член на Уредувачкиот одбор на списанието „Прилози“, Оделение на технички науки (МАНУ) Скопје 2015 (ISSN 1857-6656), член на Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија при Владата на РМ од 2015, член на Македонскиот национален комитет на Светскиот совет за енергија (Macedonian National Committee for the World Energy Council) од 2015, член на Одборот на Универзитетот „Хасан Приштина“, Приштина, Косово (Anëtar i Bordit të Universitetit “Hasan Prishtina”, Prishtinë, Kosovë) од 2015 и член (Member) на Уредувачки одбор (Editorial Board) на списанието Academicus: international scientific journal, Vlorë: Academicus shpk Albania (P-ISSN 2079-3715, E-ISSN 2309-1088).
Академик Алајдин Абази е добитник на значаен број на награди и признанија.
Датум на раѓање::01.11.1942
Место на раѓање::Тетово
Членство во МАНУ::Редовен член, 2006
Email::a.abazi@seeu.edu.mk
Област на работа: Електротехнички науки
Акад. Леонид Грчев
Институции: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за елекротехника и информациски технологии, редовен професор, 1988–
Биографија
Акад. Леонид Грчев е роден на 28 април 1951 година во Скопје.
Во 1978 година дипломирал на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во 1982 година ги завршил постдипломските студии на Електротехничкиот факултет на Универзитетот во Загреб, каде во 1986 година ги завршил и докторските студии и ја одбранил докторската дисертација.
Во периодот од 1978 до 1988 година бил вработен во „Електростопанство на Македонија“ во Скопје, како инженер за телекомуникации. Во 1988 година акад. Леонид Грчев бил избран за доцент на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во 1993 за вонреден професор и во 1997 година за редовен професор. Од 1997 до 2002 година и од 2009 до 2016 година бил раководител на Институтот за електротермија и од 2003 година е раководител на Центарот за електромагнетна компатибилност. Од 1989 до 1991 бил соработник и советник во водечката светска консултантска и софтверска фирма за безбедност во електроенергетски системи Safe Engineering Services and Technologies во Монтреал, Канада. Бил гостин-професор на Техничкиот универзитет во Ахен, Германија (во мај–јуни 1993 и јули 1995), на Универзитетот во Упсала, Шведска (во јуни 1995) и на Федералниот технички универзитет во Лозана, Швајцарија (во периодот јуни–јули 2002 и јули 2005 година). Во академската 2002–2003 година бил гостин-професор на Техничкиот универзитет во Ајндховен, Холандија.
Акад. Леонид Грчев е автор и коавтор на над 300 научни и стручни трудови, при што на повеќето од половината од трудовите е прв автор. Неговите научни трудови според третираните проблеми можат да се класифицираат во следниве групи: развој на нов теоретски модел, негова практична примена и верификација со експерименти, во областите на анализата на брзите промени (транзиети) во големи и комплексни електрични системи со посебен акцент на влијанието на земјата, подобрување на заштитата од ефектите на атмосферските празнења, електромагнетна компатибилност и моделирање на атмосферски празнења. Трудовите се цитирани повеќе од 1750 пати (според Google Scholar 06.2016).
Еден од главните научни придонеси на акад. Леонид Грчев е развојот на досега најточниот модел за анализа на транзиентно електромагнетно однесување на комплексни системи во слоевити електрично спроводни средини. Оваа област на истражување станува сé поактуелна и поважна за понатамошниот развој на новите технологии, поради сè поголемата чувствителност на електронските системи на влијанијата од брзо променливото електромагнетно поле. Потребата од заштита на овие системи, кои се во основа на модерниот развој на информатичко комуникациската технологија, бараат сè поточни постапки за пресметка. Акад. Леонид Грчев го развил овој модел во сите елементи кои се потребни тој да биде широко применет во светот: ги поставил теоретските основи, развил ефикасни нумерички постапки, го верифицирал моделот по пат на споредба со експерименти, го проширил моделот за да опфати различни елементи на системите, го поврзал со постоечки стандарден софтвер за анализа на големи електрични системи и развил софтвер за интерактивна анализа. По долгогодишната работа на ова поле, акад. Леонид Грчев денес е прифатен во светската професионална научна заедница како основоположник на нова методологија и еден од лидерите во областа. Научните придонеси на акад. Леонид Грчев во научниот свет се прифатени како основна референца во областа, а нивното влијание е во постојан пораст – за што сведочи сè поголемиот број истражувачки групи во светот кои го применуваат и развиваат неговиот метод.
Меѓународна активност на акад. Грчев во наставната, научната, стручната и публицистичката област, која накусо резимирана ја дава следнава слика: организирал и одржувал настава на 5 постдипломски и напредни курсеви и бил коментор на докторски студии на реномирани универзитети во Европа; бил автор, коавтор и коуредник на 5 меѓународни монографии, автор на труд кој е вклучен во книгата на избрани трудови на IЕЕЕ, има објавено 43 трудови во меѓународни списанија (до јуни 2016 година), има презентирани 204 труда на меѓународни референцирани конференции, уредник е на 2 меѓународни научни списанија, бил претседател и организатор на повеќе меѓународни научни собири, бил претседател и член на научни комитети на повеќе меѓнародни конференции; рецензент е на трудови за врвни научни списанија; бил главен истражувач и учесник во над 20 меѓународни и странски научноистражувачки проекти, и гостин-истражувач во 6 реномирани институти и лаборатории во странство; член е на 7 комитети и меѓународни работни групи на CIGRE и CIRED – Париз и коавтор на 3 меѓународни препораки во областа на заштитата на електричните системи од електромагнетните влијанија, автор е на инженерски софтвер кој денес се применува во големи фирми во светот, какви што се, на пример, германскиот Siemens и францускиот EDF, како и реномирани универзитети во Европа, автор е на практични решенија за заштита од електромагнетни влијанија во Македонија, Германија и Холандија. Во 2013 година e избран за Fellow на IEEE (што претставува врвно признание на престижното најголемо светско техничко професионално здружение: Institute of Electrical and Electronics Engineers – IEEE), а во 2015 именуван е за IEEE PES Distinguished Lecturer (истакнат предавач во Здружението за електроенергетика на IEEE).
Акад. Леонид Грчев бил раководител на повеќе од 50 стручно-апликативни проекти за решавање на практични проблеми на заштита од електромагнетни влијанија во телекомуникациски, електроенергетски и постројки за пригоден гас и нафта во Република Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.
Област на работа: Информатички науки
Акад. Љупчо Коцарев
Институции: Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје; Институтот за нелинеарни науки при Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, САД.
Биографија
Академик Љупчо Коцарев е роден на 25 февруари 1955 година во Скопје. Основно, средно и високо образование (Електротехнички факултет) завршил во родниот град. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во периодите од 1985 до 1999 година и од 2007 до денес e вработен на Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија и Јапонија. Во 2006 година е избран за fellow на IEEE (член на Друштвото на електроинженерите во САД).
Научниот интерес на Академик Љупчо Коцарев е широк, опфаќајќи повеќе подрачја од физика, техничките науки, и компјутерските науки: нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теорија на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци. Во период од 1986 година до денес Академик Љупчо Коцарев публикувал повеќе од 140 публикации во часописи со фактор на влијание, повеќе од 10 публикации во (меѓународни и домашни) часописи без фактор на влијание, и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од (меѓународни и домашни) конференции. Тој бил едитор на 6 книги и автор на 6 патенти (одобрени во САД и/или Европа). Неговите публикации се цитирани според Web of Sceince (Science Citation Index) 6384 (6133 без само цитирање) пати додека според Google Scholar тие се цитирани 11248 пати (податоците од 25-10-2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Elsevier статиите публикувани во Elsevier се видени/пристапени преку порталот на издавачот 18946 пати (податоци до Септември 2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Springer, вкупниот број на превземени (dowload) текстови од книгите кои ги едитирал Акад. Коцарев е 36500 (податоци заклучно со 2014 година). Академик Коцарев соработувал со истражувачи од многу земји вклучувајќи ги САД, Русија, Кина, Јапонија, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Унгарија, Велика Британија, Австралија, Данска, Холандија, Франција, Канада, Мексико и многу други. Академик Љупчо Коцарев бил раководител на повеќе проекти финансирани од ЕУ (програмите ТЕМПУС, ФП6, ФП7 и Хоризон2020), САД (NSF, ONR, NIH), Германија (DFG), НАТО, компанијата ST Microelctronics и Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего и Министерството за образование и наука на Република Македонија.
За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007 година.
Датум на раѓање::25.02.1955
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Редовен член, 2007
Email::lkocarev@manu.edu.mk
Одделение за уметност
Област на работа: Академски сликар
Акад. Газанфер Бајрам
Институции:
Биографија
Акад. Газанфер Бајрам е роден во 1943 година во Приштина. Основно и средно образование завршил во Скопје. Во 1967 завршил Виша педагошка школа во Приштина. Од 1967 до 1971 работел како наставник по ликовно воспитување во основното училиште со настава на турски јазик „Тефејуз“ во Скопје. Во 1974 година завршил Академија за ликовни уметности во Белград во класата на акад. Младен Србиновиќ. Истата година се запишува на постдипломски студии (на Академијата во Белград) на Отсекот за монументално сликарство под менторство на проф. Божа Продановиќ и пом завршените студии се стекнува со звањето магистер.
Специјализира фреско-сликарство и мозаик. Како стипендист на италијанската влада бил на двогодишна специјализација на Отсекот за мозаик на Академијата за убави уметности во Равена (1981–1983). Во 1983 година се враќа во Скопје и од 1985 година работи како професор во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје. Ги предавал предметите: Теорија на форма и боја; Декоративно писмо; Цртање; Акт и Сликарски техники.
Од 1983 до 1990 година е ангажиран како сценограф и костимограф во повеќе театарски претстави во театрите во: Скопје, Куманово, Штип, Битола и надвор од Македонија, во Дубровник, Риека, Бања Лука. Работел и како сценограф на телевизиски емисии на МТВ.
Има учествувано на бројни самостојни изложби во земјата: Струмица, Битола, Охрид, Скопје, Велестово, и во странство: Рим, Истанбул, Анкара, Нацано и на групни изложби, како во земјата, така и во странство: Мелбурн, Рио де Жанеиро, Викторија дел Спирито Санто, Смолен, Софија, Равена, Рим, Орфорд, Лефкоша, Комрат, Сроково, Варшава, Краков, Белград, Нови Сад, Врање, Пирот, Газиантеп, Денизли, Истанбул, Мерсин, Сапанџа, Анкара, Брачано, Нацано, Волос, Атина, Солун и на други места.
Автор е на неколку монументални мозаици: „Мостот“ (1997), заедно со мозаичарот Паоло Ракањи од Равена (Италија), МОБ – Скопје; шесте мозаици во салата на Собранието на Република Македонија (1999); „Икаров лет“ (2000), мозаик во ВИП-салонот на аеродромот во Скопје; „Четири елементи – универзум“ (2015), подарок за МАНУ, како и на неколку мозаици: „Портокалов цвет 1“, „Портокалов цвет 2“, „Танчерка“, „Мелихат“ и тродимензионалните мозаици „Гнездо“ и „Олтар“ во највисоката резиденцијална кула „Портакал чичеги“ во Анкара, Турција. Неговите дела се наоѓаат во галерии и во приватни збирки во Македонија и во Австралија, Белгија, Бугарија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Канада, Молдавија, Полска, САД, Србија, Турција, Франција и др.
Има богата меѓународна активност преку учество и организација на бројни ликовни колонии во земјата и во странство. Како долгогодишен, од 1985 година, активен член во AIMC (Associacione Internazionale Mosaicisti Contemporanei) – Меѓународна асоцијација на современите мозаичари, со седиште во Равена (Италија), остварил учество на шест меѓународни конгреси во организација на оваа асоцијација за мозаик од кои едниот и самиот го организира – десеттиот конгрес во Скопје (2006).
Учествувал со предавања и водел работилници за мозаик на повеќе универзитети – на Филозофскиот факултет во Скопје, Универзитетот во Битола/ Охрид, на Универзитетот во Едрене и на Универзитетот во Измир. Учествувал и во неколку меѓународни работилници за заштита на мозаичното културно наследство во Македонија, како и во меѓународен проект за заштита на мозаиците во Хераклеја.
Поради особени заслуги и долгогодишен значаен придонес во областа на културата, во 2004 година е добитник на наградата „11 Октомври“, во 2006 година на наградата „Нерешки мајстори“ што ја доделува ДЛУМ, во 2004 година ја добива годишната награда на Советот на Општина Струмица за посебен придонес во негувањето и развојот на мозаичната уметност во Струмица, како и годишната награда на Здружението на турските медиуми во Македонија за придонес во уметноста на турската заедница во Македонија.
Член е на ДЛУМ од 1983, Член е на AIMC и на Извршниот одбор на оваа асоцијација во повеќе мандати, на Европско друштво за култура, S.E.C. (Societé Europeene de Culture) со седиште во Венеција, на асоцијацијата Mosaico Oggi во Рим и основач и претседател на Здружението на мозаичари од Скопје.Членувал во уметничкиот совет на колонијата во Денизли, Турција, во Кичевската ликовна колонија и е претседател на колонијата во Сапанџа, Турција. Основач е на Одделот за мозаик во рамките на Меѓународната струмичка ликовна колонија.
За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година. Од 2016 е секретар на одделението за уметност при МАНУ.
Датум на раѓање::17.03.1943
Место на раѓање::Приштина
Членство во МАНУ::Редовен член, 2012
Email::gbayram@manu.edu.mk
Област на работа: Писател
Акад. Митко Маџунков
Институции:
Биографија
Акад. Митко Маџунков е роден на 19 март 1943 година во Струмица. Основно училиште (1949–57) и гимназија (1957–61) завршил во Струмица, а Филолошки факултет, светска книжевност со теорија на книжевноста, во Белград (1961–67). Една година работи како професор, а од 1971 година бил вработен во Библиотеката на градот Белград. Акад. Маџунков започнал да пишува уште како гимназијалец, но како негов книжевен почеток се смета објавувањето на расказот „Воскресение“ во белградски Студент во 1965 г. Во периодот 1965–68 година тој често печати раскази во белградските весници и списанија (Студент, Видици, Дело, Савременик, Младост), а неговото име понатаму се појавува во Књижевне новине, Књижевна реч, Књижевност, Политика, Нова Македонија, Разгледи, сè до Књижевни лист. Во тој период добива повеќе студентски и градски награди за раскази, ја уредува познатата „Трибина 17“ на катедрата за светска книжевноста, учествува на бројни книжевни вечери, а неговото творештво уште пред да ја објави првата книга е претставувано од значајни писатели (Никола Милошевиќ, Данило Киш, Марко Недиќ и др.).
Во тој период Митко Маџунков објавува на српски јазик. Првата негова книга раскази Чудна средба (Видици) печатена е во 1970, а за втората, Убиј го зборливото куче (Просвета) ја добива престижната награда „Исидора Секулиќ“. Тие книги се многу високо вреднувани од бројни српски критичари, меѓу кои акад. Предраг Палавестра, Драган М. Јеремиќ, Милош Бандиќ, Љубиша Јеремиќ, Чедомир Мирковиќ, Марко Недиќ, Предраг Протиќ, Мирко Милорадовиќ, Благое Јастребиќ… Неговиот прв роман Кула на Ридот (Просвета, 1980) е оценет како врвно дело и од повеќе критичари е прогласен за книга на годината.
Во својот белградски период акад. Маџунков има објавено седум книги на српски јазик и се смета за билингвален автор, но уште додека живее во Белград, веќе по објавувањето на романот Кула на Ридот, тој полека се разврзува од белградската книжевна средина и целосно се посветува на творештвото на својот мајчин јазик.
Покрај споменатите книги раскази, Чудна средба и Убиј го зборливото куче, акад. Маџунков има објавено уште пет книги кратки прози (Меѓата на светот, Парадоксален сон, Дрвото на Нарајана, Грабнувањето на Европа, Астрагали); три книги есеи: Штркот единак и неговото јато, Чехов или Тајната на раскажувањето, Родното место на литературата. Повеќето критичари сметаат дека врв на неговото творештво се романите: Кула на Ридот, Домот ма Александар, Кон другата земја, Времето на ирвасите, Птиците од ланските гнезда. Тој е автор и на повеќе драми (Големиот Смок, Сенката, Пуста земја, Пат за Лихнидос, Мелница, Чудо големо и др.) изведувани на театарските сцени и објавувани во посебни книги. Составувач е на антологијата Раскази за Белград I-II.
Неговото творештво е преведувано на англиски, германски, француски, италијански, руски, бугарски, романски, полски и други јазици, а застапено е и во повеќе антологии и избори. Има преведено повеќе книги, главно, од македонски на српски јазик.
Добитник е на повеќе книжевни награди и признанија: „Исидора Секулиќ“, Рациново признание, роман на годината на Детска радост, книга на годината на Македонската книжевна фондација, роман на годината на Утрински весник; двапати ја има добиено и Годишната награда на својот роден град Струмица, а во 2015 година ја доби и Државната награда „11 Октомври“.
Акад. Маџунков е член на Здружението на писателите на Србија од 1970, а на Друштвото на писателите на Македонија од 1986 година. Истовремено е член и на Друштвото на независни писатели.
Од 2006 година тој пак живее во Македонија.
За член на Македонската академија на науките и уметностите, надвор од работниот состав, е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007 година.
Датум на раѓање::19.03.1943
Место на раѓање::Струмица
Членство во МАНУ::Редовен член, 2007
Email::mitkomandzunkov@manu.edu.mk
Област на работа: Писател
Акад. Божин Павловски
Институции:
Биографија
Акад. Божин Павловски е роден 1942 година во Жван, Демир Хисар. Основно образование завршил во родното место, средно во Битола, дипломирал книжевност на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Автор е на 19 високо оценети романи („Миладин од Кина”, „Дува и Болвата”, „Вест Ауст”, „Црвениот хипокрит”, „Уткини соседи”, „Враќање во сказните”, „Подвижни гробови”, „Роман за моето заминување”, „Египетска Сонувалка”, „Патување со Љубената”, „Агонија”, „Мирисите на Доилката”, „Викај ме Гудбај”, „Убавицата и Мародерот”, „Светлечкиот Поток”, „Зима во Лето”, „Рогот на Љубовта”, „Градинар, „Пустина” и „Америка, Америка”), две книги раскази („Фантасти” и „Лудисти”), три книги записи, есеи и колумни („Тага за мојата прва татковина”, „Назад кон Разумот” и „Розово на Црното”), патописот „Македонците отаде Екваторот“. Го напишал сценариото за прославениот филм “Австралија, Австралија”, освојувач на повеќе домашни и меѓународни признанија.
Неговите романи се носители на повеќе домашни и меѓународни книжевни награди и признанија: “Интербалканска награда за книжевност” во Грција, награда “Екселзиор” за унапредување на европската проза во Романија, награда „Железара Сисак” во Хрватска, награда „Младост” во Србија. Две негови дела се носители на „Рациновото признание”, две на наградата “Стале Попов” и две на наградата за најпродавана книга на Меѓународниот саем на книгата во Скопје. Ги добил и признанијата „Кочо Рацин”, „Духовен Воин” и „Прозни Mајстори”, потоа „Гоцевата” и „Печалбарската Повелба”.
Неговиот роман “Подвижни гробови” е објавен и во едицијата „Бисери на светската книжевност”, додека „Вест Ауст” е првиот македонски роман објавен на француски јазик во Париз како и на 15 други јазици. Неговиот богат опус доживеал над 60 изданија на други јазици.
Акад. Божин Павловски е троен добитник на највисокото државно признание во Република Македонија, наградата “11 Октомври”: во 1971 година за највисоки дострели во културата и уметноста како основач и раководител на „Мисла”, во 1979 за романот „Вест Ауст” и во 2008 година за животно дело во уметноста. Носител е на Орденот со златен венец за исклучителни успеси во културата и уметноста што се доделуваше во поранешната Федерација.
Во своите дела Божин Павловски е преокупиран со нашата современост и неговата литература претставува една од сеопфатните уметнички слики на социјалната, политичката и духовната ситуација на нашето време, цврсто поврзувајќи се со судбината на македонскиот човек во родната земја и во големата дијаспора.
Акад. Божин Павловски е еден од најпреведуваните македонски писатели на други јазици. За неговото творештво се објавени бројни есеи, студии и критики не само во земјата туку и во странство.
Романите на акад. Божин Павловски оствариле македонска и меѓународна афирмација, како по високите тиражи што заинтересирале бројна читачка публика, така и по извонредните толкувања на најпознати критичари од земјата и од светот.
Неговите раскази се застапени во сите антологии на македонскиот расказ.
За делата и творештвото на акад. Божин Павловски пишувале угледните критичари и есеисти: Милан Ѓурчинов, Георги Старделов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Ката Ќулавкова, Благоја Иванов, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Миодраг Друговац, Владимир Костов, Анте Поповски, Димитар Солев, Петар Т. Бошковски, Ефтим Клетников, Христо Георгиевски, Митко Маџунков, Гоце Смилевски, Санде Стојчевски, Бранко Цветкоски, Веле Смилевски и др., како и видните странски автори: Ален Боске, Пјер Гамара, Дину Фламанд, Јан Кефелек, Питер Крејвен, Кристијан Гидичели, Дарие Новачеану, Артур Силвестри, Света Лукиќ, Чедо Мирковиќ, Марко Недиќ, Срба Игњатовиќ и други.
Акад. Божин Павловски во 1965 година ја основал издавачката куќа „Мисла“, која беше водилка во забрзаниот развој на книгоиздавачката дејност во Република Македонија. Угледниот “Паблишерс Викли” од Њујорк во 1980 година ја вброи меѓу десетте најдобри издавачи во Европа.
Во 1990 година во Мелбурн (Австралија) академик Павловски ја основал издавачката корпорација „АЕА“, која ги издава неделните весници „Австралиско Македонски Денес“ и „Австралиско Македонски Неделник“. Тоа се единствени македонски неделници што излегуваат на слободен пазар надвор од Република Македонија.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988, а за редовен член е избран на 20 јуни 1996 година.
Датум на раѓање::07.01.1942
Место на раѓање::с.Жван
Членство во МАНУ::Редовен член, 1996
Email::bozin@westnet.com.au
Област на работа: Академски сликар
Акад. Васко Ташковски
Институции:
Биографија
Акад. Васко Ташковски е роден на 31 август 1937 година во Нижеполе, Битолско. Основно училиште завршил во Ресен, а во 1958 година дипломирал на училиштето за применета уметност во Скопје.
Во 1959 година се запишал на Академијата за применети уметности – отсек графика, во Белград. За време на студиите образованието го оформил кај истакнатите професори Богдан Кршиќ, Пера Младеновиќ, Мате Зламалик, во класата на прочуениот Миахило Петров, кај кого и дипломирал во 1964 година.
По дипломирањето на Белградската академија се вратил во Скопје и активно се вклучил во македонскиот ликовен живот. Повеќе од 20 години работел како сценограф во Македонската телевизија. Има изведено над 300 телевизиски, филмски и театарски сценографски решенија, како и сценографски решенија за музички фестивали и многу говорни емисии. Истовремено работел и на ликовни решенија од областа на графичкиот дизајн.
Досега организирал 52 самостојни изложби во Македонија и поранешните југословенски републики, како и во Каиро, Париз, Анкара, Виена, Њујорк, Романија.
Акад. Васко Ташковски со своето сликарство во повеќе групни и колективни изложби со успех ја презентира македонската ликовна уметност. Речиси да нема групна изложба кај нас или во странство на која учествувал, а платната на акад. Ташковски да не биле високо оценети или наградувани од страна на стручната и уметничката критика. Тој учествувал во над 150 групни и колективни изложби речиси на сите континенти во повеќе ликовни центри.
Ликовните критичари, историчарите на уметноста, поетите, писателите и други, за овој истакнат сликар од третата генерација македонски сликари имаат пишувано стотици страници, како за еден од најатрактивните претставници на неговата, а и на другите генерации сликари.
Стоејќи пред платната на акад. Васко Ташковски се соочуваме со прашањата дали човековото сознание е еден своевиден универзум во сеопштата делумно одгатната и затоа уште повеќе загатлива вселена или каква е врската помеѓу двигателот на мислата и бескрајноста? Во неговото сликарство погледот на вселената е поглед на занес и страв од мракот, како и страст да се навлезе во таинствените простори. Акад. Ташковски во своето сликарство се надоврзува на денешните живи класици на фантастикот Лем, Бердбери, Лукас. На неговите платна среќаваме знаци во кои делумно ги препознаваме Бош, Ернест, Кле, Дали. Акад. Ташковски е приврзаник на магијата на севозможните линии и бои. Сегодувањето на оваа алхемија во сликарството на акад. Васко Ташковски не извлекува од оковите со кои не притиснал современиот живот и не внесува во неговиот автохтон ликовен свет.
Неговите околу 950 слики во маслена техника и над 1000 цртежи, графики и околу 3500 акварели како и преку 10.000 скици, секоја за себе и во себе, се со свои тајни и таинствености. Преоѓајќи од една на друга слика во сликарскиот свет на акад. Ташковски, во доминантниот предел на неговото сликарство, кој речиси и не е обеспокоен од човекот, не ни даваат да се соземеме, туку се впиваат во нас отворајќи безброј прашања.
Поетиката на своето сликарство акад. Васко Ташковски ја развивал врз искуството на многу задгранични и овдешни сродни мајстори, давајќи му на фантастичниот свет свои акценти. Повремено во тој свет ќе ја препознаеме традиционалноста на таканаречениот магиски реализам во кој нема дефинитивни формули и нема логична историска и биолошка основа. Таквите традиции се преобразуваат во лични, недвосмислено уметнички достигања со големо естетско значење. Тие се процес на творештво и молитва за трајноста на уметноста. Тие традиции се зафат што ги добилижува сродните сликари, разграничувајќи ги во исто време во индивидуалноста во барањето и наоѓањето на свои врвици. По таква врвица чекори кон непознатото и акад. Васко Ташковски, со нем повик да му се придружиме како што сме им се придружиле на оние што не возбудувале со своите откритија на возможното и на невозможното.
За своето неуморно творештво академскиот сликар акад. Васко Ташковски е добитник и на голем број награди и признанија, но сепак неговото најголемо признание, како и едно од најголемите признанија што ги има добиено македонското сликарство воопшто, е застапеноста на неговите слики, како претставник на овој дел на Југоисточна Европа, во Антологискиот приказ на ликовната фантастика на светот.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 21 април 1994, а за редовен член на 20 јуни 1996 година.
Датум на раѓање::31.08.1937
Место на раѓање::с. Нижеполе
Членство во МАНУ::Редовен член, 1996
Област на работа: Филолошки науки
Акад. Влада Урошевиќ
Институции: Филолошкиот факултет во Скопје; Српската академија на науките и уметностите; Европската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија.
Биографија
Акад. Влада Урошевиќ е роден во Скопје, во 1934 година. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ, во 1957 година. Докторирал на истиот факултет со тезата „Фантастика и научна фантастика – сличности, разлики и области на интерференцијата“, во 1987 година.
Акад. Урошевиќ е редовен професор во пензија на Филолошкиот факултет во Скопје, којшто со забележлив успех се занимава со повеќе дејности, како на полето на литературата, така и на полето на книжевната наукa.
Со поезија во македонската литература акад. Урошевиќ се јавува во 1954 година. Ги објавил следниве поетски збирки: Еден друг град (1959), Невиделица (1962), Летен дожд (1967), Ѕвездена терезија (1973), Нуркачко ѕвоно (1975), Сонувачот и празнината (1979), Хипнополис (1986), Ризиците на занаетот (1993), Мане, текел, фарес (2002), Тајно злато (2016). Уште од своите почетоци поезијата на акад. Влада Урошевиќ се одделува со своите оригинални акценти и со својата свртеност кон пределите во кои владеат законите на ирационалното и нестварното, поради што критиката ќе го определи сонот како негов домен и белег и ќе го вброи во ретките поети, истражувачи и визионери во македонската литература. Како поет акад. Влада Урошевиќ е застапен во сите антологии на македонската поезија објавени по 1960 година во земјата и странство, како и во „Антологија на светската поезија“ (Турција, 1987), „Златната книга на сонетот“ (Унгарија, 1991) и др.
Во областа на прозата акад. Урошевиќ е автор на шест збирки раскази: Знаци (1969), Ноќниот пајтон (1972), Лов на еднорози (1983), Седмата страна на коцката (2010), Размена на пораки (заедно со Тања Урошевиќ, 2013), Тајна мисија (2013) и пет романи: Вкусот на праските (1965), Мојата роднина Емилија (1994), Дворскиот поет во апарат за летање (1996), Дива лига (2000), Невестата на змејот (2007), како и на книгите прозни записи Алдебаран (1991) и Париски приказни (1998) . Прозните остварувања на Урошевиќ внесуваат во македонската литература не само тематска новост туку и еден нов вид сензибилитет и една нова поетика.
Особен интерес акад. Урошевиќ пројавува за фантастиката, како во литературата, така и во ликовните уметности. За фантастиката во литературата зборуваат неговите книги Подземна палата (1987) и Демони и галаксии (1988), а за фантастиката во сликарството Чуда и чудовишта (2001) и Измислени светови (2003).
Во доменот на книжевниот есеј и книжевната критика Урошевиќ објавил повеќе книги посветени на дела и творци од македонската книжевност. Покрај објавувањето на одделни преводи од српската, словенечката и руската поезија акад. Урошевиќ преведува и од модерната француска поезија, и тоа: целокупното поетско дело на Шарл Бодлер, како и избори од поезијата на Артур Рембо, Гијом Аполинер, Анри Мишо, Пол Елијар, Андре Бретон, Жак Превер, Ален Боске, Лионел Ре. Урошевиќ е исто така составувач на пет обемни антологии на француската поезија, излезени во негов препев. Акад. Урошевиќ за некогашните југословенски простори ги преведувал на српски јазик поетските и прозни книги на Кочо Рацин, акад. Славко Јаневски, акад. Блаже Конески, акад. Матеја Матевски и други.
Опусот на акад. Влада Урошевиќ се состои од над 30 авторски книги, над 40 книги преводи, како и од поголем број антологии и избори. Учествувал, во својство на писател и на научен работник, на повеќе собири и симпозиуми во земјата и во странство.
Книгите на акад. Урошевиќ се преведени на повеќе јазици – англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански.
Интересот за ликовните уметности кај акад. Урошевиќ се манифестира низ изработка на дигитални колажи. Во ноември 2013 една голема изложба на овие дела, под наслов „Laterna magica“, е одржана во ликовниот салон на МАНУ.
Добитник е на повеќе награди и признанија, наградата „Младост“, „Нолит“, „Рациново признание“, „Браќа Миладиновци” (трипати), „Григор Прличев“ (двапати) и други. За својот книжевен опус, како и за своите заслуги во преведувањето и афирмирањето на француската литература, прогласен е од владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата а потоа и за офицер на истиот Ред.
Редовен член е на Европската поетска академија (Луксембург) и дописен член е на Академијата Маларме (Париз). Член е на македонскиот ПЕН-центар и Друштвото на писателите на Македонија (од 1961). За странски член на Српската академија на науките и уметностите е избран во 2006 год., за член на Словенската литературна и уметничка академија во Варна, Бугарија е избран во 2013 год., а во 2014 год. за член на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург, Австрија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јуни 1997 година.
Датум на раѓање::17.10.1934
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Редовен член, 1997
Област на работа: филолошки науки
проф. д-р Венко Андоновски
Институции: Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје
Биографија
Проф. д-р Венко Андоновски е романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата. Автор е на вкупно 35 првоиздадени книги на македонски јазик, од најразлични жанрови. Редовен професор е на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Бил и декан на Факултетот, а добитник е и на наградата „Свети Климент Охридски“ за образование.
Постдипломски студии по теорија на литературата со кроатистика завршува на на Филозофскиот факултет во Загреб. Таму, под менторство на проф. д-р Анте Стамаќ изработува магистерска теза на хрватски јазик под наслов Simboli “zvono” i “cvijet” u pjesničkim strukturama Antuna Gustava Matoša: status i funkcija. Но, поради војната во Хрватска трудoт е одбранет под видоизменет наслов: Симболски конфигурации во поетскиот текст (врз примери од Антун Густав Матош), на 21 мај 1992 год на Филолошкиот факултет во Скопје. Докторира на истиот факултет на 14 мај 1996 година, со тема Структурата на македонскиот реалистичен роман. Во комисиите за одбрана на магистериумот и докторатот учествуваа видни професори од Загреб и Белград: д-р Анте Стамаќ и д-р Никола Милошевиќ.
До сега предавал: нова хрватска книжевност, теорија на книжевоста, наратологија, семиотика, стилистика, македонска книжевност, светска книжевност и културологија. Како долгогодишен кроатист, Андоновски е единствен Македонец што објавил стручна стилистичка книга на хрватски јазик, во угледната едиција „Inozemni kroatisti“, knjiga sedma: Venko Andonovski, Matoševa zvona, „Matica Hrvatska“, Zagreb, 2005.
Како писател, Андоновски е автор на 2 книги поезија, 3 книги раскази, 4 романи, 18 изведени театарски пиеси и 1 сценарио за игран филм (Види: библиографија, театрографија, филмографија).
Повеќекратен добитник е на сите домашни награди за проза, драма и критика, како и на меѓународните награди „Балканика“, „Југра“ (руска меѓународна награда за најдобар роман од словенските книжевности преведен на руски, за „Папокот на светот“), како и на наградата „Петар кочиќ“ за српското издание на романот Вештица. Во 2018 година беше номиниран, со 33 светски писатели (меѓу кои и Нобеловци) за Толстоевата награда („Јасна полјана“). Тој е првиот Македонец што доби меѓународна книжевна награда по осамостојувањето на Македонија („Балканика“).
Еден од најчитаните македонски автори во Македонија во последниве две децении. „Папокот на светот“ е до сега печатен во 15.000 примероци, а „Вештица“ во 11.000. Еден од најизведуваните драмски писатели во последниве дваесет години во Македонија. Кандид во земјата на чудата беше на репертоарот на „Драмски“ цели седум години, со над сто изведби. За француското издание на неговиот роман „Вештица“, Милан Кундера, откако ќе го спореди Андоновски со Херман Брох и Карлос Фуентес, ќе напише: „Вештица е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа. Ве молам прочитајте го. Со љубовта која ја заслужува“.
Делата му се преведени на десетина јазици, меѓу кои и на англиски, француски, руски, унгарски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски…
Автор е на осум книги од областа на теоријата на книжевноста и културологијата. Приредил и превел од англиски статии за еден зборник од областа на книжевната семантика (Судбината на значењето од Сосир до Дерида) и една книга од областа на теоријата на литературата (Тери Иглтон: Литературни теории). Приредил и две антологии на македонската поезија (македонско-српска и македонско-англиска). Автор е и на една двојазична (македонско-англиска) ексклузивна монографија за културата на Македонија, Зеницата на Македонија, во коавторство со Глигор Стојковски. Автор е на два учебника по литература за средното образование. Бил вклучен и во изработката на два покрупни проекти на МАНУ.
Член е на ДПМ и Македонскиот ПЕН центар.
За дописен член на МАНУ е избран на 30 март 2022 година.
Датум на раѓање::30.05.1964
Место на раѓање::Куманово
Членство во МАНУ::дописен член, 30.03.2022
Киро Урдин
Институции:
Биографија
Киро Урдин е роден на 12 мај 1945 година во Струмица каде го завршува основното и средното образование. Дипломира на Правниот факултет во Белград. Студира на Академијата за применета уметност во Париз (1973/74 г.) Дипломира на Академијата за филм – Париз (1977 г.).
Живее и работи во Париз од 1974 година.
Од 1984 година до денес професионално се занимава само со сликарство.
Од 1984 година има реализирано над 100 самостојни и групни изложби во познати галерии и музеи.
Освен во Македонија каде излагал во Музејот на современа уметност и во Интернационалната галерија „Стоби“ (1994 год. и 1996 год.) има излагано во: Франција, Австрија, Швајцарија, Холандија, Данска, Шведска, Норвешка, Англија, Шпанија, Словакија, Германија, Грција, Јапонија, Кина – Хонгконг, ТаЈван, Јужна Kopeja, САД, Порторико, Мексико, Хавай, Тунис, а последната изложба се одржа во Галеријата на Гиј Питерс, познат светски галерист и тоа во Сан Пол’д Ванс – Франција. За таа изложба е снимен и филм.
Има реализирано самостојни изложби во музеите: Данобијана – Словачка за што има и книга-каталог. Со свои самостојни изложби се претставил во музеите: Ja ван д’Тогт – Холандија, Миура – Јапонија, во Музејот на убава уметност во Тајпеј – Тајван, како и во Музејот на убава уметност Сан Јуан – Порторико во 2001 г.
За неговите изложби е пишувано во околу 600 весници, речиси во секоја од земјите каде што излагал. Покрај спомнатите написи има дадено и над 30 интервјуа на телевизиските канали.
Сликата „Планетариум“ која е сликана низ најзначајните културни центри на светот, спаѓа меѓу најголемите во современа Европа, со површина од 48 м2. Сликата е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант NEWAUS, во Ејндховен – Холандија. Планетариумот како мултимедијален проект е меѓу првите како уметничко дело во ликовниот правец мондидализам. За „Планетариумот“ е снимен и филм на трака од 35 мм koj филм беше прикажан и на официјалната селекција на познатиот телевизиски фестивал во Монте Карло во 1998 год.
Во тек е финалната монтажа на ТВ-филмот „Догона“, снимен за Белгиската ТВ во Африка (Мали) за племето , Догони“. Филмот е инспириран од платното работено во маслена техника кое го носи истото име, а сликата е работена во племето .Догони“ и има димензии 3 х 4 м.
Од сликата и филмот „Планетариум“ во тек е реализацијата на пиеса kojа ќе се реализира како модерен балет од страна на познатата кореографка Дебра Вилсон од Канада. Дел од танчерките ќе бидат ангажирани и од балетот на МНТ, а дел од Канада.
Од страна на претставникот на Атинскиот ликовен музеј е избран како сликар од Македонија кој имаше самостојна изложба во Солун кога градот беше избран како културна престолнина на Европа. Изложбата беше реализирана од 9 до 20 јули 1997 година.
Досега за сликарството на Киро Урдин, покрај бројните каталози излегоа и книгите „Киро Урдин“, Париз, 1988, книгата каталог во издание на Музејот на современа уметност на Македонија во Скопје, 1994, во ноември 2000 год. Музејот во Данобијана ја издаде книгата „Ретроспектива на Киро Урдин“ по повод големата изложба организирана од страна на музејот во Словачка. Во текот на 1997 година во Париз излезе книгата „Планетариум“, на 170 стр. голем формат, во која се прикажани сите фази во изработката на сликата. Во 1998 година во издание на „Вило“ од Париз излезе репрезентативната книга од 200 стр. во која е прикажан дел од сликарството на Киро Урдин. Предговорот е на Жерар Хуригиера. Како последна репрезентативна книга излезе публикацијата „Киро Урдин – сликарство“, издадена од страна на големиот галерист Гиј Питерс.
Во 1999 година имал чест да излага во галеријата на Даниел Бесеих, покрај другите, со сликарите: Апел, Арман, Бернар Бифе, Сезар, Шагал, Корнеле, Дебре, Дубуфет, Дуфу, Хартунг, Кијно, Кислинг, Ланској, Линдрстром, Пикасо, Утрило, Васарели и Фламинк, а во Кнут Зут Белгија, во декември 1999 година да излага со Пикасо и со нобеловецот Гинтер Грас.
Од 1984 година, од кога професионално се занимава со сликарство има насликано над 1.500 слики во маслена техника и акварел.
Дел од сликите се наоѓаат кај видни колекционери, голем дел кај големи љубители на ликовната уметност кои не се колекционери, потоа дел од сликите се откупувани од галеристи каде што излагал и не колку слики се откупени и од музеите.
Датум на раѓање::12 мај 1945
Место на раѓање::Струмица
Членство во МАНУ::Надвор од работен состав, 2003
Сретен Перовиќ (Sreten Perović)
Институции: Дукљанската академија на науките и уметностите
Биографија
Академик Сретен Перовиќ (Сретен Перовић), поет, критичар, историчар на литературата, театролог, драмски автор, преведувач, антологичар, публицист и енциклопедист, научен советник, е роден на 15 февруари 1932 година во Горња Горица (Подгорица). Виша реална гимназија завршил во Титоград во 1950, а Југословенска и светска книжевност на Филозофскиот факултет во Белград во 1956 година. Како поет се јавил уште на седумнаесетгодишна возраст, во 1949 година, и за првата објавена песна ja добил наградата на ЦКНО на Црна Гора. Првата стихозбирка Звуци и даљине ja објавил во 1951 година, во издание на Книжевниот клуб на студентите на Белградскиот универзитет. За време на студирањето бил коорганизатор и соработник на кратковечниот Студентски књижевни лист (1952), еден од покренувачите и уредниците на книжевната ревија Видици (1953), како и претседател на Книжевниот клуб на студентите на Белградскиот универзитет (1954).
По враќањето во Црна Гора работел како професор по книжевност во титоградското Средно техничко училиште (1956-1961); истовремено бил и главен уредник на списанието Сусрети (1957— 1962). Во титоградското издавачко-печатарско претпријатие „Графички завод“, од 1963 година бил уредник на повеќе едиции и одговорен уредник на едицијата „Луча” – антологиска библиотека на црногорската книжевност, во која во 80-тина томови се објавени најзначајните дела на класичната и на современата црногорска книжевност. Од 1975 до 1981 година, Сретен Перовиќ бил одговорен уредник и директор на Издавачката дејност НПО „Побједа, а потоа главен уредник, заменик директор (1981-1983) и директор (1983-1991) на Лексикографскиот завод на Црна Гора и главен уредник за областа култура во проектот Енциклопедија на Црна Гора. Бил главен уредник на Црногорската енциклопедија на Дукљанската академија на науките и уметностите.
Повеќе од три децении Перовиќ е постојан театарски критичар на „Сусрети“ и „Побједа“, а во тоа време интензивно се занимава и со преведување, главно на македонската поезија.
Во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, Перовиќ, како истакнат театарски и книжевен критичар, бил претседател на жирито за документарна програма на ЈУ-ТВ фестивал от во Порторож, како и член или претседател на жирито на Фестивалот на мали и експериментални сцени (МЕС) во Сараево и Стерииното позорје во Нови Сад.
Перовиќ објавил неколку десетини свои книги, од кои 15 збирки лирска поезија. Неговата поезија е преведена на триесеттина јазици и претставена во бројни домашни и странски антологии. За своето книжевно творештво, Перовиќ е добитник на бројни награди, како и на најзначајните национални и високи меѓународни признанија.
Повеќе од пет децении Перовиќ преведува македонска поезија. За успесите во преведувањето на најзначајните македонски поети на српско-хрватски и на црногорски јазик (дваесеттина книги), добил значајни признанија: тој е првиот добитник на наградата Златно перо, којашто во 1972 година му ja додели интернационалното жири на Меѓународната средба на преведувачите во Тетово, за превод и препев на 5.000 стихови од Славко Јаневски во книгата Лукави Пејо Каинавелијски; звањето Понесен член на Друштвото на писателите на Македонија (2002); добитник на Почесното Рициново признание на 40-тите Рацинови средби во Велес, 2003; и високата интернационална награда Книжевно жезло (2004). Градоначалникот на Скопје му го предаде симболичниот клуч на Градот и го прогласи за Почесен граѓанин – поет на Скопје, во 2004 година. На собирот на Меѓународната организација Македонски духовни конаци, во 2006, во Струга, врачено му е високото признание „Духовен воин“.
Како долгогодишен претседател на Црногорскиот ПЕН центар, на домашен и на меѓународен план бил многу активен во одбраната на правата и интересите на Црна Гора, на црногорската култура и на обновената (Екуменска) Црногорска црква.
Перовиќ е втемелувач и актуелен претседател на Друштвото за црногорско-македонско пријателство и почесен член на повеќе институции, хуманитарни здруженија и невладини организации.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.
Датум на раѓање::15 февруари 1932
Место на раѓање::Горња Горица (Подгорица)
Членство во МАНУ::Надвор од работен состав, 2009
Email::sreten@t-com.me
Едгар Морен (Edgar Morin)
Институции:
Биографија
Едгар Морен (Edgar Morin) е современ француски филозоф, социолог, есеист и мислител од светски глас (роден на 18 јули 1921 година во Париз). Го сметаат за планетарен мислител на човековата комплексност. Неговото семејство потекнува од македонските Сефарди од Солун, кое на почетокот на минатиот век се преселило во Франција. Едгар Морен учествувал во Француското движење на отпорот, играл значајна улога во ова антифашистичко и ослободително движење, особено по средбата со Франсоа Митеран. Во 1945 година ќе се најде во Генерал-штабот на Првата француска армија во Германија.
По ослободувањето ja напишал првата книга Нултата Година на Германија, со која го привлекол вниманието на тогашните европски интелектуални елити. Со посредство на Жорж Фридман, кого го сретнал за време на Окупацијата и со поддршка на Морис Мерло- Понти, на Владимир Јанкелевич и на Пјер Жорж, тој стапил во 1950 година во највисоката Француска институција за научни истражувања (CNRS).
Денес Едгар Морен се смета за еден од столбовите на оваа институција, како заслужен директор на Центарот со големо влијание во целиот свет. Toj ja создаде и ja води Асоцијацијата за комплексна миела (АРС), претседател е на Европската агенција за култура (при УНЕСКО) и почесен доктор на над 15 универзитети во Европа и светот. Во Париз постои Институт Едгар Морен, додека од неодамна, еден универзитет во северно Мексико го носи неговото име (Universitad Edgar Morin) и пред зградата на Универзитетот е подигпат негов паметник.
Во севкупното дело на Едгар Морен, кое го сочинуваат повеќе од 60 книги преведени на над четириесетина јазици во светот (еден е од најпреведуваните француски автори во светот), доминира мисијата да го соочи светот со комплексности на светот и човекот и да ja предложи најсоодветната метода за нејзиното прифаќање. Неговата основна цел е да се реформира мислата и да се навлезе во парадигмата на комплексности, односно да се прилагоди на комплексната епистемологија.
За најзначајно дело на Едгар Морен се смета неговиот циклус за Методот, кое содржи шест томови и кое се смета за енциклопедиско дело. Денес во Франција и во светот Едгар Морен се смета за еден од најголемите живи мислители на нашата планета, посебно откако го напишал своето дело Земјата-Татковина (Terre- Patrie), објавено во 1993 година, во кое се застапува за тезата за „свеста на заедницата за овоземската судбина како вистинска планетарна свест“.
И покрај сложеноста на феномените за кои пишува Едгар Морен, нивниот комплексен научно-сознаен инструментариум, неговите книги се пишувани на кристално јасен, транспарентен и прифатлив стил за широката гама читатели. Неговиот есеистички заграб, во најубавата традиција на Монтењ, и на големите француски класични филозофи Декарт, Паскал, Монтескје и други, како и на современите Батај, Фуко, Леви-Строс и други, придонесуваат за силната рецепција на неговите дела во светот.
Покрај несомнената величина и вредност на Едгар Морен, значајна е и неговата приврзаност за Македонија и Балканот, која посебно доаѓа до израз во неговите книги Промислувањето на Европа (Penser ГЕигоре, 1987/ Видал и своите (Vidal et les siens, 1989/ и Љубов, Поезија, Мудрост (Amour, Poesie, Sagesse, Seuil, 1997/ Во овие книги се илустрира, историски и географски, тезата за императивот на Европа да се гради врз свеста на судбинското заедништво, а потоа да се проектира мисијата.
Во антрополошкиот роман Видал и своите, го реконструира животот на својот татко Видал (роден во 1894 година во Солун), на неговите предци, кои потекнуваа од Тоскана, запрени по прогонството од шпанската инквизиција во XV век. Во животот на Наум Видал се опфатени сјајот, залезот и смртта на јудео-христијанството, комплексноста на односите помеѓу Исток и Запад. Во книгата Едгар Морен го реституира и делото на „македонското минато на своето семејство“, заедничката култура на живеење (во османлискиот период), низ влијанијата во јазикот, обичаите, исхраната и др. Сето тоа е еден од основните мотиви на Едгар Морен да дојде за првпат во Македонија во 1990 година, како учесник на симпозиумот на Струшките вечери на поезијата. Неговото учество во работата на овој симпозиум во неговиот брилијантен и незаборавен настал со беседата Поезијата и крајот на векот, прерасна во еден од големите мигови на овој книжевен собир со голема меѓународна репутација. Во тие денови при посетата на Македонија, Едгар Морен, со совршена едноставност својствена на големите луѓе, сведочеше за својот живот, за сталинистичкото чистилиште низ кое мина во Франција, за споделените македонски и балкански корени на своите сефарадски предци. Морен својата беседа изговорена во Македонија ja објави во својата книга Љубов, Поезија, Мудрост, во делот Поезија, кај угледниот француски издавач „Seuil“, која денес е преведена на над дваесеттина јазици.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.
Датум на раѓање::18 јули 1921
Место на раѓање::Париз
Членство во МАНУ::Надвор од работен состав, 2009
Љубомир Левчев
Институции:
Биографија
Љубомир Левчев е роден на 27 април 1935 година во Тројан, Бугарија. Завршил Филозофско- историски факултет на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Потоа работел како редактор, а потоа и главен редактор на „Литературен фронт“. Тогаш влегува во политичкиот живот и станува заменик министер на културата на Бугарија. Во повеќе од два мандата, до 1988 година, Левчев ja врши функцијата претседател на Сојузот на бугарските писатели. Формира своја фондација и издавачка куќа „Орфеј“, како и списание под истиот наслов со меѓународен борд, каде што се објавени дела од повеќе македонски писатели и поети, меѓу кои и делата на Славко Јаневски, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Ефтим Клетников и др. Првата книга песни „Ѕвездите се мои“ ja објавува во 1957 година и со неа го свртува вниманието на бугарската критика како поет со исклучителна дарба. До последната објавена книга песни „Коњ со земни крилја“ која се појавува во 2009 г., Љубомир Левчев издал повеќе од 30 книги поезија, 3 романи: „Убиј го Бугаринот“, „Кој е следниот“ и „Панахида за мртвото време“ (наречен роман од спомени), потоа книга филозофски и политички расправи „Опасната слобода“, како и книгата „Поетското искуство“ во која ги открива начелата на својата поетика и своите сфаќања на поезијата.
Љубомир Левчев е еден од најзначајните бугарски поети, но и виден романсиер, есеист, историски публицист и филозофски мислител. Носител е на повеќе од 40 високи и престижни национални, балкански, европски и светски награди, признанија и одличја: избран е за Фелоу на Јејлскиот универзитет, САД; за член на Европската академија на уметноста, науката и културата, Франција; за член – основач на Европската академија за поезија, Луксембург; за член на меѓународната куќа на поезијата, Белгија; за член на Меѓународниот литературен фонд, Москва; за член на „Casa Nacional de la Poesia“, Линд. Истовремено Љубомир Левчев е добитник на наградата „Пушкин“, Москва; на позната награда за поезија на Сорбона, Париз; на светската награда за мистична поезија „Фернандо Риело“, Шпанија; носител е на Златниот орден за поезија на Францускиот институт, Париз; на звањето Рицар на поезијата, Франција, на Златниот венец на 49-те Струшки вечери на поезијата за 2010 година и др.
Метафизичната лирика на Левчев има еден автохтон, словенски, созерцателен, интуитивен и исповеден тон: таа е натопена со еден длабоко личен, интимен и интимистички внатрешен вглед. Неговата песна, како љубовта, никне од срцето, а се расцветува со умот. Со тоа Левчев се надоврзува на некои претставници на модерната руска поетска школа (Вознесенски, Висоцки, Ефтушенко) од кои го наследува наративниот поетски говор.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за уметност.
Датум на раѓање::27 април 1935
Место на раѓање::с. Тројан
Членство во МАНУ::Надвор од работен состав, 2012
Проф. д-р Златко Крамариќ
Институции:
Биографија
ЗЛАТКО КРАМАРИЌ e роден на 5 февруари 1956 година во Осиек, Република Хрватска. Дипломирал во 1978 година на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб на групата предмети славистика и филозофија. Магистрирал на истиот факултет во 1982, а докторирал во 1985 година на Филолошкиот факултет во Нови Сад. Во 1979 година е избран за асистент на Педагошкиот факултет во Осиек, во 1985 година за доцент на катедрата за македонска книжевност и јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ во Осиек. Во 1989 година е избран за вонреден професор при Катедрата за македонска книжевност и јазик, а во 2007 година за редовен професор. Бил на стручни усовршувања на универзитетите во Ванкувер и Вашингтон. Како визитинг-професор држел предавања на универзитетите во Манхајм, Прага, Скопје, Торонто, Париз, Осло, Москва, Нови Сад, Белград.
Од 1990 до 1992 година, Златко Крамариќ бил претседател на Собранието на градот Осиек, а од 1992 до 2005 година градоначалник на Осиек. Од 1992 до 2008 бил пратеник во Хрватскиот сабор. Од 2009 до 2011 година Златко Крамариќ бил амбасадор на Република Хрватска во Косово, а од 2011 година бил амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија.
Од почетокот на студиите почнува интересирањето на Златко Крамариќ за македонската литература, кое што се интензивира сè повеќе во текот на студиите и набргу добива димензии на вистинска стручност не само во областа на македонската литература, туку и во пошироките домени на македонската култура, како и на општествената и политичка ситуација во Македонија во минатото и денес. На научните собири одржани во Македонија, но и во други земји, Златко Крамариќ настапува со реферати кои ги донесуваат неговите погледи врз актуелните прашања поврзани со македонската книжевност, култура и сфаќањата за идентитетот, при што по изборот во звањето редовен професрор, Крамариќ има повеќе такви настапи, меѓу кои се истакнуваат оние во Охрид 2008, 2009, 2010, 2011, Риека 2011, Скопје 2011.
Златко Крамариќ досега објавил шеснаесет книги, огледи и студии, од кои од областа на македонистиката, целосно или делумно се однесуваат: Огледи за македонските романсиери (Скопје, 1986), Романите на Славко Јаневски (Скопје, 1987), Novi Experimentum Mecedonicum (Osijek, 1988), ж„Makedonske teme i dileme (Zagreb, 1991), Идентитет, текст, нација – интерпретација на црнилата од македонската историја (Загреб, 2009; Скопје, 2010), Политика. Култура. Идентитет (Загреб, 2012; Скопје 2012), Југословенството помеѓу траумата и идентитетот“ (Загреб, 2014; Скопје, 2015).
За книгата Идентитет, текст, нација во 2012 година, Крамариќ ја доби наградата „Кочо Рацин“ за унапредување на хрватско-македонските книжевни и културни врски. За целокупната своја активност тој го има добиено и високото признание што го доделува Македонската академија на науките и уметностите – медалот Блаже Конески.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за уметност.
Датум на раѓање::5 февруари 1956
Место на раѓање::Осиек
Членство во МАНУ::Надвор од работен состав, 2015
Ристо Василевски
Институции:
Биографија
Ристо Василевски е роден на 31 јануари 1943 година во с. Наконец, Преспа. Основно училшнте, од прво до четврто одделение завршил во с. Наконец, од петто до осмо во с. Љубојно, а средно техничко училиште, градежна насока, во Скопје. Вонредно студирал на Градежниот факултет во Суботица.
Во 1962-1963 година работел како градежен техничар во градежното претпријатие „Пелагонија“ од Скопје. Веднаш по скопскиот земјотрес заминува на отслужување на воениот рок во Пожаревац и останува да живее во тој град, вработувајќи се најпрвин како технички раководител на градежното претпријатие „Неимар“, а потоа како градежен стручњак – цивилно лице во тогашната ЈНА, во која останува до крајот на 1993 година. Неговото заминување од ЈНА се врзува за распаѓањето на СФРЈ и осамостојувањето на Република Македонија. Во Пожаревац активно се вклучува во книжевниот живот и воспоставува плодна соработка со списанието „Браничево“ и весникот „Реч народа“, во кои објавува серија книжевни прилози. Во август 1969 година се преселува во Смедерево. Во него го основа Книжевниот клуб „Смедерево“ и станува негов прв претседател; го покренува угледниот Меѓународен фестивал на поезија „Смедеревска песничка jeсен“ („Смедеревска поетска есен“) и станува негов долгогодишен директор, уметнички директор и главен и одговорен уредник на издавачката дејност; го втемелува југословенскиот Фестивал на детско книжевно творештво „Извор живе речи“ („Извор на живиот збор“) во Колари кај Смедерево, и го покренува младинскиот весник „Сутра“ („Утре“) – станува негов главен и одговорен уредник. Во градот Смедерево и во Србија ангажиран е и во многу други книжевни, издавачки и културни дејности. Бил уредник на повеќе списанија за книжевност, уметност и култура, а сега е уредник на најугледниот српски литературен весник „Књижевне новине“ од Белград, уредник на литературното списание „Моне Ауреус“ од Смедерево и член на Одборот на Меѓународниот фестивал Смедеревска поетска есен и на меѓународните Белградски книжевни средби. Од 1993 година е сопственик, директор и главен уредник на угледната издавачка куќа „Арка“ од Смедерево.
И како директор на Меѓународниот фестивал Смедеревска поетска есен, и како сопственик и главен и одговорен уредник на ИК „Арка“, Василевски посебно внимание й посветувал на современата македонска книжевност. За 37 години постоење на Смедеревска поетска есен не се случило учеството на македонските поети да не биде најмногубројно. На симпозиумите учествувале: академиците Димитар Митрев, Милан Турчинов, Гане Тодоровски, Георги Старделов, Александар Спасов и Катица Ќулавкова, и повеќе истакнати македонски критичари и есеисти.
Книжевниот летопис на Ристо Василевски започнува со објавувањето на неговите први песни во весникот „Нова Македонија“ (1960). Оттогаш редовно соработува во речиси сите позначајни весници и списанија што излегувале во Македонија, во поранешна Југославија, и надвор од неа. Досега неговата библиографија има над 3.000 биобиблиографски единици.
Преселувањето во Србија влијаеше Василевски да почне да пишува и на српски јазик, така што со книга на тој јазик дебитира во 1968 година, објавувајќи ja стихозбирката „Шапутања“ („Шепоти“), со која го сврте вниманието на југословенската книжевна јавност. Во истата година, на општојугословенскиот конкурс за необјавени книжевни дела, чиј претседател на жири-комисијата беше истакнатиот српски критичар, есеист и антологичар Зоран Глушќевиќ, Василевски ja доби првата награда за поезија „Ѓуро Салај“. Наградениот поетски ракопис под наслов „Временија“, преведен од македонски на српски јазик, го објавува во 1970 година. Оваа стихозбирка на повеќе српски критичари им послужи за правење анализи и споредби меѓу нејзината вредност и вредноста на поетските книги на српските поети што тогаш се објавуваа во Србија. Тоа беше повод Василевски да биде примен во Друштвото на писателите на Македонија, а малку подоцна и во Здружението на писатели на Србија.
Со поетска книга на македонски јазик Василевски дебитира со стихозбирката „Толкување на патот“ (1973). Зад неа следат уште 17 стихозбирки, детски книги, антологии, и аудио касети на македонски јазик и уште 18 поетски книги, романи, антологии и монографии на српски јазик. Тие на Василевски му обезбедија трајно место не само во македонската и српската книжевност, туку и пошироко – Василевски е виден учесник на многу домашни и меѓународни книжевни средби на кои добива и повеќе значајни домашни и меѓународни награди и признанија. Според податоците со кои располагаме, поезијата на Василевски е преведувана на над дваесет странски јазици.
Ристо Василевски е добитник на голем број престижни награди и признанија меѓу кои се: „Браќа Миладиновци“; меѓународните награди “The naji Naaman’s Literary Pritce”, Liban i “Balcanii si Europa” Bucarest, Романија; „Милан Ракиќ“ на Здружението на писатели на Србија; „Раде Обреновиќ“ на Змаевите детски игри од Нови Сад, Србија; „Почесно Рациново признание“ и други.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.
Датум на раѓање::31 јануари 1943
Место на раѓање::с. Наколец
Членство во МАНУ::Надвор од работен состав, 2006
Email::ristovas@ptt.yu
Д-р Али Алиу
Институции: Филозофскиот факултет во Приштина, Академијата на науките и уметностите на Косово
Биографија
Акад. Али Алиу е роден на 1 1 април 1934 година во с. Крани, Преспа, каде што го започнува своето школување и потоа го продолжува во Битола.
Своето школување во 1949 година го продолжува во Тетово во тогашната Учителска школа, каде што завршува само една училишна година, а патоа продолжува во Учителската школа во Скопје, каде што и матурира. По успешно завршената матура студира албанологија на Катедрата за албанолошки студии при Филолошкиот факултет во Белград.
Во текот на студиите, кои ги завршува со одличен успех, ja започнува и својата книжевна активност, релативно млад објавувајќи сериозни критички записи. Во тој период ќе биде еден од втемелувачите на книжевното списание “Përpjekja” („Стремежи“), кое ќе биде првата книжевна студентска трибина на Албанците.
По успешно завршените студии во Белград, Али Алиу се враќа во Скопје и се вработува во весникот на албански јазик “Flaka е Vllazërmit”. Во овој весник на Албанците во Македонија, Али Алиу ќе работи цела деценија (1959-1969), почнувајќи како новинар па се до уредник на овој весник, посебно на културниот дел. Во овој период ќе се истакне и како познат и бескомпромисен коментатор на весникот, покрај постојаната критичарска книжевна активност со која станува мошне познат и ценет не само во Македонија, туку и во Албанија и на Косово.
Во почетокот на 70-тите години Али Алиу ќе се пресели во Приштина каде што ќе се вработи како уредник на едиција во познатото Косовско книгоиздателство „Rilindja” и во оваа издавачка куќа ќе остане во текот на три години, придонесувајќи во голема мера за нејзината афирмација, со објавување на значајни книжевни дела, поддржувајќи низа надарени автори, кои подоцна ќе се здобијат и со висока афирмација.
Во 1974 година Али Алиу на Филолошкиот факултет во Приштина со успех ќе ja одбрани докторската дисертација „Делото и животот на Петро Марко“, која се смета како значаен прилог во рехабилитацијата на овој познат албански шпански борец и писател, прогонуван од енверскиот сталинистички режим. Во 1972 година Али Алиу ќе биде примен за предавал на Филозофскиот факултет во Приштина – на Катедрата за албански јазик и литература, на почетокот како предавач по предметот литература за деца и млади, и по две години и за предавач по предметот теорија на книжевноста. На ова работно место останува до 1990 година, кога како и еден поголем дел од професорите на приштинскиот универзитет поради тогашната денационализаторска и антиалбанска политика на Косово од страна на режимот на Милошевиќ, ќе биде исклучен од работата на Универзитетот. Во периодот кога ќе бидат оневозможени студиите на албански јазик на Универзитетот во Приштина, Али Алиу, со другите албански универзитетски професори ќе ja продолжи својата педагошка дејност во паралелниот образовен систем по куќи и приватни локали на Косово. Со нормализацијата на состојбата на Косово, Али Алиу, се до своето пензионирање ќе ja продолжи својата дејност како редовен професор по теорија на книжевноста на Филозофскиот факултет во Приштина. Ќе се здобие со углед на еден на најзначајните албански универзитетски педагози во доменот на теоријата на книжевноста. Ќе придонесе за формирањето на генерации дипломирани педагози, кои подоцна ќе се развијат и во универзитетски професори. Објавува неколку книжевни студии, рецензии, научни трудови и над 20 книги книжевни студии, антологии, десетици книги преводи.
Неговата неколкудецениска активност како врвен книжевен критичар, книжевен зналец и педагог, ќе биде крунисана во 1996 со неговиот прием во Академијата за наука и уметност на Косово, како нејзин редовен член.
Акад. Али Алиу зазема врвно место во албанската книжевна мисла и критика, останува нејзин мериторен творец, наоѓајќи се со децении во врвовите на книжевниот процес, како неуморен и врвен хроничар на сите нејзини фази. Неговиот углед како книжевен зналец излегува од регионот на албанскиот јазик и идентитет, за да се прелее и на македонските културни и книжевни простори, во кои се пројавува повеќе децении како угледен афирматор на вредностите на македонската литература во албанските јазични простори.
Како резултат на таквиот однос, речиси непрекинато, во период од четири децении, тој не пропушти позначаен автор или процес од доменот на македонската литература и култура, а да не го одбележи во поширокото албанско јазично подрачје, било преку преводи на бројни автори во одделни книги или студии од македонската литература во еден поширок балкански и европски контекст.
Автор е на повеќе учебници за албанската литература, како и на книги со повеќе изданија од областа на теоријата на книжевноста.
Неодамна во издание на издавачот „Серембе“ од Скопје се појавија неговите Избрани дела во четири тома на околу 2.000 странци и тие ги опфаќаат позначајните книги на авторот, пишувани во текот на четири децении, како: Маѓијата на зборот, Книжевни хроники, Дон Кихот кај Албанците, Како да ja читаме поезијата, Книжевни рефлексии, Критики. Овој избор од творештвото на Али Алиу, објавен по повод 70-годишнината од животот претставува исклучителен настан во албанската литература и култура и беше одбележан со промоции во Тирана, Приштина и Скопје.
Академикот професор Алфред Учи на промоцијата на книгата на последниот Саем на книгата одржан во Тирана, делото на Алиу го претстави како „мала енциклопедија“ на албанската книжевна критика, единствена од таков вид во албанската култура. Али Алиу не се смета само за еден од најугледните и најавторитетни книжевни познавачи, туку и толкувачи на албанската книжевна класика (Јероним Де Рада, Наим Фрашри, Фишта, Фан Ноли, Чабеј, Митруш Кутели и други), како и на современиците на оваа литература (Дритро Аголи, Јаков Ѕоѕе, Исмаил Кадаре, Фатос Арапи, Ват Кореши, Фатос Конголи, Висар Жити, Али Подримја, Азем Шкрели, Фахредин Тунга, Антон Пашку и др.).
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.
Датум на раѓање::1 април 1934
Место на раѓање::с. Крани
Членство во МАНУ::Надвор од работен состав, 2006
Email::alialiu@hotmail.com